|
Класики и пребројување
-10.02.2016г. Игор Т.
Последниот ден од јануари оваа година, го посветивме на качување на карпа, посетувајќи ја Демир Капија. Додека во изминатите најмалку 2 години, фокусот во овој период од годината ни беше на заснежените планини, уживајќи посебно во турно скијањето, оваа година, зимава, понашајќи се онако – пролетно, не’ подбуцна малку да се потсетиме дека е фино можеби и малку да покачуваме :)
И воопшто не беше тешко да се донесе таа одлука. Прогнозата за дента беше дека температурата во Демир Капија ќе се движи некаде малку над 15 степени Целзиусови и дека небото ќе биде чисто. Така и беше. Дури и недостасуваше она ветрето кое често во овој локалитет знае да ја отежни комуникацијата помеѓу нас кога сме на сидришта. Беше многу убав ден!
Како за прв ден оваа година, одлучивме да се запишеме, искачувајќи ги класиките – „Тулумба“ и „Полжав“. Си поминавме супер, а искрено се надевам во скоро време повторно да има ваква прогноза и да уживаме и во другите насоки :)
Дента ги качивме насоките под број: 2) Полжав и 3) Тулумба
Додека бевме таму, ја проверивме и кутијата со тетратката за запишување на искачувањата, која минатата година ја поставивме на крајот на април.
Бројките генерално ни се допаднаа. Фина активност и сигурни сме дека оваа година ќе има и повеќе искачувања!
Статистиката покажува дека во овој локалитет, во тој период од околу 8 месеци колку што постои кутијата таму, имало 47 искачувања (барем толку се запишани во тетратката) и тоа по насоки бројките се овие:
Б2 ------ 6 искачувања лани (прв пат искачена во 1980тите години)
Полжав ------------ 12 (во 1980тите години)
Тулумба ------- 7 (во 1980тите години)
Влатчева ----- 5 ½ (едно искачување лани е регистрирано како направено „до пола“; насоката прв пат е качена во 2000г.)
Гавран ----- 5 (насоката прв пат е качена во 1994г.)
Лево колено (насока од 2012г.) - 1
Славкова -- 2 (насока од 2000г.)
Блажева - 1 (прв пат качена во 1980тите години)
Чешит Мелем (нова насока во 2015) - 1
Јана (нова насока во 2015) – 1
не се чита/разбира ------ 6
Искачувањата (од тоа колку можевме да разбереме од потписите) се реализирани од тимови од скоро 40 алпинисти и качувачи, од кои 8 се девојки.
Весна во последната должина
Тоа! :) Ем си качувавме и уживавме во денот, карпата, природата – ем си ја остварив амбицијата со тоа статистиките :) Се надевам наскоро повторно овде!
|