Share

Дрезгање

-14.01.2013г., Игор Т.

Од пред некое време со Весна си го збогативме фондот на играчки т.е. опремата за планинарење. Дооооолго време ги мислевме и очекувавме дека во голема мера ќе ни го помогнат, олеснат и збогатат зимското искуство во планините и навистина е така: дрезги! Outdoor.mk во Македонија ги нуди моделите на Tubbs, компанија која е посветена на нивно производство и усовршување уште од 1906-тата година! Ние го одбравме моделот Xpedition, бидејќи сакаме да мислиме дека тое што го правиме во планините слободно влегува во групата на активности позната како „Експедиции“ :), наспроти другиот модел Journey (кој исто така моментално се нуди во Outdoor.mk) кој некако со својот превод „Патување“ - не нé прави доволно „хард кор“ кога би си муабетеле со пријателите и колегите... Се шалам секако!!!

Овие модели се и двата со можност за поставување на потпора (штикла) под петата, што во голема мера го олеснува движењето по угорнини, а разликата помеѓу нив е тоа што „експедицискиот“ модел има страничен флекс што веројатно во одредена мера го олеснува страничното движење – пречење по падините.

Експедициите...

Пред новогодишните празници направивме две: една на Попова Шапка, а друга од Патишка Река до Убава.
Првата ја искористивме за запознавање со сé што значи одење по снег со дрезги: по снег со различна цврстина, на страни од планината со различна ориентација, на снег со различна дебелина, ги откривавме границите до каде може да се потпреме на нив одејќи по најразлични стрмнини до степен на пролизгување, симнување по различни стрмнини итн, итн. Бевме воодушевени. Концентрирајќи се на откривањето на полесниот начин на одење со нив по тврд и мек снег, заборавивме дека тие всушност скоро пловат по снегот: далеку од тоа секако дека воопшто не се пропаѓа во снегот со нив, но неспоредливо е пропаѓање од 10цм во споредба со 100цм на мек снег и воопшто не пропаѓање со пропаѓање од 80цм на малку поцврст снег. Тоа пред сé значи: сува облека, побрзо и полесно движење, помалку напор...


Втората експедиција (заснована на успехот во првата :)) беше замислена да биде малку подолго движење со нив: тргнавме со намера да одиме од Патишка кон Солунска, но во целосна белина „од бачилото нагоре“, во видливост од не повеќе од 10 метри, бевме забегале од патеката и бевме приморани да бивакуваме некаде сосема на страна од замисленото. Следниот ден во слични услови си се вратиме назад до Патишка (благодарност до Ристе Калинов за возењето „во ниедно време“ до и од Патишка и во двата случаи!!!). Експедицијата секако беше далеку од успешна од аспект на постигнување на планираното, но беше повеќе од успешна од аспект на богато зимско искуство, а тоа мислам дека секогаш останува подолго во сеќавање :)

Во секој случај, дрезгите сега откако ги пробавме и самите и го искусивме тоа што го искусивме, дефинитивно се производ кој би го препорачале на секој човек кој сака да бидува во планините кога тие се бели! Ние секако се надеваме дека што поскоро со нивна помош ќе си се дружиме и со некоја друга планина...

Сепак би напоменал дека и покрај тоа што тие овозможуваат голема предност во движењето по снег, секако воопшто не ја намалуваат опасноста од лавини и слични други зимски сценарија кои знае да ни ги приреди планината. Секогаш бидете што подобро обучени, што подобро опремени и трудете се да бидете што побезбедни во планините – независно колку некои од нив ни се „домашни“ или “познати“! A еве и на Гугле како се движевме во двете тури (секако замислете си го теренот бел:)):

Copyright © Alpinizam.org