Големата Пречка на Тетоните
-текст и фотографии на Бојан Митковски
Од 1-ви до 3-ти Август 2008 година, македонскиот алпинист Бојан Митковски, член на Алпинистичко Друштво „Матка“ од Скопје, заедно со својот партнер Пол Ракел (Paul Rachele) ја направија т.н. Голема Пречка во Тетоните во САД. Еве што ни пишува Бојан:
„Искачување на 10 врва и тоа: Teewinot, Mount Owen, The Grand Teton, Middle Teton, South Teton, Ice Cream Cone, Spalding Peak, Gilkey Tower, Cloudveil Dome и Nez Perce.
Насоки: Источниот гребен на Mt. Owen (5.6), Северниот Гребен на G. Teton (5.8), Северо-западниот Кулоар на Middle Teton (5.6)
Ова дефинитивно беше едно од најисполнувачките искачувања до сега. Интеракцијата со планините – неописливо... Безбеден си само ако тотално им се препуштиш. Тие се себични и тука нема место за твоите другари од журките, твојата работа, твојот газда, твоите патетични „ниско-општествени проблеми“... Дури и значењето на партнерот (во вредност од 9 должини, наврзани заедно) е многу мало. Потенцијалните падови во тие должини се многу мали во споредба со качувањето по бесконечно долгата „лесна 4-та и 5-та класа“.
Планината е доволно стара и мудра да те види „кој си“ штом ќе стапнеш на неа, ја чувствува твојата енергија, посветеност и љубов коне неа, енергијата и подршката која блиските ти ја пружаат било кога си со нив или пак горе на планината. Доколку таа е голема и искрена ти си безбеден. Експонираноста е само шанса да видиш подалеку, глад (иако имав само 4000 калории храна за 3 дена) – не чувствуваш, спиењето на земја – најкомфорно, утринските зраци – најтопли.
Сонцето изгреваше и заоѓаше, деновите и датумите ми немаа значење, бев пресреќен, преисполнет – ЖИВЕЕВ. Само тука можам да го почувствувам вистинскиот вкус на чоколадото, свежината на водата, топлината на Сонцето ... Тука е искрено, тука е фер, тука е волшебно. Едвај чекам да се вратам назад.
Голема благодарност до мојот инструктор Костантин Циривири од кого научив сé што знам за планините и односот со нив и до мојот брат Глигор Митковски за секогаш прецизните временски прогнози“
Бојан Митковски – АД МАтка, Македонска Алпинистичка Асоцијација, American Alpine Club
|