Челана Димитријевиќ, член на Алпинистичкиот клуб Шри Чинмој од Скопје, во јануари оваа година беше во Непал. Таму таа се запознала со Нимдома Шерпа и самостојно двете при крајот на месецот си направиле трекинг до базниот камп на Анапурна - кој се наоѓа на 4130мнв. Еве на кратко за случувањето:
„За време на престојот во Непал имав можност да се запознаам со Нимдома Шерпа. Таа во 2008 година стана најмладата девојка која се искачила на Еверест – на своја 17-годишна возраст. Најдолу под текстот и фотографиите има кратко видео за нејзе...
Од Катманду со мало автобусче тргнавме кон Покара. Овој град е лоциран во централниот дел на Непал и е трет по големина после Катманду и Биратнагар. Покара е една од најпопуларните туристички дестинации и се карактеризира со тивка и спокојна атмосфера која владее во него и по убавината на околната природа. Тоа што е значајно за него е што е на некој начин како база за сите експедиции чија цел е качување во планинскиот масив на Анапурна.
Од Покара на 20-ти Јануари со такси тргнавме кон Најапул кој се наоѓа на 1070мнв. Тука започна нашиот трекинг. Се искачивме до Гандрук и тука ја поминавме ноќта. Едноставноста и убавината на местата низ кои нé водеше патеката целостно нé исполни и ни го засили впечатокот за непроценливата вредност на Хималаите. Нашето качување нé водеше кон Чомронг (2170м), потоа кон Бамбу и до Дован (2870м). Овде ја поминавме втората ноќ. Тоа се мали селца со едноставни услови за преноќување. Гостопримството на тамошното население целосно ги освои нашите срца и покрај така едноставните и скромни услови за престој. Следниот ден продолживме – секој ден се движевме по 7-10 часа и уживавме во природата. Стигнавме до Деурали (3230м) и следниот ден планиравме да стигнеме до базниот камп.
И така, на 24-ти Јануари најпрво стигнавме до базниот камп на Мачапучаре (6998м) кој се наоѓа на 3700мнв и од каде што можевме да го видиме врвот на оваа планина, но и на Анапурна 3 (7535м) и Хиунчули (6441м), а по 4 часа стигнавме и до базниот камп на Анапурна... Бев запрепастена од погледот. Врвовите ме восхитија со нивната убавина: Анапурна 1 (8091м), Јужниот врв (7219м) и Мачапучаре (6998м)... Кај базниот камп поставивме молитвени знаменца - симбол за молитва и благослов карактеристичен за Хималаите.
Овде преспавме и следниот ден со силно темпо почнавме со симнување. По околу 10 часа, во 7 часот вечерта стигнавме во Чомронг на 2170мнв. Следниот ден беше порелаксиран – продолживме со симнување до Најапул, а од таму со такси до Покара...
Беше многу инспиративно да се направи овој трекинг и директно да се почувствува величенственоста и големината на Хималаите. До базниот камп на Анапурна стигнавме за 4 дена од Покара, а може да се стигне за 5 дена од Катманду. Овој трекинг е многу популарен, но во овој период од годината до базниот камп освен нас, стигнаа уште само 20-тина други луѓе, вклучувајќи тука и носачи...
Со голема благодарност до Нимдома Шерпа за сета инспирација и поддршка.