Предговор

Маја е наша најинспиративна пријателка од светот на планините - и колешка на Весна. Премногу вљубена во нашите планини и секој викенд таму некаде... Нејзината искреност и весел дух се нешто што секогаш ги збогатува нашите срца. Овој нејзин текст е е-маил извештај до Весна за нејзината скорешна посета на Солунска Глава. Многу ни се допадна и решивме да го споделиме со вас...

Фотографите се од нашата заедничка посета на Солунска минатата година и од нејзините први чекори во светот на алпинизмот на едно вежбалиште на Матка...

 

- Весна и Маја на Матка

Како си поминав на Солунска

Да ти кажам право беше ептен ептен...

Првиот ден пешки од Папрадиште до домот, па до изворот на Бабуна па назад. Кај Папрадиште – билијарда непрскани сочни јаболка – ги наполнивме ранците и тргнавме. По патот имаше и капини, а за печурки ни збор. Накај водопадот и изворот на Бабуна (незгодно додуша патче) нагазивме на гнездо од оси. Јас, Влатко и Горан си добивме следување за тоа. Со нас беше и Кристијан – Германецот, но вчера мораше да си оди, па така само јас, Влатко и Ана ја качивме Солунска Глава без да трчаме. Другите се натпреваруваа...

Вечерта (сабота према Недела) кога се вративме од изворите во домот пекав дека не сум набрала печурки, а таму беше фабрика за печурки. Немаше место да седнеш од нив – а луѓето береле, береле – не е ни чудо што не најдов ни една. Еден од домарите се сожали и ми даде цела торба вргањи и по некој срндач и така цела вечер ја преседов во кујна и тогаш – црвена од ќумбето, нечешлана и бушава ме снимаше новинарката на А1 како ги пржам печурките. Ме имало сабајле на А1 (реприза од 2 до 4 попладне на А1+) Влатко ми кажа дека сум изгледала како за да ми се смееш. Печурките инаку 400 МКД кило, таму ги фрливме, а Кристијан после ги купил за таа цена на пат накај дома :(

Јас видно уморена се враќав со џипот од домот до Нежилово и таму купив кило и нешто пастрмка и галев џиновски зајаци и ни го покажаа целиот рибник – имаше и пауни… И така стигнувам јас во седум дома, испотена, прљава, гладна, натоварена со два ранци, јаболка и пастрмки (печурки не ми текна за жал) и гледам нема никој дома. Саат време ги чекав моите – ја чекале мајка ми од Кичево (автобусот каснел, ама на нив не им текнало да ми остават некаде клуч)

Си легнав лута ама ми помина. Времето инаку беше супер, во Сабота малку тмурно, но не врнеше а вчера беше супер дури не ни дуваше на врвот. Врвот чист а облаците под нас:) Епа така си поминавме генерално – а ти како си???

И уште нешто:

Дека не возеше еден луд шофер и дека имаше тенденција да не истресе некаде од комбе зошто не возеше на кривините со не знам колку на саат, а не знаеше ни он зошто му беше расипана километражата:)

И кога стигнавме таму сите бевме бледи и ни се повраќаше. На враќање не возеше исто така лудо и тоа со дупната гума, па ја пумпавме на секоја бензинска и претицувавме коли со комбе – важно брзо стигнавме.

Во домот имаше кревети, а ние спиевме во соба со некои војници – многу интересна класа на луѓе. Ни беше забавно со нив, само не и со миризбата на нивните нозе. Сва среќа што Влатко малиот имаше една маст за загревање и едниот од нив стави на раката оти го боли и оти таа од аптека му дала место кинеска маст за загревање – кинеска маст за хемороиди и тој сакаше да се врати и да ја убие овцата:)

Мораше да почека до денес:)

И така цела вечер ме штипеа очите од маста ама среќа не мирисаше на пцовисан стаорец:)

 

 

Copyright © 2005 Alpinizam.org