Mаљовица 2008
-Успешно реализирана алпинистичка акција
Кадровската алпинистичка акција ‘‘Маљовица 2008‘‘ заврши вчера со враќањето на сите учесници здрави (со исклучок на Коки - стомачен вирус) и живи во Македонија.
Кадровските алпинистички акции МАА веќе традиционално ги организира во овој алпинистички локалитет, кој со својот потенцијал нуди навистина многу за развој на млади алпинисти. Гранитот е одличен, се качува на планина од 2000 до 2700 м.н.в, насоките не се баш идеално оклинчени, карпите не се баш лесни за ориентација, а има и можност за средби со алпинисти од целиот свет.
Овогодишната акција помина успешно и покрај малите проблеми што ги имавме со сместувањето, времето и вирусната епидемија. Како што и се очекуваше најмногу воодушевија младите надежи на ‘‘Матка‘‘ и македонскиот алпинизам - Илија - Ико (Циривири, алијас Радио Алпинист) и Панде (Фармаков, алијас DJ Combibus). Тие качуваа релативно комплицирани алпинстички насоки со тежина од VII-, и тоа во водство. И останатите, Темјана, Нино, Жика, Ристе, Аце (Дончев) и Круно се покажаа одлично, качувајки голем број насоки со тежини од V+ до VII-. За Коки, ќе ги прашате учесниците во акцијата.
Оваа акција беше уште една потврда дека инвестициите што ги правевме во минатото во друштвото Матка и МАА, во правец на обука на млади алпинисти, даваат резултати. Во изминатите години го занемаривме постигнувањето врвни алпинистички резултати низ познатите локалитети во светот, но тоа со оглед на целокупната општествена ситуација и стандардот на живеење, прашање е дали беше возможно.
Во Македонскиот алпинизам имаме богато искуство и потенцијал за врвен квалитет распореден низ различните генерации македонски алпинисти. Крајно време е сите алпинисти во Македонија да се обединат во правец на реализирање на стратегија за развој на македонскиот врвен алпинизам. Грешките што ги правевме во минатото, дозволувајки им на шупоглави манипуланти заради нивните лични фрустрации да ни го растураат алпинизмот, не смееме да си ги дозволиме во иднина. Знаењето на македонските алпинисти од земјава и оние кои живеат и качуваат во странство е одлична база за започнување на долгорочна акција за врвни алпинистички достигнувања, која ќе го воведе македонскиот алпинизам во нова развојна етапа.
Повеќе информации - АД „Матка“ и Македонска Алпинистичка Асоцијација |