Сребрената патека

- текст на Маја Мухиќ

Пред неколку месеци, еден пријател ми подари фотокопија од краток есеј. Пријателот веќе подолго време е запознаен со мојата фасцинација со планините и карпите и со начинот на кој живеам, одибувајќи се да се нурнам во бескрајот на височините и вертикалите, секогаш кога можам. Есејот е од А. Алварез и се вика, сосема едноставно Ризик. Алварез е автор кој твори во средината на 20-от век и е доминантна фигура во етаблирањето на британскта поезија по 50-те.

Алварез сосема едноставно го започнува својот есеј, навраќајќи се на своите 30-ти. Која коинциденција што ете и јас го живеам тоа животно доба. Алварез вели дека во тој период му се распаднал бракот и дека бргу потоа се стекнал со репутација на „див човек“.  Алварез имено, започнал да качува и како што вели тој, „качувачите ме прифатија, оти бев добар, втор качувач“. Впрочем, продолжува тој понатаму, повеќето луѓе со кои качував беа бегалци од светот на бизнисот, медицината, академијата. Па сепак, Алварез ќе влезе и во втор, среќен брак, но тоа повеќе нема да смени ништо во неговата пасија да качува. Таа едноставно ќе остане вечна варијабла, мерка на сите нешта во овој свет.  

Неколу реченици постојано резонираат во мене кога помислувам зошто толку многу го сакам качувањето, а толку тешко ги наоѓам зборовите да на оние, кои тоа не го прават, им ја објаснам моќта на качувачката страст. Алварез вели, пред сé, одите на диви, прекрасни, честопати осамени и изолирани локации. Качувањето, вели тој е и физичка активност, од посебен, интелектуален вид. Секоја должина е серија на специфични проблеми: кои фаќалишта да се користат и во која комбинација за да се биде безбедно и без трошење на премногу енергија. Секое движење мора да се разработи според критериумите на напор, баланс и последици кои можат да произлезат од истото.

Тој вели понатаму, дека кога качува размислува со неговото тело. Качувањето е и она доживување во кое треба целосно да сте одговорни за секое свое движење. Така, прекрасните, тивки и моќни планини и карпи, се веројатно местото на кое можете да постигнете најголема бистрина на умот и дисциплина на вашите неурони. Ризикот вели тој, е токму онаа субстанца која го концентрира умот, ги изострува сетилата, и го прави животот потактилен, дури  и посладок, токму поради тоа што за миг, низ адреналискиот отров кој пулсира во секој атом од нашето битие, го доведува во прашање.   

Можеби мојот вовед е предолг, но не можев поинаку да го започнам својот прв текст за качувањето, без овие согледби.

Сончево утро. Игор и Весна (Талевски) ме чекаат на големиот скопски булевар. Небото е сино иако претходните денови не се гледаше ниту еден слој од неговото синило. Се чинеше како некој да замавнал со небеска четкичка и во најубавите акварелни бои го префарбал сино за нас... тиркизно, мирно. Игор и Весна со нивните ранци пријдоа до мојата кола, чекорејќи со внатрешниот мир кој го имаат само оние луѓе кои очигледно со барем половина од себе, живеат во и со планините и карпите. Дојдовме набрзо до насоките. Игор и Александар (Зарапчиев) одлучија дека ќе одат на Козина (ако не грешам,  Козина во превисот има оценка VI детаљ, но тоа оставам на нив да кажат). Веројатно Козина им понуди доза на авантура, особено околу детаљот со превисот, но истовремено и прекрасна позиција од која можеа на Весна и мене да ни направат исклучително добри фотографии.

Бев неверојатно возбудена пред самата помисла дека изминативе 10 години во Македонија немало женска наврска, по онаа на Весна и Анела (Ставревска–Панајотова) во 1999-та (мислам). Дојдовме Весна и јас под Циго. Циго е исклучително убава насока. Бара (како впрочем сите насоки секаде, а секако и на Матка) многу коцентрација, особено третата должина, но затоа пак нуди неверојатно чувство на отвореност, на потполно сплотување со небото и воздухот, поради својата експонираност и поради тоа што е така изложен кон светот. Него го допираат и сонцето и ветерот, од него, дури и погледот врз езерото е поинаков. Се договоривме дека Весна ќе води. Јас водам на спортски насоки и на полесни должини, но возбудата не ми дозволи овде јас да водам. Привилегијата да качувам со Весна беше исто така преголема. И тргнавме...

Не можам а да не кажам дека Игор и Весна ги качуваат карпите со грациозност која многу малку од нас ја имаме дури и кога се движиме по сосема нормални, хоризонтални патеки низ животот. Весна се движеше со леснотијата на воздухот, благо и нежно вибрирајќи по карпите. На првата должина, кога беше на сидриштето, довикна со истата благост со која ги качуваше карпите: „Ослободи Јаже“. Игор се пошегува од работ на Козина, и рече да викнеме помоќно, погласно. Се насмевнав и со некаква драматуршка сериозност викнав: „Јаже ослободено“ и појдов по воздушните стапки на Весна. Качувавме со неверојатна уиграност. Се чинеше како да се разбираме во секое движење, во секој здив, во секоја мала пауза.

Дојде и третата должина, изложената плоча на Циго. Циго го качував и претходно со други пријатели, но таа должина секогаш ме застрашуваше со својата изложеност и отвореност. И во движењата на сите кои го водеа, имаше нешто моќно, но истовремено и нешто што ми создаваше немир во помислата дека наредна јас, ќе требам да качувам таму. Но со Весна, универзумот пулсираше во сосема поинаков ритам. Весна се движеше со преубави грациозни движења кои одѕвонуваа со леснотија, насмевка, радост. Кога стигна на кутијата и ме повика да се подготвам и тргнам, појдов со истата леснотија која Весна како сребрена нишка ја оставаше зад себе... Присеќавајќи се на леснотијата со која се движев во оваа должина, се чини дека навистина Весна оставаше сребрени нишки на грациозност и убавина по кои јас понатаму се качував.

Неверојатно, но се движевме со исто темпо со Игор и Алаксандар и се чини дека скоро во ист момент се најдовме и на висина на кутијата. Ја отворивме тетратката, во која Весна го нацрта своето волшебно цветче, а јас и се заблагодарив за сребрената нишка, за волшебниот ден и за фотографиите кои Игор цело време ги правеше додека качувавме. Остана уште излезот од Циго (четвртата должина) и конечното излегување од насоката на Манстирот Св. Никола Шишевски.

По половина час излеговме од насоките... Мојата душа растреперена, Весна насмевната. Легнавме во тревата на Шишевски... Уште многу денови по тоа во мене вибрираше мембраната на мојата душа присеќавајќи се на волшебниот ден со Игор, Весна и Александар - и првата женска наврска по десет години. Прекрасно.

Ви благодарам за денот, за сребрената нишка, за грациозноста, за погледот кон Љуботен кој секогаш толку моќно продира низ универзумот со својата бескрепкорно пирамидална форма, за пеперутките во стомакот, за небеската четкича со која го обоивте небото во сино тој ден...

- искачувањето беше направено на 05.04.2009г.

 
Copyright © Alpinizam.org