Искачување на Матерхорн по гребенот Хорнли - Август/2003г.

- текст на Надир Мурсели

Беше почеток на Јули. На Матерхорн решивме да одиме заедно со Јусуф Лазами, со кого во 2001 година бев и на Монт Блан. Во 2003 година Јусуф беше на посета кај негови роднини во Швајцарија, каде живеам и работам и тоа беше одлична можност да пробаме заедно да се искачиме и на Матерхорн.

Податоците зборуваа дека официјално до тогаш повеќе од 20 години никој од Македонија не бил на овој прекрасен врв. Тоа беше мотив повеќе да го ставиме под нашите нозе.

Околу 10-ти Јули пристигнавме во домчето Хорнли кое се наоѓа на височина од 3260м – точно под самиот врв Матерхорн. Со нас до тука дојде и мојата поубава половина - Карин, која остана во домчето.

Со Јусуф планиравме да се качуваме кон врвот во 4:00 часот наутро. Се подготвивме за поаѓањето, но времето надвор не беше баш најдобро. Носевме два ранци и опрема за бивак. На Јусуф ранецот му беше поприлично тежок, што не беше баш најдобро за движење. Кога стигнавме на висина од околу 3700м почна да заросува. Тоа беше причина за ние споро да се движиме барем до тука. Во тие мигови од Карин добив СМС порака во која стоеше прогноза дека наредните денови времето нема да се подобри. Поради тоа што планиравме да заминеме на одмор во Тетово не можевме да го одложиме искачувањето и да чекаме подобрување на времето.

Движењето не беше баш лесно по Хорнли, а на неколку пати бевме сами. Требаше да се држиме за гребенот – не многу лево и не многу десно. Јусуф до тогаш се немаше качувано на карпа и затоа се движевме како на насока – јас го осигурував на секои 40-50 метри. Тежината на насоката не ја преминува оцената повисока од III или III+ константно и само на некои места беше со оцена IV. Знаев дека е осигурано со фиксни јажиња и дека нема да претставува некој голем проблем за Јусуф.

Сепак по добиената СМС порака решив дека нема смисла да се продолжи нагоре. Му го зедов потешкиот ранец на Јусуф и тргнавме надолу. По некој час стигнавме до домчето каде грмеше и не беше пријатно поради опремата – цепините и другото што носевме што лесно ги привлекува громовите. Тоа може да биде многу опасно за секој алпинист или планинар.

Јусуф под ХорнлиИнтересно е дека претходно, кога се сретнавме со неколку луѓе кои се вратиле од врвот еден ден пред ние да дојдеме во домчето, тие ни кажаа дека целиот Хорнли е сув, без снег и не им требале цепини и дерези за да стигнат на врвот.

Две недели претходно се имав искачено на два врва повисоки од 4000м – Монх (4100м) и Јунгфрау (4150м). Кога бев на Јунгфрау пропаднав во една пукнатина, но за среќа сé помина добро. Дента беше топло, а кога е топло паѓаат многу камења или се отвараат пукнатини во глечерот... Од тука и не се чудев што целиот гребен Хорнли е скоро сув. Годината беше многу топла.

За време на одморот во Тетово се сретнав со Дарко Спировски кој рече дека тој и Слободан Трпевски – Бобе сакаат да дојдат на Матерхорн. Бидејќи планирав таа година пак да се обидам, разговаравме да се обидеме заедно. Нивниот план беше прво да одат на Монт Блан.

Кога во Август се вратив во Швајцарија, Јусуф сé уште беше на одмор кај неговите роднини и му се јавив и му кажав дека ќе одиме повторно на Матерхорн. Со нас планиравме да понесеме шатор и да чекаме времето да биде погодно. Во случај ако заврне како првиот пат во Јули и двајцата имавме време да чекаме и овој пат да се качиме да врвот.

Во меѓувреме се јави Дарко од Шамони и кажа дека тргнуваат, но имале проблеми со вадењето визи за Швајцарија. Му дадов упатства како да поминат преку Червино, од каде по планина можеше да се дојде без визи – горе немаше да имаат некој посебен проблем.

На 24-ти Август резервирам 4 кревети во домчето Хорнли: за мене, Јусуф Лазами, Дарко Спировски и Слободан Трпевски-Бобе. По телефон се договоривме со Дарко да се чекаме на Шварцзее (Црното Езеро), од каде имавме пеш околу два часа до домот Хорнли.

Надир МурселиПопладнето стигнавме, се сместивме во домот, ручавме, ја разгледавме малку планината, а потоа ја спремивме опремата за утредента. Поаѓањето беше договорено за 4:30 часот наутро, а доколу времето не биде добро – се договоривме да нема будење. Важно беше дека сите поаѓаме заедно. За утредента кон врвот планираа да се упатат околу 40 луѓе. Дел од нив беа водичи со клиенти. Водичите на Матерхорн обично носат по еден клиент, а за повеќе сигурно би било ризично. Водичот се движи брзо и го знае секое камче. Нивното искачување трае 6 до 7 часа во двата правци и тоа е многу брзо. Тие водичи ја завршуваат кариерата со 400-500 качувања на Матерхорн по гребенот Хорнли.

Пред да појдеме на спиење со Јусуф спремивме еден ранец со минимум опрема: по еден пар дерези, појас, шлем и семо еден цепин планиравме да понесеме. Кај мене зедов 5-6 клина, кладиво, 3 тубуларци и чокови. Исто така спремивме и вода, чоколади и фотоапарат. За нагоре јас требаше да го носам ранецот, а за надолу – Јусуф.

Утрото на 25-ти Август нé разбудија нешто пред 4 часот. Времето било добро. Влезот за Хорнли се наоѓаше да 50 метри од домот. Имавме да искачиме 1200 метри. Сите четворица застанавме на ред, а имаше и други кои почнуваа да качуваат. Тука на влезот беше тесно, па требаше еден да појде, да помине 50-60 метри и потоа секој со своја брзина да оди нагоре. Бобе и Дарко поминаа, а по нив јас и Јусуф. Далеку горе се гледаа челните лампи како светат. Тоа беа водичите со клиентите. Добро е да се следат. Колку-толку не е тешко да се качува сам, но се губи време за да се најде патеката.
По кратко време Дарко и Бобе се одвоија од нас што беше и логично. И двајцата можат да качуваат и се аклиматизирани. Јас бев перфектно аклиматизиран, толку сконцентриран не сум билникогаш, целта ми беше врвот и овој пат вака спремен – шансите да стигнам беа големи. Но Јусуф претходно немаше некоја голема аклиматизација и искуство во качувањето. Сепак знаев дека сé ќе биде во ред со него и дека ќе издржи.

Се раздени и јас го осигурував Јусуф за нагоре. Имаше многу добри пукнатини каде што требаше само јажето  да се протне и да се осигурува, а од време на време наидував и на клинови. Благодарение на претходни искуства од искачување на карпи можев лесно да ги најдам и да видам каде се наоѓаат. Некаде пред бивакот Солвеј на 4000м ги слушнав дарко и Бобе и од тука нагоре не се видовме и слушнавме повеќе.

Во бивакот со Јусф малку јадевме, одморивме и продолживме со качувањето. Некаде 20м над самиот бивак беше стрмно – скоро вертикално, но веќе беше исклинчено нагоре. На други места имаше клинови, но и фиксни јажиња и за разлика од долниот дел овде беше малку потешко. Умно решение беше тоа што поставиле фиксни јажиња, а не сајли. Во сајлите лесно удира гром.

Некаде над 4100м Јусуф почна малку да успорува. Знаев дека треба да брзаме за да имаме време и за симнување. Пресметував – време до домот Хорнли нема да имаме, но до Солвеј ќе имаме и затоа требаше да побрзаме. На Јусуф му реков да побрза, а тој пак сакаше да се одмори и ми вели: „Уживај во оваа убавина.“ Јусуф знае да ужива на планина, но овој пат мислев дека треба да побрзаме. Не сакав на 100 или 200 метри од врвот да се откажеме. Доколку би било неизбежно- во ред. Не можеме да и се противиме на природата, но сепак не мислев на тоа. Ми реков да побрза и да се качиме на врвот.

На околу 4200м имаше фиксни јажиња, стана студено, а требаше и да ги ставиме дерезите на чевлите. Тука имаше и снег на карпата. Се качивме малку погоре и го видов Бобе како го осигурува Дарко – тие веќе се симнуваат надолу. Биле на врвот и ни рекоа дека било убаво горе. Направивме неколку заеднички фотографии. Дарко ни кажа дека се симнуваат до домот Хорнли, се поздравивме и продолживме – тие надолу, а ние нагоре. Јас и Јусуф имавме уште малку.

Почнав малку да се загрижувам сега кога бевме пред целта. Одевме по фиксни јажиња кои завршија. Почнаа анкери за осигурување на секои 40 метри, потоа завршија и тие и по еден благ дел стигнавме на врвот на Матерхорн. Од Швајцарска страна се наоѓаше Сан Бернардд – една голема статуа која ја одбележува швајцарската страна на планината. Требаше да се движиме 50 до 80 метри по гребен, потоа имаше благо спуст и стигнавме до високиот крст кој го одбележува врвот на Матерхорн. Мислам дека таа страна и припаѓа на Италија и дека тие го поставиле крстот, но тоа не беше важно. Важно беше што ние бевме на врвот. Половина час претходно почна да паѓа малку снег и сé беше во облаци. Ме радуваше тоа што на 4477м не е студено и температурата беше околу нулата. Требаше да побрзаме со симнувањето.

Беше пладне и пред да се стемни требаше да бидеме во бивакот Солвеј. Направивме неколку фотографии за спомен, поседовме уште малку и тргнавме надолу. Јусуф со ранецот одеше напред, а јас со јажето позади. Кога стигнавме кај анкерите, го спуштав прво него, а потоа одев и јас. Тој мораше само јажето да го замота два пати околу анкерот и тоа беше доволно. Откако ги поминавме и фиксните јажиња, Јусуф надолу мораше да бара сидришта за мене. Скоро сите клинови ги промашуваше и морав да бидам многу внимателен. Јусуф инаку голем дек го помина со дерези велејќи дека за надолу по карпата со нив подобро се гази, а ги извади некаде пред бивакот.

Пред Солвеј веќе не стемни. Забележавме дека веќе станало 22:00 часот. Јусуф се спушти до едно место каде требаше да се прикопча со карабинерна еден или два клина кои ги видовме преку ден, но сега не можеше да ги види. Имавме само една челна лампа – му ја врзав на јаже и ја спуштив до него за да се прикопча. И јас се спуштив до него. Од тука се прави абзел до самиот бивак. Му покажав како се абзелува со осумка, а на крајот на јажињата врзав два чвора- доколку забрза да Матерхорн - горните делови на Хорнлиостане на јажето и да не оди подалеку. Не беше баш најдобро место да се учи абзел, но мораше така да биде.

Тргна Јусуф и по неколку метри не можев веќе да го видам, зашто веќе беше под еден превис. Тука заглави. Не можеше ни надолу, а сигурно не ни нагоре. Се запрашав: „Што ли сега?“ Јусуф инаку има долга коса и ми довика дека косата му се фатила на осумка и се мачел да ја откачи. Тамно беше на Хорнли гребенот на 4000м. Ако не можеше да се отплетка, ќе мораше да го шишам си помислив. За среќа по кратко време, се отплетка и се спушти на 10м од вратата на бивак Солвеј.

Јас се спуштив до него и му реков да влезе внатре додека јас го соберам јажето. Додека го собирав јажето го слушнав Јусуф како зборува на македонски во Солвеј!? Влегов внатре и се израдував кога ги видов Дарко и Бобе како лежат и се поздравивме. Јусуф најде место за спиење и за нас. Дарко и Бобе решиле да останат бидејќи и така немало време да стигнат до Червино. Со Дарко каснавме по некоја пилешка виршла, а Бобе не сакаше – за да не му се пие вода ноќта. После касна нешто и Јусуф. По некое време излегов надвор.

По телефон му се јавив на Мики Шулц во Тетово, за со него да ја споделам радоста за успешното искачување. Ноќта беше прекрасна. На небото близу нас имаше илјадници ѕвезди. Од спротива се гледаат врвови преку 4000м – еден од нив е масивот Монте Роса со големиот врв Дуфоршпиц (4632м). Вечниот снег на овие планини се гледа како да се покриени со една бела постелнина. Сите се чувствувавме одлично. Јас бев среќен – пријателите знам исто така. Уште посреќен ќе бидам кога ќе се симнеме долу – тогаш знам дека задачата е исполнета. Планината останува тука, а ние постигнавме уште една цел во нашите животи.

Надир на врвотСледното утро (26-ти Август) Дарко и Бобе станаа рано за да се префрлат порано до Червино. И јас исто така станав. Дарко ни понуди да слегуваме надолу, но бидејќи Јусуф не сакаше, го оставив да поспие и ги испратив Дарко и Бобе. Го почекав Јусуф оти сметав дека заслужува да поспие, а потоа за кратко време слеговме до домчето Хорнли.

Кога стапнавме нз земја си честитавме, бидејќи за нас тука беше завршено качувањето. Направивме фотографии за спомен, ја собравме опремата и се упативме за Цермат. Бевме гладни. Во еден ресторан не послужуваше една Босанка. Порачав гулаш кој беше сервиран како во една тацна за кафе. Јусуф се изнасмеа бидејќи сигурно ќе ми требаа неколку такви тацни по вакво качување. Откако и кажавме на жената дека сме биле на Матерхорн, добивме по една голема порција сладолед на нејзина сметка. Се заблагодаривме и тргнавме на пат за дома – секако пресреќни.
 
Copyright © 2005 Alpinizam.org