Перу - Јули/Август 2008г.
Алпамајо, Ишинка, Урус
Македонскиот алпинист, Слободан Колоски - Шакшама, член на Алпинистичкиот Клуб „Шри Чинмој“ од Скопје е повторно во Перу. Оваа година тој е заминат таму сам, па поради тоа (ако тоа е доволно добар изговор) аклиматизациските искачувања ги направи во соло стил, а за посериозни искачувања веќе има најдено партнер. Еве што ни пишува:
„09.08.2008г.
Се вратив од Алпамајо. Со Шпанецот Мигел ја искачивме Француската Директ насока на 7-ми Август. Лошото време допринесе многу тимови да се откажат или да го одложат качувањето. Ние бевме добро позиционирани временски, па снежните денови ни се поклопија со времето за одмор. За време на искачувањето немавме тим пред себе, што е голем плус. Обично има и по 6 во оваа насока, па замислете колку мраз кој лета надолу треба да се избегнува. Снегот поради стрмнината не се задржува, па со малку ветер тече надолу во форма на прашина и на сидриштата скоро нé поклопуваше. Видливоста беше мала до 40-50 метри... Но сето тоа е многу подобро отколку кога условите се добри и има некој 200 метри над тебе и те гаѓа со парчиња мраз... “
Од претходните (аклиматизациски) искачувања:
20.07.2008
Првиот контакт со Шакшама од Перу: „Јас сум во Хуараз и се надевам за некој ден да одам на Ишинка (долината) за аклиматизација. Ќе качувам соло на Урус (5420м) и Ишинка (5650м)... После тоа зависи од партнери. Идеално би било да најдам некого за Алпамајо...“
29.07.2008
Денес контактиравме со Шакшама и нé извести за успешните соло искачувања на Урус и Ишинка. Еве што друго ни напиша:
„Се вратив после една недела во долината Ишинка. После Ишинка и Урус, имав шанса да го качувам и Токлараху (6033м), но ми беше рано и ќе беше мачење. Најдов партнер за Алпамајо (5947м) и ќе одам за 2-3 дена таму....“
Партнер ќе му биде шпански алпинист со кој се сретнал на Ишинка кој исто така таму соло качувал. Тој всушност и го поканил да одат заедно на Токлараху, но сепак Шакшама почувствувал дека е рано за тоа. Шакшама ни кажа дека на Алпамајо планираат да одат на Француската Директ насока која е со оцена D+, а потоа би заминале и на Китараху (6100м) каде би качувале насока со оцена D.
|