(текст на Бојан Митковски за искачувањето на Јужната Страна на Солунска Глава - заедно со Сашко Мирчевски)
Нешто повеќе од 600 метри
Уште еден вообичаен Петок кога мислите ми бегаат на планина, кога сум непродуктивен на работа нути пак способен да учам за факс. Сé што можам е да се подготвувам и планирам што да качувам викендов (и покрај тоа што со мислите сум веќе таму).
Откако се слушнав со Сашко и одлучивме тоа да бидат Нежилови Стени (600 метри вертикали под самиот врв Солунска Галва – 2545м) целиот ден се здоби со едно брзо, возбудливо, помалку хаотично темпо, бидејќи и покрај мојата најдолха насока дотогаш беше со должина од 250 метри (северната страна на Маљовица). Но сепак не бев скептик дека ќе имаме едно убвао и возбудливо успешно качување бидејќи ме бодреа тренинзите кога качував по 3-4 насоки на Матка дневно; трчав 10 километри, па на Новогодишен, па Матка – Водно; Скопје – Демир Капија со точак за 6 часа; Ореше – Солунска Глава – Патишка Река – јужно подножје на Водно за 11 часа...едноставно бев да не речам самоуверен дека сé ќе биде ОК.
Само што се вратив од работа имав 30 минути да се спакувам бидејќи тргнувавме во 18:00 часот. Некаде околу 20:00 часот стигнавме на Папрадиште, ги ставивме ранците на грб, ги вклучивме челните и тргнавме кон планинарскиот дом Чеплес. Пристигнавме околу 21:45, јадевме и почнавме да ја селектираме опремата потребна за утрешното искачување.
Околу 22:30 си легнавме бидејќи планот налагаше да станеме во 03:30 (беше 06.11.2004 год и се стемнуваше во 16:30). Само што станавме малку поткаснавме, ги вклучивме челните и појдовме кон Нежилови.
По пат малку залутавме, но сепак во 08:00 стигнавме под насока и да бидам искрен бев заморен. Пред мене беше гигантот од 600 метри а ние не ни започнавме со качување. Во 08:30 Сашко започна да води, а јас вниамтелно да го обезбедувам затоа што карпата беше екстремно ронлива. Не прејдоа ниту 5 должини за да сфатиме дека носиме премногу тежина и тоа непотребна бидејќи сите тие чокови и френдови дали ни служеа за 5 сигурносни точки во целото качување. Кајлите и хоризонталицте го завршија најголемиот дел од работата, додека мака мачев да ги извадам вертикалците. Карпата беше многу проблематична – или ронлива до тој степен да не може да се постави осигурување или до толку компактна да не можеш да ставиш клин. Имавме и сидриште само со една кајла и морав да качувам „без падови“.
На половина насока влеговме во еден кулоар каде беше релативно лесно за качување и му предложив на Сашко да качуваме во паралелна наврска. Но некаде по 60 метра качување кога ќе му паднеше на Сашко огромен блок, а помеѓу нас имаше само два клина, заклучивме дека мора да се качува „цуг по цуг“.
Како минуваа должините почнав да се чувствувам заморено, можеби повеќе од претходниот ден на работа, патувањето со кола до Папрадиште, патот до под насока, отколку самата насока, но сепак успешно ги поминавме 15-те должини на јаже и заслужено го добивме задоволството и уживањето кога ќе ја искачиш Солунска од оваа страна.
Од насока излеговме точно во 16:00 (7 часа и 30 минути активно качување), а во Папрадиште стигнавме околу 20:00 (24 часа откако стигнавме). |