|
Едукативна турнеја во САД
-25.09.2015г., Игор Талевски.
Во организација на Амбасадата на САД, а со поддршка и на УСАИД, учествував во едукативна турнеја во САД на тема „Менаџирање со ризикот во авантуристичкиот туризам“. Ја претставував Македонската Алпинистичка Федерација, а покрај мене на турнејата беа и уште двајца учесници: Антонио Додевски (координатор за одговор при катастрофи и спасување при Црвен Крст – Охрид и Генерален секретар на Македонската Асоцијација на Интернационални Водичи во Планина) и Крунослав Аџиевски (претставник на Министерството за внатрешни работи и Претседател на Македонското здружение за заштита и спасување во планина и непристапен терен „Асклепиј“).
Покрај нас, на турнејата требаше да учествуваат и претставници на локалната и централната власт (претставник на една општина која е прилично голем поддржувач на спортовите во природа и претставници на Агенцијата за промоција на туризмот на РМ и Агенцијата за млади и спорт на РМ), како и претставник на еден од националните паркови во нашата земја, но за жал тие на крајот сепак не беа дел од тимот кој замина во САД.
Во Болдер (Колорадо): средба со Ед Кротерс од Асоцијацијата на американски планински водачи
(лево: Ед, а десно: од лево кон десно - Антонио, Игор и Крунослав)
Целта на турнејата беше сите ние заедно да видиме една перспектива во организацијата и практикувањето на спортовите во природа како туристичка можност – конректно во САД и координацијата, комуникацијата и соработката на истава тема помеѓу тамошните сродни институции на нашиве. УСАИД во изминатите најмалку 2 години, во Република Македонија работи на проект кој има за цел да помогне во развојот на тој „авантуристички“ или „активен“ туризам и да помогне во промоцијата на нашата земја како таква дестинација, но и да подготви терен за потенцијалните „потрошувачи“, активно комуницирајќи со што повеќе различни чинители од оваа област, па од таму и заедничката вложеност со Амбасадата на САД во организацијата на оваа турнеја, со цел и целата приказна околу тој вид на туризам да биде поцелосна.
А лично сметам дека без комуникација на претходно наброените институции, таа приказна никогаш нема да биде целосна. На пример:
- сметам дека ниту еден национален парк не смее да дозволува на негова територија да се случуваат локалитети за качување на карпа во кои се бушат експанзиони клинови, без да се консултира со сите инволвирани инстанци во планинските спортови, а не само со една на која тоа и одговара;
- сметам дека е лудо некој да се нарекува водич во планина, со учество на некој 2-3 дневен курс, семинар, што и да е;
- сметам дека е погрешно да се прави проект за развој на туризмот со кој „дебело“ се навлегува во одреден локалитет каде има повеќедецениска алпинистичка активност – без консултација со алпинистичката заедница и со барање одобрување/мислење од нејзе на самиот крај, а на веќе „завршен“ проект итн.
Не велам дека ова се случува. Само набројувам работи кои сметам дека би биле погрешни така да се прават.
Поради тоа, комуникацијата помеѓу сите институции директно или индиректно вклучени во споменатиот проект, но и воопшто на таа тема е и тоа колку потребна, но недостасува и жално е што ете планираната група за турнејата не беше целосна, бидејќи едноставно, тоа ќе беше убава можност конечно да си поприкажеме и да научиме по нешто еден од друг.
Верувам дека сите наброени и ненаброени во основа сакаат да направат нешто убаво за својата поблиска и поширока заедница и тоа го почитувам, па и ја поздравувам нивната работа и разни иницијативи и проекти! Но, треба да разговараме “со време“, да ги слушнеме различните мислења, да следиме други пракси и да издвојуваме применливи и позитивни примери и кај нас, бидејќи сепак: „Човекот учи додека е жив!“.
Средба со Дејв Кларк (во средина на фотографијата), Претседател на националната Асоцијација
за спасување во планина, кој ни покажа дел од опремата на тимот за спасување на планина од Портланд,
која се чува во домот Тимберлајн
Организацијата на турнејата беше на највисоко ниво и реализиравме убави средби со повеќе здруженија и институции, од кои некои од нив мене лично ме инспирирале со години, па и повеќе од деценија наназад со својата посветена работа и бев среќен што можев лично да им се заблагодарам за тоа (како на пример средбата со претставници од The Mountaineers во Сиетл). Сите со кои се сретнавме беа супер отворени кон нас и беа подготвени да споделат се’ што би сакале да знаеме: како од аспект на нивната внатрешна поставеност и организираност, така и комуникацијата со други организации од аспект на обука и едукација на своите членови, организација на активности итн.
Турнејата беше со релаксиран карактер и навистина исполнета со непосредни и отворени разговори. Посетивме 3 сојузни држави и запознавме многу убави луѓе од фелата:
- во Колорадо (бевме ситуирани во Денвер, но се движевме кон Болдер и Голден) на средби со: претставници од државната агенција за промоција на Колорадо како туристичка дестинација, Планинскиот клуб на Колорадо (оформен во 1912тата година), едно од најголемите училишта за спортови во природа (организира преку 1000 курсеви на теми планински спортови за преку 35000 луѓе годишно), претставници од Американската асоцијација на планински водачи и неколку организатори на разни тури во природа, како и со претставници од Центарот за лавини на Колорадо,
Во Голден (Колорадо): средба со Рејчел Фермил од Планинскиот клуб на Колорадо
- во Орегон бевме ситуирани во планинскиот дом Тимберлајн под Монт Худ и имавме средби со претставници од Националните шуми и претставници на спасителни организации (локални кои работат на дел од терените, но и со Претседателот на нациналната Асоцијацијата на планински спасители), како и еден од поголемите организатори на разни локални тури во природа,
- во Вашингтон бевме ситуирани во Сиетл и имавме средби со претставници на училиште за активности во природа во НП Северни Каскади, со претставници на организатори на тури (две познати и големи компании: една со сериозен бизнис со клиенти на Денали и други повисоки/големи светски масиви, а друга која е еден од најголемите продавачи на опрема за спортови во природа во САД) и претставници на организацијата “The Mountaineers” која работи на едукација и организација на тури (издаваштво, курсеви, тури итн...)
И повторно: сите од нив - многу отворени да споделат секаква информација која би ни помогнала во развојот на нашите организации! Се враќам навистина инспириран и благодарен до сите нив и се надевам дека во иднина ќе можам дел од реализираните контакти за време на оваа турнеја да ги искористам за подобрување на организираноста на алпинистичката заедница во која делувам.
Во Сиетл: средба со Џастин Вуд (средина), претставник на компанијата РЕИ, еден од најголемите
ланци за малопродажба на опрема за спортови во природа, но и организатор на разни
тури во природа
|