Пакленица - мај/2012-та г. -24.05.2012г., Игор Т. Поради разни обврски дури сега имам малку време да напишам за патувањето кое го имавме до Пакленица во Хрватска, во почетокот на мај. Можеби ќе недостасуваат многу детали и ќе биде малку повеќе фактографски овој текст, но сепак мислам дека никогаш не е доцна во било каква форма да се сподели некое искачување и искуство за во иднина – за своја, а и туѓа инспирација :). Акцијата во Пакленица беше дел од програмата за работа на Македонската Алпинистичка Федерација за 2012-та година и во нејзе покрај мене и Весна учествуваа уште 5 члена на АК Матка од Скопје: Виктор Трпевски, Ана Велкова, Александар Старделов, Александра Герасимова и Јордан Атанасовски. Пред патувањето немав качувано најмалку еден месец поради болка во левиот ми лакт (повредата ми рекоа се викала „тенисерски лакт“, а тениски рекет имам последен пат фатено во 1984-та година, но што е тука е :)), па заминав со грижа како ќе се одвива моето качување таму, но сé помина во најдобар ред. За тоа голем придонес секако имаа сите останати членови во групата, кои иако прв пат качуваа во Пакленица (со исклучок на Весна секако), но и воопшто на локалитет надвор од Македонија, сепак се покажаа во одлично светло! Првите неколку насоки ги качував како втор, воден од Виктор или Александра, а околу нас по насоките во наврска качуваа Весна, со која како втори беа Александра и Јоцо, а третата наврска, наизменично во водењето ја сочинуваа Ана и Алек. Во овој состав првиот качувачки ден беа искачени следните насоки: Следниот ден во малку поинаков состав беа искачени други насоки на други карпи во Паркот: Третиот ден качувавме само по една насока – одбирајќи ги насоките Северно ребро и Централни камин, во наврски кои првиот ден ги немаа поминато. Сакавме да се одмориме попладнето, а и следниот ден исто така, со цел потоа да влеземе во една од подолгите насоки на Анича Кук. Така по еден и пол ден одмор ја одбравме насоката Мосорашки (VI, 350м), која за голем дел од групата беше најдолга насока која ја имале качено до тогаш. Последниот ден беа поминати насоките Пикси и Дикси (V+, 100м – Ана и Алек) и Згрешени (Виктор и Александра), а Виктор во својот налет помина и неколку кратки насоки од по 20-30 метри со тежини VI+/VII+… Фиу! Толку од бројките... А еве и по некој „факт“: патувавме околу 1200 км во еден правец при што еден бревтачки мерцедес јадеше прашина од нашето магаренце (тоа Доблото); имавме среќа постојано временските услови да бидат добри и заврна само кога почнавме да се враќаме кон Скопје (некој ќе го протолкува тоа како да се натажила Пакленица што си одиме – но ќе се вратиме бе туууу...); качувавме пет дена за што за влезот во паркот плативме по 9 евра (студентите) – 20 евра (нестудентите); видовме 1-2 змии (не беа живи); многу дрва преполни со смокви (не беа зрели); фрлавме камења во морето и постигнавме светски рекорд во погодоци на една кутра жолта пловка (а и уште еден светски рекорд во број на неуспешни обиди да ја погодиме); бевме на зајдисонце кај таа кулата; си бевме сместени сите заедно во апартман на улицата Велебитска и си игравме табла и Scotland Yard (најбоља игра мислам во свет за 1983-та година!); Алек правеше чудесии со неговите карти (гарант обележани иако никогаш не го докажавме тоа); јадевме макарони во различни стилови; спиевме до 5ам секој ден за да бидеме први во насоката; славевме роденден на Весна, за што таа ни направи пуканки и частеше сладолед; правевме планови што ќе качуваме и го смирувавме Виктор да не влезе во некоја XII-ка; секој качи по околу километар и пол велебитски варовник; рушевме многу рекорди (за што очекуваме текст од Јордан!): многумина качуваа прв пат надвор од Македонија, некој прв пат водеше насока воопшто; некој прв пат качи толку насоки како прв во наврска, некој качи повеќе различни насоки во 5 дена - отколку што до тогаш имал качено воопшто на пример итн итн... Најважен факт мислам е тоа дека се смеевме и си поминавме супер релаксирано. Или ајде еве барем јас така си поминав... А за другите ми е гајле! :) |
|||||||||||||
Copyright © Alpinizam.org |