Сиќево

- Игор Т. (19.04.2009г.)

„Сиќевската клисура е најголемиот локалитет по висина на карпата и по бројот на насоки во Србија.  Качувањето во овој крај започнало во 1950-тите години од страна на српски алпинисти кои ги поставиле основните стандарди на качувањето – а тоа е традиционалниот пристап. Поради тоа може да се каже дека Сиќево е вистински рај за традиционалното качување и дека експанзионите клинови овде повеќе се исклучок отколку правило. Се надеваме дека така и ќе остане…“

Ова се воведните зборови од претставувањето на  Сиќево од страна на АОБ. Звучи многу примамливо секако. Веќе подолго време имав контакт со Синиша Зороја од АОБ и се договоривме при првата нивна следна посета на овој локалитет да бидеме нивни гости за подобро и полесно да се запознаеме со него. Ми се допадна и уште еден момент од оваа „соработка“, а тоа е и посетата на алпинисти од Србија на локалитетите во Македонија (Матка и Демир Капија) – веќе втор пат во еден краток период од 2-3 недели...

Пристап до клисурата: Сиќево се наоѓа на само 230 километри од Скопје. Синиша се жалеше за немање локалитети за качување блиску до Белград како ние од Скопје што ја имаме Матка па на шала рече дека дури и Сиќево ни е поблиску отколку на нив :)... Од Скопје се вози кон Ниш и од автопатот („Братство и Единство“ или Е-75) се излегува на магистралата кон Пирот, Димитровград и Софија (Е-80). Од ова одвојување по околу 30 километри прво се поминува местото Сиќево, потоа Островица и се вози сé додека не почнат тунелите низ кои поминува оваа магистрала.

Пристапот кон различни делови на карпите (од десната страна на патот) започнува пред првиот тунел, после третиот, после петиот... Во зависност секако од тоа што сакате да качувате – во кој дел од карпата... Симнувањето се прави по околна патека која завршува пред првиот тунел – каде е црквата Света Петка.

Карпата е варовник, насоките се долги од 50 до 250 метри и ги има околу 60-тина на број. Поради јужната експонираност се препорачува овде да се качува во пролет и есен, па дури и зима ако тоа го дозволуваат условите.

Сместување: под амфитеатарот (карпата), во автомобил, се споменува некој планински дом 500м пред првиот тунел или Јелашничка клисура (види подоле)...

„Баџина кантна“

Од Скопје не тргнавме нешто посебно рано и под карпите бевме некаде околу 11:30 часот. (Од водичот кој го имаме за ова место) Ја одбравме насоката „Баџина кантна“ (V/VI) чиј пристап започнува веднаш после третиот тунел на Е-80 и за околу 15-тина минути бевме под карактеристичниот црно-жолт гребен кој се наоѓа на левата страна од фантастичниот амфитеатар.

Насоката прв пат е искачена на 27-ми Април 1969 година од страна на П. Јовановиќ и Т. Врачевиќ (што значи скоро пред 40 години - без неколку дена – од нашево повторување...) и е висока 200 метри. Синиша во претходните разговори ми кажа дека во насоките треба да се носи сопствено обезбедување – како поради дотраеност на постоечкото, така и поради тоа што нема или воопшто или не доволно во насоките. Во описот за оваа насока видов дека во најтешкиот детал има доволно обезбедување, па сепак земав само чокови и френдови за остатокот и тоа беше сосема доволно.

Насоката има супер пукнатини во секоја големина. Започнува со една многу тесна во хоризонтална пречка. Толку тесна што едвај ми влегуваа врвовите на прстите, но супер влегуваа мали чокови и френдови. Првото сидриште имаше три точки со зарѓани и стари клинови, над него беше деталот со доволно (сепак стари и чудни) клинови, а веќе над тој дел па скоро до крајот немаше ништо „ин ситу“... Но сепак супер пукнатини кои ми носеа насмевка на лицето. Тоа секако мораше да има нешто за рамнотежа т.е. не може секогаш нешто да биде совршено, па овде тоа „лошото“ беше кршливоста на карпата која на моменти ептен ми бидеше очи, а посебно на експонирани пречења и излегувања на и преку гребенот... Добро е што беше облачно инаку дефинитивно ќе се потев малце повеќе поради тоа...

Карпата и покрај таа ронливост – таму каде што е чиста - е фина и цврста и ме потсеќаше на Пакленица со својата боја (на места прекрасно бела) и релјеф. Посебно овде мислам на како што овде ги нарекуваат „хемиските“ пукнатини. Тоа всушност не се пукнатини – туку повеќе изгледаат на траги од канџи – како да гребела мечка по неа... Има убави џебови исто во неа... Со Синиша подоцна во кампот исто така се согласивме дека тежините се за барем половина (УИАА) пониско оценети, т.е. биле малце скржави во давањето на поголема техничка тежина. Тоа секако го имаат забележано и во напомените во описите на карпите.

Откако излеговме од насоката нé пречека убаво изненадување. Патеката за симнување поминува низ прекрасна зелена (ниска) шума – барем во овој период од годината. По околу 30-тина минити бевме пред првиот тунел, од каде по околу 5-6 минути стигнавме до автомобилот – паркиран после третиот тунел.

Јелашница

Синиша во тој период беше во Јелашничката клисура и нé повика да преспиеме таму. Тоа е друг локалитет на околу 10-тина километри пред Сиќево, но со сосема друг дух – спортско-качувачки. Кратки насоки обезбедени со експанзиони клинови со многу брз пристап – веднаш покрај патот.

Пристап: На патот Ниш – Сиќево (Пирот/Димитровград), на околу 20км од одвојувањето од автопатот (или 10км пред Сиќево), се врти десно кон Јелашница/Просек. По 50-тина метри (откако ќе се помине пругата), после мостот над реката Нишава, се врти во десно кон населбата Просек. Се поминува населбата и се доаѓа до раскрсница на која се врти десно кон Бојанине Воде (а не лево кон Софија). На само 50-тина метри од ова свртување, на мала и скоро незабележителна раскрсница се врти во лево и тој пат по само неколку минути води до паркот Јелашница каде се забележителни малите карпи и плочи. Покрај патот од десна страна има место за поставување шатори.

Овде се сретнавме со Синиша и до доцна во ноќта разговаравме за локалитетите „кај нас и кај вас“ и беше фино. Со разговорот после искачувањето на првата насока на Сиќево и воопшто првата посета на тој локалитет, се стекнав со многу пофина слика за целата сцена таму и почнав да го чувствувам местото – некако поблиско...

Следниот ден имавме препорака за друга насока, меѓутоа некаде околу 6:30 часот утрината почна да врне дожд. Најпрвин се возевме низ клисурата (чекајќи да престане дождот) и така напред-назад видовме дека е долга околу 5 километри со многу можности од двете страни на реката. Некаде околу 10 часот решивме по патеката по која претходниот ден се симнавме, да се качиме до над насоките и повторно да го видиме амфитеатарот. Го фотографиравме, почна повторно да врне и решивме да почнеме со повлекување кон Скопје.

Верувам ќе го посетуваме ова место почесто!

Copyright © Alpinizam.org