Share

Палавковците во „Скакавица“

-24.02.2010, Игор Т.

Скакавица е природен резерват на северозападниот дел на планината Рила во Бугарија. Пристапот се прави преку местата Ќустендил, Дупница, Сапарева Бања и Паничиште, на околу 220-тина километри од Скопје. Можам само да си претпоставам колку е убаво да се биде таму во расцветаните денови од годината, но кога ќе се спомене „Скакавица“, обично мислиме на качување на мраз... Кога велам „ние“ во случајов покрај мене и Весна, со нас беа и Горан Кузмановски и Вања Атанасов од СКК Вертикал од Битола.

На околу 1900мнв се наоѓа планинскиот дом Скакавица до кој се пристапува по околу 1 час пешачење од местото каде се паркира автомобилот. На само 10-тина минути пешачење од домот пак, а на 100-тина метри повисоко од него, се наоѓаат „висулките“ од мраз (високи до 35 метри) кои се најпопуларни во овој локалитет – поради својата пристапност и безбедност од лавини.

Ова го спомнувам од две причини: прво, по сеќавање во близина на домот (на околу 20-тина минути пешачење од него „во спротивен правец“ од висулките) има други мразеви кои се со помала стрмнина, но кои тешко се наоѓаат ако претходно некој не бил до нив. Ние се обидовме на два пати да ги најдеме, но безуспешно, а неколку „локалци“ ни рекоа дека и за нив е проблем да ги најдат ако нема „патека“ до нив – поради тоа што се оди низ широк и едноличен појас од шума...

И второ - од домот „во далечината“ се гледаат поголемите мразеви (високи околу 70-тина метри) кои се навистина многу поубави од висулките (поради големината веројатно пред сé), но се сериозно лавински опасни поради надвиснатите снежни полиња над нив... Всушност само што пристигнавме во домот слушнавме силна бучава, погледнавме во нивен правец и видовме прашина како тече врз големите мразеви. Тоа беше дефинитивно „Не!“ на нашите двоумења дали да одиме да качуваме таму и покрај предупредувањата од неколку б’лгарски колеги...

Така што како и при првата посета забавата ни беше на висулките. За време на викендот Бугарите си имаа организирано натпревар на нив, па за време на тоа си се врткавме околу нив обидувајќи се да го контролираме ентузијазмот и да не сметаме во нивната програма – гледајќи го dry-tooling натпреварот и брзинското искачување... Кога си заминаа, целиот тој простор ни остана на располагање само на нас. Две наврски, две јажиња... Јуху! На еден од Бугарите кои беа таму на заминување му покажав кон столбот каде качуваа и му реков: „Погледни го за последен пат...“ :)

Малку течно, меко, но фино... Искачивме по минимум 300 метри и беше ОК. Истеравме добар ќеиф! Кога сме кај ќеифот - немаше да биде целосен ако не беше и гостопримливоста на домарот и пријатната атмосфера во домот во текот на целиот престој!

Палавковците

Во текот на качувањето (кој знае-кој не знае каков ни е табиетот) си потпевнувавме и потсвирнувавме по некоја песна. Една од нив беше популарната мелодија од „Палавковци“. Веројатно во себе така и се чувствувавме мавајќи по тоа мразот, но потоа така и се чувствувавме кога враќајќи се во домот бевме предупредени дека ренџерот на паркот „не бил среќен што не видел како качуваме таму“. Ајде така да го формулирам тоа.

Всушност додека ренџерот се шеташе во околината на домот, бевме советувани брзо да се спакуваме и да заминеме. Не ни беше јасно, дали поради тоа што Скакавица е дел од Национален Парк па не е дозволено качување, но како тогаш имаше натпревар два дена претходно, дали треба или не посебно барање за дозвола од Паркот и слични прашања ни се наметнаа – на кои некако не сакавме да добиеме одговор БАШ од ренџерот... Кога се вративме во Скопје вечерта му пишав е-маил на еден од бугарските ни колеги и тој ми рече дека никогаш немале проблем со качувањето таму – освен со „поставувањето на насоките“, но дека ќе ми пише наскоро известување од нивната национална аплинистичка федерација за ова прашање...

Исто така, кога стигнавме до автомобилот видовме дека освен нас во тој дел од планината имало и други палавковци. Некој или некои се обидел/е во најмалку 10 наврати по бројот на вдлабнатини во предното лево крило и зинатата хауба на нашето верно и „добло“ магаренце – да ја отвори истата. Штетата е проценета на 250 Евра... Качувањето – бесценето! :)

 
Copyright © Alpinizam.org