|
Не го буди змејот!
-26.05.2014г, Игор Т.
Со Весна имаме единствена асоцијација за карпите околу Прилеп: качување во чист стил. Тоа веројатно до сега станало јасно, а ако некој прв пат се сретнува со текст на Алпинизам.орг посветен на овие карпи, еве да објаснам: и покрај тоа што станува збор за релативно кратки карпи/насоки со должини веројатно не подолги од 80-тина метри (барем до сега тие кои сме ги виделе и качувале), сепак со оглед на тоа што тие најчесто се прошарани со одлични пукнатини, можноста да се качува по нив во чист сил т.е. со користење само на френдови, чокови, гуртни и друга ваква опрема, посебно на карпа со таков квалитет – е исклучителна! Посебно што целиот тој терен (а станува збор за голем „терен“!) нуди многу можности за првенствени насоки: линии кои до тогаш никој не ги качувал и ни се нуди уникатна можност токму ние да напишеме по некоја своја поезија.
Овој пат се решивме за карпите околу Трескавец. Последен пат „околу Прилеп“, качувавме на насоките на Камена Баба и тогаш се случи и тоа видеото, кое заврши со сцени од карпите околу овој манастир и со тоа „се надеваме што побрзо повторно овде“. Трејдмарк! Па си рековме: „Зошто да не?“ Уште при првата наша посета на овие карпи во 2009-тата година, некои линии ни останаа во сеќавање сето ова време и без некаков конкретен план и избор која од нив би ја качувале сега, едноставно почнавме да си возиме по тоа новиот кривулест пат кон манастирот. Во еден момент ни се отвори сцена во која веднаш под манастирот како од никаде да беше никнала една карпа. Таа секако беше никната сето ова време, само ние ја имавме игнорирано. Не можам да си објаснам зошто. Еве јас ја превземам вината што не сме ја приметиле. Можеби поради ограниченост во мојата перцепција или кој и да е некој друг мој ментален проблем (списокот е голем!). Како и да е – подзастанавме на една од тие кривините и изгледаше интрересно: убави, препознатливи/логични линии на карпа која изгледаше како да е висока барем 50-тина метри. Одиме!
Се паркиравме на паркингот пред капијата на манастирот и тргнавме во нејзин правец. Пристап: 5 минути :) Да, ставив насмевка после тоа дека пристапот бил смешно краток и тоа значи дека ова ми се допаднало! Кога карпата веќе беше целосно пред нас, повторно не ми се веруваше дека сме го игнорирале ова! Како што напишав и претходно: неколку очигледни, логични линии/пукнатини со најразлични широчини од долу – до горе. Весна одбра една која веднаш ја прифатив. Беше најчиста линија од сите нив. Додека во другите пукнатини од време на време се појавуваше по некое дрвце (читај превис во прилепски услови :)) и по некоја трева, оваа беше јасна линија од горе до доле со секакви облици во нејзе. Одлично! Кратка подготовка и тргнав...
Да не ги раскажувам сите движења едно по едно во оваа 60-метарска насока, еве по некој хајлајт: во почетокот се следи пукнатина која поминува низ краток жлеб и заобиколува превис и потоа ја снемува. Прв хајлајт е тоа: си свиркам ла-ла-ла, не е потешко од Vка веројатно до тој момент, кога - ја снемува пукнатината над мене и гледам само мовеста плоча... Дем ит! Но ок, со фино и внимателно пречење во лево со качување „на триење“ со патиките (да им се позлатат рацете на тие кои ја направиле Зенит гумата од Бореал!) од некои два метри се влегува во друга пукнтина. Не многу лесно. Таа е малку и „сокриена“. Поточно – срамежлива: се свртела кон другата страна и не ми збори. Ја прашувам: „Примаш ли френд? Која големина?“ Таа – молчи. Се обидувам да ѕирнам, но не можам – морам да се посветам на тие неколку движења за да видам што можам да очекувам нагоре. На триење... Единствено што последна точка под мене е „можеби“ добар френд и расклатен блок со гуртна околу него, кој додека ја ставав таа гуртна околу него, тој ми ја пееше песната „No, no, noooo, you don’t love me and I know now...”, а јас му велам, „Не бе, те сакам, не скокај (пошто ќе скокнеш со мене)“...
После тие неколку движења – во „отворената“ вертикална пукнатина, „трочок“ ја смирува ситуацијата. И така пак си свиркам некој метар нагоре пошто над себе гледам систем од паралелни две пукнатини, кога втор хајлајт: системот се состои од голем тесен блок заглавен во широка пукнатина, а и тој незадоволен – но молчи. Или можеби спие. Од некаде во глава ми дојде: „Не го буди змејот!“. Ми остави впечаток дека е сигурно заглавен, но продолжив крајно внимателно преку него со заглавување на патиките во двете пукнатини од девете страни... По неколку метри стигнав до место каде одлучив да направам прво сидриште бидејќи ако продолжев нагоре ќе имав многу триење на јажето. Цирка – 40метри за оваа прва должина.
Дојде Весна, се радувавме на убавите движења кои сме ги направиле во првата должина и сега каде?
Според мене, единствено логично продолжение беше еден систем на пукнатина/камин вертикално нагоре (сидриштето го направив малку во лево, во еден голем процеп). Ме плашеа наизглед ронливи камчиња заглавени во првите 3-4 метри, но се покажаа ОК генерално. Се’ до следните 3-4 метри. Овде е вториот детал, во кој со заглавување на се’ што можеше да се заглави од телово, се движев низ многу тесен камин, без можност да дофатам нешто над или околу мене. Сантим по сантим – успеав да дофатам нешто. Дофатив, малку се потегнав, а кога потоа малку повеќе се потегнав за да ги поставам нозете повисоко, тоа нешто, со едно друго уште поголемо нешто над него ми влезе во прегратка. Промрмори нешто и ми се пушти.
Се разбуди змејот! (Не знам што ми е ова со тоа змејот!) Беше страшно малце. Малце повеќе. Едвај успеав да се додржам и да поминам преку овие две нешта и не знам како успеав да ги задржам и нив во пукнатината во која беа заглавени – зборувам за големи нешта. Над нив успеав да застанам на ронливо стојалиште кое ми крцкаше под нозете, пукнатината завршуваше на еден метар од мене и над тоа – мовеста плоча. Дем ит!!! Плочата е долга некои 5-6 метри, скоро вертикална и требаше да се качува цело време на триење, со рацете на кој знае што, а под мене сами мали френдови. Мој пад ќе значеше и пад врз двете нешта долу и кој знае потоа што друго. Бев среќен што успеав да ги изведам тие деликатни движења со тие мисли во главата, а посебно среќен кога стигнав до мини полица со дрво на нејзе. Овде направив сидриште бидејќи се плашев ако продолжам нагоре јажето под мене да не ги бутне двата блока надолу. Ја предупредив Весна за ситуацијата и кога дојде до мене ми кажа дека цело време тие блокчиња вибрирале од ударите/влечењето на јажето преку нив. Од ова сидриште таа продолжи нагоре уште некои 7-8 метри до излезот.
Насоката може да се качи во две должини: првата од 40-тина, а втората од 20-тина метри, но претходно ќе треба да се бутнат тие два блока кои се опасни: како за првиот, така и за вториот во наврската. Сепак, чистите движења се многу убави! Бевме среќни со оваа насока дефинитивно. Ја оценивме со VI+, но еве кој ќе ја повтори нека ни потврди. Да не сме ја прецениле поради страв од змејот. Кој знае...
И така значи: „Не го буди змејот“ (60м, VI+). И пред се’ – во солза чист стил. |