Бугарија - Враца (Урвич, Алеко, Централна Карпа)
-22.09.2009г, Игор Т.
Сé нé боли. Ако некој прашува – ете така си поминавме на Враца. Сабајлево како домаќин човек отидов по леб и млеко (нели тоа е стандардот) и не можев со врвот на прстите (каде најмногу чувствувам болка) да ги земам денарчињата - кусурот што ми го вратија. Со крајни напори стиснав заби и успеав пред да им станам чуден на касиерката и човекот по мене во редот... Чудесни искачувања на Враца!
Еве како се одвиваа работите...
Во Саботата врнежливо... По цел пат. Ја проверивме временската прогноза неколку пати, но на крај решивме да одиме „па што сака нека биде“. Прогнозата кажуваше дека барем во Понеделник ќе биде сончево – па решивме ако треба ќе го чекаме. Кога пристигнавме во Враца облачноста беше намалена, па „дури“ на места се гледаше и онаа прекрасна сина боја на небото. Нé фати оптимизам дека можеме да качиме барем една насока на влажната карпа. Времето беше топло, а и дуваше слаб ветер па знаевме дека слично како и на Матка – во некој дел карпата може да е сува. Па макар тоа да е и некој гребен.
Подмасивот Алеко
Се познава по бојата. Кога варовникот е влажен – карпата е црна, а кога е сув – е сива или каков што е случајот на Враца – прекрасно бела. Ја одбравме насоката „Комбиниран“(IV+). Кога влегов во насоката се присетив на негодувањето кое го имавме со Сашко Мирчевски (при минатите посети на локалитетот) во однос на дадените оцени во некои детали на насоките. Останувам на мислење дека тежините им се барем за половина оцена построго оценети т.е. потценети. Исто така изразот „клиновите во насоката се доволни за обезбедување“ – не треба да се земе многу здраво за готово. Посебно во не толку популарен подмасив како Алеко. Насоката има две должини од кои во првата следи лесен и краток гребен. По него во втората должина – ве носи теренот. Во согласно со оцената се гледа логично и правецот. Имаше многу фини движења меѓутоа со лоши клинови. Сепак имаше фини места за чокови и френдови (или како што Бугарите ги нарекуваат „џаџи“) и стигнавме до второто сидриште. Овде нé фати таков силен дожд како некој едвај да чекаше да стигнеме таму.
Ние - како што беше случајот и со насоките на подмасивот Урвич пред неколку години – во кратки ракавчиња, „џанам“ како на локалитетот Св. Никола во Охрид да сме... Почнавме да се тресеме од студ и по два лизгави абзели (карпата со дождот стана многу лизгава, а посебно бидејќи деловите кои ги минуваше втората должина беа мазни плочи) стигнавме на земја. Само што стигнавме дождот престана, а дури огреа и сонце. Како некој да сакаше да ни каже: „Welcome to Vraca”. (И после тоа следува нели онакво ѓаволско смеење).
Вториот ден
Недела. Денес прогнозата велеше – облачно. Во 7 часот сабајлето заврна. Решивме да се прошетаме низ градот... Кратко траеше дождот и по само 2-3 часа истата работа како претходниот ден. Само овој пат решивме да влеземе во поплочести делови.
Подмасивот Урвич кога се гледа од Домот на алпинистите е во десниот долен дел под Централната Карпа. Таму имавме од минатите посети искачено две насоки, па сакавме овој пат да ја искачиме една од најпопуларните – која исто како и подмасивот се викаше Урвич (VI-). Три фантастични должини со убави пукнатини за заглавување прсти, дланки, стопала, колена... Убава насока ако човек сака да си ги заглавува екстремитетите. Беше обезбедена со лепени клинови, а имаше можност за поставување и на чокови и френдови по потреба ако растојанието се видеше поголемо. Сидриштата беа исто со по два лепени клина и по искачувањето - по три абзели бевме под карпата...
Следен избор беше карпата „на прохода Вратцата“. Таа е на излезот кон Згориград. Има убави насоки - и кратки и долги и сите завршуваат на Западниот Гребен од кој од врвот по добро маркирана патека се симнува до под карпата. Има можност и за абзелување од врвот меѓутоа поради тоа што овој дел е популарен, абзелувањето тој ден ќе беше стресно – да не има некој под тебе да му згазнеш на шлем или да му бутнеш камен...
Заборавив претходно да споменам: поради државен празник и неработни Понеделник и Вторник, бугарските алпинисти имаа организирана 4-дневна државна алпинијада. Имаше убав број на качувачи...
Овде ја избравме насоката Академик (VI-). Всушност во неа во моментот немаше друга наврска и застанавме под неа распослувајќи ја опремата во случај некој да дојде - „да почака“. И оваа насока беше целосно обезбедена со лепени клинови во должините, а на сидриштата имаше по два поставени за лесен абзел. Имаше 6 прекрасни должини од кои најкарактеристична е третата - слободно качување со убави движења по плоча. И другите должини беа многу убави и беа уживање!
Од врвот на овој подмасив се гледа од убав агол Централната Карпа со целата своја величенственост - 400 метри прекрасно бел варовник.
Утредента отидовме во неа:
Вториот Конгрес на БТС (V+, A1)
Многу убава насока. Тоа што најмногу ми се допадна е тоа што Бугарите ги имаа оставено веројатно најтешките делови за слободно качување до VI-кa, необезбедени. Да се разбереме: Ова е една насока по која е направена и абзел линија што значи сите сидришта се со по два лепени клина. Исто така има доволен број алпинистички клинови и во должините. Значи не е дека нема обезбедување „ин ситу“ во насоката...
Меѓутоа! - Во фантастичните пукнатини и супер цврстите лушпи во кои се качуваше со дилфер техника (најдобрите дилфер движења во мојот живот!!!) - немаше обезбедување. Бев воодушевен. Карпата е цврста и трпи чист стил на качување.
Клиновите кои ги споменав дека ги има - ги има доволно но се стари, зарѓани и во деловите кои се А1 - кога се прикопчуваат се чувствувате како да качувате во А4 насока (што би се рекло - не сакате еден од нив да попушти). Добро ајде не е така страшно - но навистина се движев брзо во тие делови :)... На страна од тие два А1 моменти слободното качување беше многу добро. Совршено!
Оваа насока е популарна и за среќа бевме први во неа. Сепак поради тоа (имаше три наврски под нас) - не се решивме да абзелуваме туку ја искористивме добро маркираната патека која води до сипарот, а потоа по него надолу до Домот...
Како за крај
Си поминавме чудесно! Сметам дека овие последни три насоки се одличен вовед за Враца ако некој планира прва посета на овој локалитет. Фина можност да се почувствува оценувањето на техничките тежини и карпата под прстите и патиките. После тоа може да се надградува и влегува во потешки насоки како на пократките во помалите подмасиви до по 100 метри вертикала, така и во Централната Карпа...
Забелешка: Во текстот е споменато дека е качувана насока обезбедена со експанзиони клинови. Ја почитуваме одлуката на првите качувачи да го направат тоа и не постои ниту една насока која до сега сме ја качиле – која не ни се допаднала, со движењата кои ги понудила! СЕПАК, не го охрабруваме поставувањето на експанзиони и слични на нив клинови во нови (а уште повеќе и во стари) насоки и ве охрабруваме да го прифатите тој пристап – да се остава што помалку трага зад себе и да се остават тие „невозможни“ линии за генерациите кои ќе следуваат!
|