Ептен кратко на темава:
Во 1989 година, македонските алпинисти организираат експедиција на Еверест. На сите ни е познато што се случува - Димитар Илиевски -Мурато станува првиот Македонец на врвот на највисоката планина во светот, но за жал при враќањето загинува...
Во рамките на експедицијата, покрај останатите македонски алпинисти има и двајца други членови - Хрватот Стипе Божиќ и Словенецот Вики Грошељ.
До ден денес - има луѓе кои дали поради годината (1989г.) или поради другите двајца членови кои не се Македонци - сметаат дека тоа не било МАКЕДОНСКА експедиција...
И тоа се обидуваат да го докажат на најразлични начини... |
Македонска!
-12.10.2010г., Игор Т.
На 1-ви Октомври оваа година, до Стипе Божиќ стигнува следново прашање потпишано од „Џони“:
01.10.'10 Johnny
U 1989 god na vrh everesta ste bili so kojem ekspediciju.. makedonska ili..
(Превод: Во 1989год на врвот на Еверест бевте со која експедиција... Македонска или...)
Одговорот кој го добива од Стипе е:
„1989. godine sam bio član Makedonske ekspedicije na Mount Evereset.“
(Превод: Во 1989 година бев член на Македонската експедиција на Монт Еверест)
А еве како тоа изгледа и на сајтот на Стипе Божиќ:
Зошто?
Зошто некој има потреба да покаже и докаже дека тоа не било Македонска експедиција?
Веројатно „Џони“ интуитивно го знаел одговорот што ќе го добие од македонските алпинисти (водачот и учесниците), па се решил да го поткопа тоа прашувајќи го Стипе. Со оглед на одговорот од Стипе - веројатно следен ќе биде Вики Грошељ?
Ајде да му ја олеснам работата и да му пренесам многу краток извадок од книгата на Вики „4 пати 8000“ во која во делот за Еверест пишува: „Македонци... Ние сме нивни гости...“ На „Џони“ му предлагам да отиде и до новоотворениот Музеј на Словенечки Алпинизам во Мојстрана, Словенија. И таму ќе го добие истиот одговор...
Но најважно!
Во Словенија ќе може да види како една напредна планинарска заедница ЗАЕДНО работи за развојот на својот алпинизам и ЗАЕДНО - објективно се грижи за својата историја...
Ако „Џони“ навистина искрено ги сака планините и спортот - треба да планинари, да качува, да фотографира, да ужива, да се смее - да биди среќен во нив...
Политиката - треба да им ја остави на политичарите!
Како за крај
Сето ова е само моја претпоставка! Можеби „Џони“ не сака да го негира идентитетот на македонската експедиција - туку само сака да добие потврда за вистината од што повеќе извори!
|