Share

Размислување од Бугарија...

-22.11.2012г., Игор Т.

За време на „Ехо – Денови на планинскиот филм“, имавме можност да уживаме во убава презентација на словенечкиот алпинист Урбан Новак. Со Урбан во текот на викендот по фестивалот и качувавме на Матка и не знам од каде се појави тема на разговор неговиот партнер Хајден Кенеди и Урбан ме потсети на случувањето со вадењето на експанзионите клинови од карпата на Серо Торе, кое Хајден го направи во почетокот на годината.

Тоа беше настан кој предизвика лавина реакции од сите страни со многу „про ет контра“ аргументи, а некаде тој настан инспирираше и реакција на локално ниво. Како на пример во Бугарија. Двајца алпинисти пишуваат своја реакција и нивно размислување за присуството на експанзионите и лепените клинови во локалитетите во Бугарија:
(Нивните текстови се напишани по размислувањето на аргентинскиот алпинист Роландо Гариботи за темата погоре (вадењето на експанзионите) преку неговиот текст: „Што има во еден врв?“))

Колку е тоа далеку од нас?
-Никола Леваков

Повеќе не е тешко да одиш на секое интересно место во светот. Само треба да го посакаш тоа силно. И да си здрав.

Проблемите со етиката немаат локален карактер. Полемиката низ годините се променила од „со јаже или без“, „За“ или „Против“ клиновите, „Со кислород или без?“ итн. Сега се на ред експанзионите, а утре ќе биде нешто друго. Но секогаш работите се сведуваат на нормите кои сме ги прифатиле како наследство на воспитувањето и средината околу нас. Што е правилно? Им сметаме ли на другите со нашите постапки кога ги „подобруваме“ насоките со бушење? Да не си го задоволуваме само егото со тој „успех“ на инаку невозможна за нашите можности насока? Коментарот за далечниот врв како Серо Торе не е толку далечна тема за нас во Бугарија. Постојано некој „опремувач“ прави да разбереме како се прават работите. Тоа минува незабележано. Малку луѓе се интересираат, уште помалку се замислуваат, а најмалку превземаат нешто. Ќе биде голем успех во Бугарија воопшто да има дискусија на оваа тема!

За прашања како овие:
-Кој определи Камините на Витоша да станат полигон за безобразно бушење?
-Кој и како определи цели масиви на Враца да се лепат?
-На кого му беше потребно да поставува експанзиони клинови на северната страна на Вихрен?
-Зошто се кова „Класичната“ на Маљовица?
И уште многу други...

Некој ќе рече дека има дискусија. Но, резултатот е лош т.е. се наметнува чие мислење? При демократско решение на даден проблем дури не победува мнозинството, а не па неколку луѓе со празни глави и бормашини. Во демократијата победува етиката. На локално ниво во Бугарија „победата“ е за Петкототевци. До кога?
Верувам дека повеќето луѓе сакаат почиста средина – од природен, морален и секаков друг аспект...

Ние сме овде и сега!
-Григор Ватев

...Во минатото имало насоки за кои сум слушал како луѓето зборуваат со милина. Денес кога тргнувам по нив, гледам како светкаат главите на лепените клинови кои некој решил дека треба да се стават таму и покрај тоа што френдовите и чоковите ни даваат уникатна можност да ја поминеме насоката без да оставиме трага зад себе.
Како ги развивале железната психа и челичните нерви качувачите во минатото? Секако без експанзиони и лепени клинови. Не сум целосно против нив се разбира. Сметам дека треба да бидат користени само таму каде е навистина неопходно и тоа умерено. Неопходноста пак е прашање на проценка, која сепак носи одредена мерка на субјективност.

Можноста за слободно поминување и без експанзиони и лепени клинови докажувана низ времето, се наклонува кон изборот да се биде „против“ нивното поставување. И ете овде е време да се размисли трезвено и да се доведат работите до логичен крај.

И како што има кажано Силво Каро: „Јас сум убеден дека во алпинизмот „како“ си се искачил е многу поважно од тоа „што“ си искачил и не се сомневам дека најдобри се тие кои оставаат минимална количина опрема зад себе.“ Ние сме овде и сега, но после нас ќе има и други!

Copyright © Alpinizam.org