Share

Андерграунд

-20.11.2012г., Игор Т.

Италијанските качувачи сé повеќе развиваат локалитети во кои се качува во чист стил. Дел од медиумите во текот на оваа година пренесуваа за неколку искачувања во разни делови од Италија и полека но сигурно може да се каже дека Орко и случувањата на овој меѓународен собир посебно ја размрдаа сцената и во оваа земја, во која самите локалци велат дека тој начин на размислување (чистиот де нели) сé уште е „андерграунд“.

Е сега, се зборува дека најегзотичните локалитети за качување во чист стил во Италија се на Сардинија и тоа поточно на западната обала или најточно на Капо Пекора. Овде се прават истражувања уште од 2000-тата и областа и покрај неколку годишно качување сé уште изобилува со можности за нови насоки на супер карпа. Полека на виделина се појавуваат и видео материјали, па еве едно клипче за искачувањето на насоката „Посејдон“ (7а) чиј автор е Маурицио Овиља.

Тој е еден од најпасионираните истражувачи и промотори на чистиот стил на качување во оваа област и во ова клипче вели: „Во 2000-тата година почнав да развивам голема пасија кон чистиот стил на качување и тоа на кратки насоки со по една должина, како што тоа го прават во Англија. Секогаш мислев дека тоа е веројатно многу различно од тоа што претходно го имав правено во планините и во локалитети на Монт Блан. Во 2001-та на Карлофорте во Сардинија искачив неколку тешки насоки на базалт со тежини до Е5 (7а+). Во последните години, не престанав да трагам по линии и локалитети кои се пригодни за качување во чист стил и често сонував за пронаоѓање на „совршената линија“.

„Посејдон“ е насока која дефинитивно пред неколку години би ја избушил, но денес знам дека е насока која може да се искачи со френдови. Тоа го прави качувањето многу повозбудливо. Со експанзиони клинови таа ќе беше уште една како илјадници други насоки, но без експанзиони клинови таа е уникатна насока на Сардинија.

Во 2001-та година во Италија никој не знаеше што е тоа „чист“ стил на качување или како што тоа еден новинар го нарече по нашето искуство на Карлофорте - Вистинско качување.“

Copyright © Alpinizam.org