Share

Голема работа, па не е болдеринг...

-22.03.2013г., Двејн Рајли
(Текстот е објавен во списанието RockAndIce, од каде го превземаме
со дозвола од редакцијата)

Минатата недела, кога британскиот алпинист Џонатан Грифит направи соло поврзување, во зимски услови и во еден ден на северните страни на Верт, Корт и Дру, симнувајќи се по две од нив и скијајќи надолу по другата страна на последната од нив, повеќето луѓе ја скокнаа таа вест. Неговото поврзување стигна на веб страната, но на скала од еден до десет, за тоа колку оваа вест им била интересна на читателите, таа доби тројка. Он-лајн видеата кои прикажуваат падови (во ред ќе признаам дека се спектакуларни), нови и тешки болдер проблеми и други слични известувања, за кои никогаш нема да можеме да кажеме дека се кој знае колку за помнење или со некаква важност, беа попопуларни од искачувањата на Грифит.



Не можам да направам добра споредба со некое искачување на карпа, со тоа што значи достигнувањето на Грифит, но најблиску до тоа е соло искачувањето на Алекс Хонолд на Ел Капитен, Халф Доум и Монт Воткинс. Оваа трилогија стигна и до Њујорк Тајмс.

Недостатокот на интерес и почит оддадена кон достигнувањето на Грифит, го засилува мојот сомнеж дека се оддалечуваме од изворот на алпинизмот. Јаболката се тркалаат подалеку од јаболкницата од која паѓаат. Качувачите кои се внесени во качувањето во сали и кои сега се мнозинство, не можат да се поврзат со подзарѓани старци (како мене) кои ја јадеа книгата на Гастон Ребуфа „Сјај од ѕвездите и невреме“ за доручек. Парадоксално е тоа што алпинизмот сега е во врвот на својата историја: со брзи соло искачувања на Ајгер, Гранд Жораз, Иноминатата на Монт Блан, тимски брзи искачувања на Бонати Директ на северната страна на Матерхорн – а сепак интересот на јавноста во САД е на најниското ниво.

Соло искачувањето на Грифит можеби не го запали оганот затоа што тој беше сам на радарот. Напиша многу кратко известување на својот веб сајт и немаше никакво друго медиумско покривање. Грифит планирал да качува со партнер, но кога тој му откажал, Грифит едноставно си рекол:  „Заеби! Ќе одам сам.“ Не помогнало ниту тоа што овие северни страни и покрај тоа што се големи и со убава историја, сепак не им се толку познати на повеќето качувачи, а пак тие што слушнале за нив, најверојатно ги сметаат за средно тешки искачувања на умерен снег и мраз. Дури и Грифит самиот малку ги потпикна овие искачувања под черга пишувајќи: „Од еден аспект ова навистина е долг ден, но од друг аспект пак и не е некоја голема работа.“

За подобро да се разбере, страните кои тој ги солираше се високи повеќе од 1000 метри и во себе имаат сериозни објективни опасности кои до сега имаат убиено повеќе алпинисти. Овие три северни страни имаат едно поврзување во минатото: во 1986-тата година од страна на Жан-Марк Бовин кој пред да ги качува, веќе имал поставено параглајдери на нивните врвови за да ги користи за симнување. Пред неколку години Колин Хејли и Нилс Нилсен се обидоа да направат поврзување, но нивниот обид беше неуспешен. Грифит беше првиот човек кој успеа да го направи тоа користејќи го само својот човечки капацитет, а тоа го направи и во не толку пријатни услови. На Легард на североисточната страна на Дру тој бил блиску до паѓање во неколку наврати, качувајќи во „длабок шеќерест снег“ и при тоа со „деликатни движења со нозете и без можност за добро поставување на цепините.“

Физичката и психичката издржливост кои се потребни за да се качува толку долго и толку брзо е неверојатна и е карактеристика на само неколку луѓе, како на пример Ули Штек, Дени Арнолд и Килиан Жорнет. Преку болдерингот и качувањето во сала се одгледуваат легии на качувачи од светска класа и со нив можеме да се поистоветиме затоа што можеме да качуваме на истите работи на пониско ниво секако, а и да ја слушаме истата музика.

Скоро никој не може да се поврзе со тоа што во моментов се случува во алпинизмот и не можеме да ги имитираме подвизите на Грифит и на луѓето од неговата сорта. А ако се обидеме да играме по нивните ноти, секако дека следната музика која ќе ја слушнеме ќе бидат звуците на харфата...

За дваесет години од сега, само неколку алпинисти (ако некој и воопшто) ќе ја повторат трилогијата на Грифит, но V15 болдер проблемите ќе бидат вообичаена работа. Лесно е да го игнорираме тоа што не го разбираме, а исто така лесно е и да проголтаме некој голем број. Но сепак, тоа што денес е популарна вест и тоа што се дефинира како „тешко“, не значи дека ќе биде историјата на утрешнината.

Copyright © Alpinizam.org