На оваа тема:

-Текст на Силво Каро за некои негови искачувања, вклучително и Фицрој (Патагонија воопшто)...

Дома

Фицрој

Многу често во делот со вести на нашиот сајт, можете да прочитате за искачувања на оваа планина, па сакавме да ви ја претставиме - зошто таа е толку специјална и зошто не пропуштаме да пренесеме било што што се случило на нејзините ѕидови...

Алпинистичките насоки на Фицрој, од неговиот глечер се издигнуваат од 1000 метри сé до 2300 метри во вертикала, а врвот на планината е на 3375мнв...

Еден Француски алпинист читајќи статија напишана од Чарлс Дарвин вели дека добил впечаток дека Фицрој е „како прекрасна ноќна мора – како визија на Едгар Алан По...“. Чарлс Дарвин го видел Фицрој во 30-тите години од 19-тиот век.

Тој патувал со брод собирајќи докази за неговата теорија за природната селекција и „наминал“ и во Патагонија – Фицрој се наоѓа на границата помеѓу Аргентина и Чиле. Врвот „тогаш“ се викал Шалтел – но „бил преименуван“ во чест на капетанот на бродот на Дарвин – Роберт Фицрој.

Толку се застрашувачки неговите мазни и подмрзнати карпи што никој ниту се обидел да го качи сé до 1937 година. Тогаш група италијански алпинисти стигнува до седлото помеѓу Фицрој и неговиот јужен сосед – влегувајќи во историјата како први луѓе кои се обиделе да стапнат на Фицрој. Во следните четиринаесет години имало неколку обиди, но сите биле неуспешни и ја потврдувале „лошата“ репутацијата на планината.

Во 1951 година во Аргентина пристигнува тим на познати француски алпинисти меѓу кои и Лајонел Тери. Тие во Буенос Аирес биле пречекани од претседателот Хуан Перон кој им понудил два војнички камиони кои би ги однеле на 15-тина километри од базниот логор.

Француската експедиција го поставила својот базен логор под Италијанското седло нешто пред Нова Година и во следните две недели тие носеле залихи на самото седло каде имале ископано снежна пештера (бивак). Потоа дошол период на многу лошо време (што е главна карактеристика на овој регион) и алпинистите морале да чекаат тоа да помине. На 30-ти Јануари времето се подобрило и тие однеле дополнителни залихи во пештерата. Два дена подоцна Лајонел Тери и Гидо Мањоне почнале да качуваат по јужно-источната страна на Фицрој замајќи со себе клинови, цепини, малку храна и вреќи за спиење. После четиринаесет часа качување тие поминале нешто помалку од 300 (вертикални) метри. После едно бивакување на самата карпа тие следниот ден биле на врвот и Лајонел рекол дека тоа било најтешко искачување во неговиот живот. Колку било тешко искачувањето покажува фактот што второ искачување на оваа планина било направено дури после тринаесет години.

Денес „нормалната“ насока на Фицрој е по неговиот јужно-западен гребен – насока искачена во 1968 година од петчлена екипа чиј член бил и Ивон Куинард. Еден интересен детал од тоа искачување е тоа дека оваа група била принудена да исчека да помине големо невреме – преседувајќи цели дваесет и пет дена во снежна пештера (бивак). Сепак откако се повлекло невремето тие сите успеале да се искачат – насока со седумнаесет должини од кои три со техничко качување.

Без разлика во каков стил ќе биде направено искачувањето на Фицрој – тоа сигурно е едно од најголемите алпинистички достигнувања. За некои тоа е животно остварување. Младиот (дваесет годишен) Аргентинец, Хозе Луис Фонруж, по второто искачување на оваа планина во 1965 година, изјавил: „Почувствував состојба на милост и голема смиреност по реализирањето на овој сон.“

Copyright © 2005 Alpinizam.org