Други текстови на оваа тема:
- „Тајниот Премин“, нова насока во Окт./2008г.
За карпата
Ел Капитен е еден од најпознатите качувачки локалитети во САД, кој се наоѓа во Националниот Парк Јосемити, во Калифорнија. Тоа е околу 1000 метри вертикална, гранитна карпа чиј врв се наоѓа на 2307мнв...
Првите искачувања датираат уште од 1958 година кога е искачена насоката „Носот“. Од тогаш овде се направени преку 70 различни насоки, варијанти, пречки, поврзувања...
Искачувањата се прават по југозападната страна (на горната слика кај описите во текстот) и југоисточната страна (на долната слика во описите)...
Во „слободен стил“...
Насоките кои се овде опишани се искачени уште во 60-тите и 70-тите години од минатиот век. Овој текст ги издвојува како насоки кои се качени во слободен стил. Тоа значи дека алпинистот при качувањето, за напредување го користи само тоа што му го нуди карпата - релјефот - пукнатини, фаќалишта, блокови...
Тој зависи единствено од својата сила и техника на качување, а опремата ја користи само за обезбедување, а не за тегнење по неа - што се смета за крајно неетичко...
|
Ел Капитен во слободен стил
- Текст на Томи Колдвел - претставување на насоките кои се искачени во слободен стил на Ел Капитен до Септември 2006год.
Уште кога го видов за прв пат Ел Капитен - посакав да стане дел од мојот живот. Во изминатите години овој ѕид ме инспирираше да качувам поинтензивно, многу повеќе од било кој друг локалитет. На Ел Капитен се качив во слободен стил девет пати и никогаш не ми здосади. Големата експонираност, бескрајните пукнатини и тешкиот во континуитет терен го прават качувањето неспоредливо со ништо друго во светот. Пред пет години на оваа карпа се правеа само по два обида за слободно качување годишно, а сега најмалку десетина. Скоро на карпата сретнав двајца професори од Денвер кои качуваа во слободен стил на насоката „Фрирајдер“. Тие изгледаа сосема просечно, беа во постари години и го користеа својот летен одмор на карпата. Не ги следеа камери и ја качија насоката без никакви фанфари.
Во описот стои: име на насоката, првите качувачи кои ја поминале слободно, во која година, стил и колку слободни повторувања има од тогаш направено (за кои се знае)
1. Притаен страв (X-), Томи Колдвел и Бет Роден, 2000, тим редпоинт, 0
2. Западен столб (X-), Томи Колдвел, 2003, индивидуално слободно, 0
3. Диедарот (X+), Томи Колдвел, 2004, индивидуално слободно, 0 - најтешката „слободна“ насока на карпата
4. Салате (IX+), Тод Скинер и Пол Пјана, 1988, тимско слободно, 10
5. Фрирајдер (IX), Алекс Хубер, 1995, неконтинуиран индивидуален редпоинт, 14
6. Голден Гејт (IX+), Алекс и Томас Хубер, 2000, тим редпоинт, 4
7. Ел Коразон (X-), Алекс Хубер, 2001, индивидуално слободно, 0
8. ѕидот „Муир“ - „Шафт“ варијантата (X-), Томи Колдвел и Ник Сагар, 2002, тим редпоинт, 0
9. Носот (X+), Лин Хил, 1994, индивидуално слободно, 3
10. Ел Нињо (X-, A0- поради тоа што се прави кратко абзелување на 13-тата должина), Алекс и Томас Хубер, 1998, тим редпоинт, 4
11. Зодијак (X), Алекс и Томас Хубер, 2003, тим редпоинт, 1
|
Еве ја мојата визија за едно совршено искачување на Ел Капитен: Некој пристигнува во Јосемити во текот на ноќта без претходно да ја има видено карпата ниту на слика. Тој или таа застанува под карпата и искачува нова насока во соло стил. Денес за жал се случува сосема спротивното: фиксни јажиња, носачи, складирање на опрема по карпата... Работи кои ја намалуваат вредноста.
Алпинистите гледале кон Ел Капитен со желба за слободно искачување уште од моментот кога Френк Захерер и Џим Бридвел во 1965 година се обидуваа да ги поминат слободно некои делови на насоката „Носот“. Првиот обид за поминување на целата насока во слободен стил беше направен во 1979 година од страна на Макс Џоунс и Марк Хадон кои беа неуспешни во само 100-тина метри од насоката „Салате“. Нешто што е исто така важно во нивниот обид беше тоа што во нивната наврска и вториот требаше да качува слободно – стил кој ќе исчезне во наредните 15 години...
Во 1988 година во оваа насока влегоа Тод Скинер и Пол Пјана. Тие во период од 30 дена фиксираа јажиња, абзелуваа, носеа дотур на опрема и ја поминаа во слободен стил – барем еден од нив качуваше слободно во секоја должина.
Во 1933 година Лин Хил го помина „Носот“ – слободно и соло. Тоа беше шок во светот на алпинизмот. По една година таа повторно се качи, но овој пат за еден ден. Во следните години на сцената се појавуваат браќата Алекс и Томас Хубер – Германци кои ќе направат слободни искачувања на неколку насоки на Ел Капитен...
Низ историјата се разви силна дебата околу стилот и етиката. Што е валидно, а што не? Лично сметам дека правилата немаат смисла. Треба ли да има судии под карпата кои ќе имаат правилници и мегафони? Сé додека алпинистите ја почитуваат карпата и го пријавуваат искачувањето и стилот на коректен начин – тие треба да си качуваат на начин на кој ќе изберат. Кога ќе видам луѓе кои повлекуваат линии околу себе чувствувам несигурност и срамна стратегија за сопствено промовирање и непочитување кон другите.
Стиловите може да бидат збунувачки и Алекс Хубер се обиде да ги дефинира: „Тимско слободно качување“ е тоа кога барем еден член во наврската ќе води слободно, а вториот ќе може да користи јумар за напредување – каков што беше случајот со Скинер и Пјана.
„Тимски редпоинт“ е кога секоја должина е качена слободно од секој член од наврската – стил кој најчесто го користат браќата Хубер.
„Индивидуален редпоинт“ е кога еден качувач ги качува во слободен стил сите должини во континуитет – како што тоа го направи Хил на „Носот“.
„Неконтинуирано искачување“ – кога наврската качува еден дел од насоката слободно, но потоа поставува фиксни јажиња до земја. Во следниот наврат тие со јумар се качуваат по тие фиксни јажиња и продолжуваат нагоре повторно фиксирајќи јажиња или едноставно качувајќи до горе.
За искачување на Ел Капитен во слободен стил е потребно повеќегодишно искуство, високо чувство на етика и волја за страдање. Скоро сечие прво искуство е повик за будење. Неколкумина ми имаат кажано дека повеќе нема место за нови насоки за слободно качување на оваа карпа, но моето искуство ми вели нешто поинаку. Скоро секоја линија која сум ја погледнал до некоја мера е изводлива. Кога ќе заврши една пукнатина, качувајќи преку плочи, повторно може да се дојде до нова пукнатина. Се прашувам што би се случило кога некој би имал сила во прстите како Крис Шарма, ладнокрвност како Лио Холдинг, издржливост како Скоти Бурк и визија како Ворен Хардинг. Не би се изненадил ако во следните 20-тина години се појават нови десетина насоки на Ел Капитен. Повеќето би биле на крајната лева или десна страна, но неколку би можеле да се најдат и во средината на карпата. Сонувам за нова насока помеѓу „Носот“ и „Северно Американски Ѕид“. Не знам дали јас би имал капацитет да го направам тоа, но сигурен сум дека следната генерација ќе биде способна за тоа.
Верувам дека повторно ќе станат тренд искачувањата да се прават во континуитет од долу до врвот во еден здив. Верувам дека наскоро ќе се случи и соло слободно искачување на „Фрирајдер“. Се надевам дека идните качувачи ќе ја почитуваат карпата и нема да им посмета нивното его.
Не сакам да видам насоки каде се копани или лепени фаќалишта. Доволно е направена штета од кладивата на техничките качувачи. Сигурно ќе се поставуваат експанзиони клинови, но се надевам дека тие ќе бидат поставени промислено. Поставување експанзиони клинови на стари насоки претставува непочитување на минатото и нешто што ја ограничува иднината. Денес луѓето прават нешто што беше сон во минатото и овој тренд ќе продолжи. Само напред! |
Томи Колдвел (роден на 11-ти Август 1978год.) е еден од најдобрите качувачи во САД. На почетокот стана многу познат искачувајќи ги најтешките спортски насоки, но денес негова најголема пасија се големите карпи, а посебно Ел Капитен.
На оваа карпа, во Мај 2004 го направи првото слободно качување на насоката „Диедарот“, а во Октомври 2005 најпрвин со Бет Роден (неговата сопруга) ги направија третото и четвртото искачување на „Носот“.
Два дена потоа ја помина насоката „Носот“ за помалку од 12 часа, а по неколку дена за помалку од 24 часа помина во слободен стил две насоки – „Носот“ и „Фрирајдер“.
Два инциденти од минатото – заедно со Бет и двајца пријатели, Џон Дики и Џејсон Смит беа заложници во Киргистан симнувајќи се под закана со истрели од голема карпа во обид за нова насока, а во 2001 година (работејќи столарски работи) со циркулар си отсече две третини од левиот показалец...
На оваа карпа слободно ги има поминато и Притаен страв, Муир, Западен Столб, Салате и Зодијак... |