За карпата
Ел Капитен е еден од најпознатите качувачки локалитети во САД, кој се наоѓа во Националниот Парк Јосемити, во Калифорнија. Тоа е околу 1000 метри вертикална, гранитна карпа чиј врв се наоѓа на 2307мнв...
Првите искачувања датираат уште од 1958 година кога е искачена насоката „Носот“. Од тогаш овде се направени преку 70 различни насоки, варијанти, пречки, поврзувања... |
Тајниот Премин
-Од 6-ти до 10-ти Октомври 2008 год. - нова насока во слободен стил на Ел Капитен
Белгијците Николас Фаврес и Шон Вилануева искачија нова насока во слободен стил на крајната десна страна на Ел Капитен. Насоката е именувана „Тајниот Премин“, има 15 должини и е со оцена 5.13c R. Таа се движи генерално на страна од две насоки кои достигнуваат техничка оцена А4 и плус по нов терен.
Техничките тежини во насоката се со континуитет т.е. во нејзе има 9 должини со оцена 5.12 или 5.13 по ред од кои три се со ознаката „R“ која означува опасност – од аспект на лошо обезбедување или опасност од лош правец на пад.
Николас за насоката вели дека тоа било негово најголемо алпинистичко достигнување и најсилно качувачко искуство кое ги допрело границите на неговиот ментален и физички капацитет. Еве дел од неговата изјава по искачувањето:
„Со цел да ги поминеме техничките насоки негибнати, понекогаш качувавме на многу слабо обезбедување и исто така на поголемо растојание. Покрај физичкиот и менталниот предизвик, искуството на истражување на карпата со цел да ја поминеме во слободен стил за мене беше исто така многу моќно. Многу делови најпрво изгледаа невозможни, но со оптимизам, верба и креативност, сите на крај понудуваа излез со неверојатни фаќалишта од кои ако барем едно не постоеше – насоката немаше да ја поминеме слободно. Чувствувавме како секое фаќалиште да е знак на добра комуникација со карпата.
Со Шон знаев дека ќе се обидеме по оваа линија најдобро што можеме и да качуваме без фиксирање, без јумари или абзели, туку само качување од доле кон горе. Со нас за забава си земавме мандолина и флејта и си правевме импровизации на Ел Капитен...“
Првиот пат кога почнале да ја разгледуваат оваа линија поминале четири дена по насоката. Кога некој дел од техничките насоки покрај кои качувале не можеле да го поминат слободно, барале насекаде наоколу во тој лавиринт каде би можеле да поминат на тој начин. На само две должини од врвот изгледало како да ќе успеат, но тогаш пред нив се појавила четири метри апсолутно мазна карпа.
Разгледувале наоколу, но не можеле да најдат решение. Се искачиле технички до врвот и се спуштиле на страна од местото каде поминувала линијата за да видат да не најдат таму некое решение, но безуспешно. Заклучиле дека токму тој мазен дел е најлесен за поминување.
И покрај тоа што тој детал од насоката не можеле да го поминат слободно при разгледувањето, сепак се решиле да почнат од ново и едноставно да се забавуваат и висат на карпата. По пет дена качување стигнале до тој детал и Николас почнал од ново да разгледува наоколу. Во моментот кога почнал да се подготвува повторно да го помине технички тој детал, погледнал надолу и приметил мала испакнатина со прашина. Се симнал до тоа место и по мало расчистување се открила многу тесна пукнатина која што го открила „тајниот премин“ како да се помине слободно тој дел од карпата. |
Други текстови на оваа тема:
- Ел Капитен во слободен стил (текст на Т. Колдвел)
Други текстови за овој тим:
- Нови насоки на Гренланд;
- Тајниот Премин - слободно на Ел Капитен;
- Јужноафриканската насока - во слободен стил;
- Забава и во најтешките искачувања |