Нови насоки на Гренланд
-15.11.2010г. Игор Т.
Браќата Николас и Оливер Фаврес, заедно со Шон Вилануева (тројцата од Белгија) и Бен Дито (САД) во Јули и Август оваа година искачија неколку нови насоки на Гренланд – пристапувајќи со мал брод на едра (н.з. извинете за оваа можеби смешна дефиниција околу морнарскиот термин на пловилото, но немам никакво познавање на таа тема :)).
Насоките
Ајде прво околу насоките. Од 2-ри до 22-ри Јули тие искачија четири насоки во областа Упернавик качувајќи на три различни карпи. Трите први насоки кои ги искачија беа со должина од 350-400 метри, а четвртата е насока долга 850 метри која ја качуваа 11 дена при тоа поставувајќи кампови на висечки полици (потсетете се на висечки полици овде >>>>). Техничката тежина на насоките е VIII-/VIII+.
Во втората област (Кејп Феравел) качуваа од 16-ти до 21-ви Август и таму искачија 5 насоки на 4 различни карпи. Должината на овие насоки е од 450-550 метри, а техничката тежина VI+/VII+.
Стилот
Николас за овие искачувања вели: „Колку што повеќе качувам, толку повеќе согледувам дека качувањето значи многу повеќе од само движење преку карпа. Исто така се стремам кон качување „на фер начин“. При ова патување поминавме вкупно 4500 метри на карпи кои до тогаш не биле качувани и поставивме само еден експанзионен клин – на една плоча (н.з. тоа е во насоката „Градината на морските галеби“ – 400м, VIII-. Не се поставени експанзиони клинови ниту за висечките полици.). Не можевме да најдеме друг начин на обезбедување и едноставно не бевме доволно храбри да ја поминеме чисто или да се повлечеме, но секогаш постои простор за подобрување.
Причината поради која успеавме да ги поминеме сите насоки без експанзиони клинови беше тоа што насоките следеа многу пукнатини во кои опремата за чисто качување влегуваше совршено. Со малку повеќе имагинација и искуство – секогаш има доволно места за ваквиот начин на обезбедување. Некогаш требаше да ја ставиме на страна нашата зона на комфор и сé течеше „мазно“ освен во еден момент кога една пукнатина се скрши и кога при тоа нашиот систем за влечење на товарот попушти!“
Идеалот е сé да биде чисто
Николас: „Најдобра опција е секогаш работите да бидат што почисти. Идеално би било да нема експанзиони и алпинистички клинови, гуртни кои би биле оставени зад себе, траги од магнезиум или гума од патиките за качување. Но тоа е само идеал кој би бил многу тежок за повеќето качувачи (па и за мене). Тоа што е важно е да се чува ова во глава како идеал и не да се мисли дека нашиот личен стил на качување е најдобар и единствен начин. Секогаш постои простор за еволуција. А еволуцијата јас ја гледам во стил преку кој ќе учиме да оставиме што помалку трага зад нас. Качувањето секогаш треба да се чувствува како аџилак.
Кога се обидувам слободно да поминам некоја стара насока – тоа што ми е многу важно е да ја почитувам. Тоа значи да ја зачувам што подобро можам онака како што била оригинално направена. Човекот кој прв ја искачил, направил свои избори на начин на кој сакал луѓето да ја почувствуваат таа насока и јас го почитувам тоа. Всушност овој дополнителен момент во голема мера допринесува уште повеќе да уживам во слободното качување. Со додавање на експанзиони клинови во некоја насока, во најголем број од случаите, целосно се менува искуството во таа насока. Во повеќето случаи тоа искуство се сведува само на обичен физички аспект. Ја охрабрувам секоја акција за чистење на некоја насока од експанзиони и алпинистички клинови – во случај кога тоа, еволуцијата во производството на опрема повеќе не го оправдува нивното користење.
Кога некоја техничка насока ми изгледа невозможна и кога гледам дека има некоја варијанта која можам да ја поминам слободно, би толерирал користење на што помалку експанзиони клинови ако нема друг начин да се постави обезбедување (но дури и ова е субјективно кога ќе се види како некои качувачи се обезбедуваат на некои насоки како на пример во Британија) и кога ќе сум далеку од таа техничка линија па некој кој ќе ја повторува нејзе да не се збуни во тоа каде оди вистинската насока. Како што може да се види – не е сé секогаш јасно. Некогаш нашите граници се таму да правиме „хедпоинт“ на некои од пострашните должини или пак останува да почекаме некој кој е посмел и похрабар да го направи тоа. Се надевам дека други качувачи не би си дозволиле да ставаат експанзиони клинови на варијанти.
За мене поставувањето на експанзионен клин е форма на слабост, со што качувачот одбира да го намали предизвикот и искустовото кое карпата има да го понуди.“
Страшен пад
Во едно од овие искачувања Николас го имал како што вели тој - најстрашниот пад во неговиот живот. Имено во еден момент испаднал голем блок за кој тој се фатил и тој паднал 15 метри со фактор на пад 2 (потсетете се за фактор на пад овде >>>>). При тоа блокот го удрил и нивното сидриште – кинејќи една гуртна и кршејќи еден карабинер, а и јажето било поткинато на неколку места. Тој по падот бил свртен со главата надолу, но не бил воошто повреден. Вели: „Сега пивото ми има многу поубав вкус!“ :)))))
Повеќе инфо за оваа, но и претходни акции на овој тим - овде >>>>
|