Share
Дома

Јужноафриканската Насока на Паине

Во слободен стил – Ш. Вилануева, Н. Фаврес и Б. Дито (Јан/Фев - 2009г.)

Бевме привлечени од оваа насока пред три години. Таа е една од најубавите и најочигледни линии на Источната Страна на Централната Кула. Го следи огромниот диедар кој буквално ја сече Источната Страна на половина. Тоа е прекрасна линија која не можевме да ја заборавиме. Слушнавме за оцени како А3 и А4 и не бевме сигурни дали ќе можеме да ја искачиме целата насока слободно, но за да видиме – решивме да отидеме таму и да провериме... Источната Страна е многу експонирана и долга... Од нашите претходни искуства на овој локалитет знаевме дека карпата е фантастичен гранит кој има неверојатни можности за слободно качување.

Единствена информација која ја имавме за насоката беше краток опис кој го добивме по е-маил и груба линија на една фотографија. Видовме дека насоката е долга и со континуирана тежина и дека следи прекрасни пукнатини. Во неа ги откривме некои од најневеројатните должини кои било кога слободно сме ги качувале. Насоката е многу чиста – има само две сидришта со експанзиони клинови, но во нејзе најдовме многу оставена опрема од претходни експедиции и колку можевме од тоа симнавме со нас. Се работеше за неколку стотина метри јаже...

Тажно е што качувачите на ваков начин оставале ѓубре зад себе. Употребата на фиксни јажиња е избор на стратегија и претпоставуваме дека нема ништо лошо во тоа, меѓутоа треба да се направи сé тоа да се симне од карпата. Овде можевме да приметиме дека качувачите кои ги користеле овие фиксни јажиња воопшто не се обиделе да ги тргнат при симнувањето. Кога ќе се земе во предвид колку малку искачувања овде имало, а колку многу јажиња најдовме, изгледа дека е вообичаено да се оставаат јажињата зад себе. И на другите насоки има останато многу јажиња. Не ни беше пријатно да качуваме движејќи се низ оставените јажиња. Бевме многу среќни што можевме да уживаме во оваа неверојатна средина и ни беше многу важно да оставиме што помалку трага зад себе. Симнувањето на јажињата беше многу мал напор во споредба со задоволството кое го имавме кога ја гледавме карпата почиста како што се симнувавме.

За првото искачување (од 1973/74год.)...
Додека ја качувавме насоката забележавме колку сме импресионирани од неа. Наидовме на остатоци од конопни јажиња и бевме импресионирани од тоа колку многу малку клинови тие оставиле зад себе. Дури и по денешни стандарди во вакво првенствено искачување ретко се остава толку малку материјал зад себе.

За нивното искачување...

Поставивме два кампа со висечки полици: на 10-тата должина каде останавме седум дена и на 17-тата должина каде останавме остатокот од времето. Наша проценка е дека најтешките должини беа со оцена 5.12c. Во едната се следи диедар со многу мали фаќалишта, а во другата се качува плоча во која како да се решаваат болдеринг проблеми... Во насоката додадовме еден наш експанзионен клин со кој се обезбедува линијата по која слободно поминавме, а која беше малку на страна од техничката линија. Качувањето од 8-та должина па скоро сé до врвот е со континуирана експонираност и тежина. Најчесто 5.11, но никогаш под 5.10+. Обезбедувањето кое го поставувавме генерално беше во добри пукнатини кои од време на време беа многу тесни. Покрај техничките тежини во насоката секако другите тежини се и условите во Патагонија, влечењето на опремата и живеењето во карпата...

Повторување насоки – нови насоки...
Слободното качување е нешто што најмногу нé привлекува и повторувањето во таков стил на стара насока која била искачена технички носи многу елементи на истражување и авантура. И денес некои од најубавите линии при првото искачување се качени во технички стил и нé привлекува идеата повторувањето на таа линија да го направиме во слободен стил. За нас искачувањето на насока за која не сме сигурни дека ќе можеме да ја искачиме целосно во слободен стил е многу блиску до искуството на искачување на нова насока.

Други текстови за овој тим:

- Нови насоки на Гренланд;

- Тајниот Премин - слободно на Ел Капитен;

- Јужноафриканската насока - во слободен стил;

- Забава и во најтешките искачувања

Copyright © Alpinizam.org