На оваа тема: - Искачувања во 1952г; За „Хрватски планинар“: Списанието е службен гласник на Хрватскиот планинарски сојуз (ХПС), излегува од 1898 година и објавува книжевни прилози, патеписи, описи на интересни планинарски цели, известувања, пишувања за спелеологијата, експедициите, безбедноста во планините, основната работа на ХПС... Годишно излегуваат 11 броја со по 44 страни во В5 формат (17х24цм) (еден двоброј со 52 страни). Списанието излегува во боја и е богато илустрирано со атрактивни фотографии од најдобрите планинарски фотографи. 100-годишна традиција Ова списание е најстаро хрватско списание од областа на физичката култура и едно од најстарите европски планински списанија. Првиот број е излезен на 1-ви јуни 1898 година во тираж од 1000 примероци. Поради воени околности списанието не излегувало во периодот 1915-1922 година и 1945-1948 година. Со одлука на Претседателот на Република Хрватска, Стипе Месиќ, „Хрватски планинар“ и ХПС во 2008 годинаго имаат добиено признанието „Повелба на Република Хрватска“. Во бројки - Дебелината на сите печатени броеви: 240 сантиметри Повеќе информации |
Нови искачувања на карпите на Солунска глава (2540м) -текст: Мирко Згага, фотографии: М. Згага, Е. Ракош Нежилови карпи За време на првиот републички алпинистички курс при ПС на Македонија, направени се неколку првенствени искачувања на Нежиловите карпи т.е. карпите на Солунска глава. Како појдовна точка се користеше кампот покрај изворот на околу 50 минути пешачење од планинарскиот дом „Нежилови карпи“. Тоа е всушност и раскрсницата на маркираната патека која од овде почнува стрмно да се издигнува (Сл. 1. (А)), потоа патеката преку која се пристапува до карпата со долго пречење (С) и патеката која се симнува кон изворите на Бабуна, а која може да се користи за пристап на јужната страна (В). Враќањето по искачувањето се правеше по нормалната маркирана патека. Поради полесен преглед на карпата, се користевме со некои народни имиња, а нешто и самите именувавме. Во источната страна, која се карактеризира со четири големи испакнатини и четири големи кулоари, веќе од порано имаа направено искачување Словенците (Урош Жупанчич, 1936г.) и тоа по последниот кулоар. По кажувањата изгледа дека домашните ловци и претходно често ги користеле разните кулоари за свои потреби. За јужната страна на Солунска глава го користевме народното име „Мокар камен“ за кое име и самите се уверивме дека сосема одговара. И после само краток дожд, карпата се навлажнува, станува темно сива до црна, а по многуте жлебови почнуваат да течат и поточиња. Источната страна поради изразените испакнатини ја поделивме во четири глави. Првата глава е најблиска и има релативна висина од 200м. Таа се зголемува кај третата и четвртата глава на 500м. Јужната страна е висока околу 700м, но во нејзе има многу жлебови и обраснати сипари кои ја намалуваат висината на чиста карпа на 500м. За пристапите на Солунска глава веќе пишуваше Жељко Пољак („Наши планини“ бр. 12/1950), каде е приложена и скица на планината. Морам да напоменам дека изворот на Бабуна, целиот амфитеатар на Нежиловските карпи како и самиот пат кој би требало да води до изворот не се доволно точно исцртани. Покрај тоа, новиот маркиран пат води преку планинарскиот дом, а тоа не е назначено во скицата. Исто така има и разлика во некои локални имиња, но тоа не може со сигурност да се тврди поради тоа што и самиот народ често со исто име нарекува различни места... Целиот амфитеатар над Бабуна е прекрасна слика за гледање. Бујното зеленило го разубавува целиот крај. На човек му паѓа жал што во тој рај за диви кози, ги нема овие животни, кои за жал од пред неколку години се истребени. Длабоко засечените кулоари со стрмни карпи го отежнуваат пристапот до карпата. На јужната страна може да и се пристапи од самиот извор на Бабуна или со пречење под источната страна. Пристапот трае 2-2.5 часа. Пристапот до источниот дел на Нежиловите карпи е со пречење во неговото подножје. Во зависност од оддалеченоста на разни влезови во насоки, овој пристап трае 1-2 часа (сметано од изворот)... Источна страна на Солунска глава Насока на левото ребро на Првата глава (Сл. 1. и 2. (1)). Влезот е од десната страна на реброто на околу 20м во десно од жолтите плочи преку кои реброто стрмно паѓа и преминува во тревната падина. Преку системот на тесни и слабо изразени жлебови (неколку должини на јаже) до слабо изразената глава. Главата се заобиколува од десно и со пречење во лево по стрмната падина се излегува на гребенот. Во продолжение по реброто по многу кршливи плочи до работ на карпата. Насока на средното ребро на Првата глава (Сл. 1. и 2. (2)): Влезот е на десната страна на гребенот околу 10м, а потоа полу-лево горе на самиот гребен по кршлив терен. Од овде држејќи се по работ на гребенот до крајот на карпата. Карпата е многу кршлива и делумно експонирана. Насока на десното ребро на Првата глава (Сл. 1 и 2. (3)) - „Македонска насока“: Од подножјето на карпата со кратко пречење до работ на реброто. По него преку раскршени блокови и по четири должини до стрмниот скок. Скокот се заобиколува од лева страна со една должина на јаже, а потоа повторно во десно на работ. Понатаму до крајот на реброто. Каде тоа завршува се пречи во лево една должина, а потоа по кршлив терен до крајот на карпата. Насока по жлебот на Втората глава (Сл. 1. и 3. (4)): влезот во карпата е некои 50м од жлебот помеѓу Првата и Третата глава. По лесен и обраснат дел во десно нагоре кон крајот на реброто. Преку плиток жлеб во десната страна на реброто до мало зарамнување. Десно горе по многу искршен терен до работ на реброто. Потоа лесно се пречи во лево и малку надоле до жлебот. По жлебот до место каде тој се разгранува. Се оди во десно, право кон седло на острото ребро. Преку острото, искршено и експонирано ребро кон самиот раб на карпата. Насока по столбот на Третата глава (сл. 1. и 3.(5)). Од кулоарот помеѓу Втората и Третата глава се пречи во десно надолу до жлебот под црниот камин кој е видлив уште од далеку. Малку по жлебот, а малку и по неговата лева страна се стигнува до неговиот крај. Во лево нагоре по расчленета карпа кон мал гребен кој се качува во лево и станува столб. На место каде столбот се наслонува на карпата се пречи цела должина на јаже во лево (изложено, клинови), а потоа по плиток жлеб право нагоре и во десно кон заб (многу тешко, изложено, кршливо). По благ терен нагоре и цела должина во лево. Преку големи блокови на пола во десно и на работ на карпата. Јужна страна на Солунска глава Насока по левото ребро (Сл. 1 и 4. (6)). Од црните карпи во жлебот над изворот на Бабуна се оди во лево нагоре по тревнат и стрмен терен. Потоа се пречи во лево преку жлеб и тревнати падини до почетокот на реброто. По средно тежок гребен кој е многу искршен се качува до мало седло над зелениката. Се пречи во десно до кулоар и во него се качуваат две должини на јаже, а потоа се оди во стрмна и искршена карпа од десната страна (експонирано). Преку овој терен се стигнува до реброто. Држејќи се по него (на место експонирано) до неговиот крај се оди во лево кон мало седло обраснато со трева. Овде завршува второто лежечко ребро. По тревнат терен нагоре се пречи во десно и потоа во лево кон испакнатина која личи на триаголник во излезната карпа. Лево зад работ во мазен камин и по него нагоре (многу тешко, клинови) до неговиот крај. По тревната полицасе пречи во десно, а потоа до излезот се пречи во лево (експонирано). По искршен и обраснат терен до врвот на карпата. Централна насока: (Сл. 1 и 4.(7)): од изворот на Бабуна по десното корито преку испрани големи блокови до подножјето на карпата. По левиот раб на мазни плочи држејќи се до работ на црвен столб до неговиот крај. Од овде се поминува во десно низ краток камин до широка дупка. Од нејзе се пречи во десно по мазни плочи (извонредно тешко, експонирано) кон превис (кршливо), а преку него директно нагоре, по големи испукани делови до тревната полица. Од овде по долго пречење во лево преку мазни плочи во кулоар. Од кулоарот во лево во широк жлеб до мазни превисно плочи (многу тешко). Под нив се пречи во десно и се поминува гребен кон друг жлеб. Во неговиот среден дел преку систем на мазни и превисни камини - по неговиот лев раб до место каде тој се разгранува. Од овде се оди по десниот крак под мазни плочи до мала дупка – до неговиот крај. Од дупката преку испукана превисна карпа (извонредно тешко, експонирано) до мала полица под тесна пукнатина. По пукнатината до нејзиниот крај (извонредно тешко), а потоа до подножјето на црвените карпи. Се пречи во десно на мазни плочи (извонредно тешко, експонирано), а потоа по тесна полица до нејзиниот крај. Од овде директно нагоре по голема плоча до мала полица. Од полицата малку во лево до крајот на мазните плочи, а потоа право нагоре по тесна пукнатина. Понатаму повторно се пречи во десно кон работ на мазните плочи и по нивниот гребен до работ на карпата. |
||||||||||||
Copyright © Alpinizam.org |