Качување на стакови - омилена забава на островјаните
Стак е експонирана или вертикална карпеста геолошка форма која се создава во морето покрај копното. Тие се создаваат на неколку начини, но во основа со ерозија на карпите од главното копно – кои најчесто се варовнички и се состојат од хоризонтални пластови. Типот на карпата е важен бидејќи секоја карпа има различен степен на отпор кон ерозија од морската вода и варовникот е најдобар за формирање на вакви форми, за разлика од глината која премногу брзо се разрушува и еродира или гранитот кој е премногу цврст.
Како се формираат: морето со тек на време навлегува во пукнатините на карпите покрај морето и полека „ги разјадува“ и ги прави поголеми и поголеми сé додека не станат еден вид пештери кои пак потоа се претвораат во арка. Понатамошната ерозија прави таванот на арката да се разруши и така се формира столб (или слична форма) одвоена од главното копно, која се нарекува „стак“.
Како и другите форми покрај морското копно и стаковите се во постојан циклус на менување бидејќи морето и времето постојано создаваат нови и ги разрушуваат старите. Стаковите се навистина прекрасни форми и се предмет на инспирација за многу фотографи, уметници, туристи – и секако качувачи.
Старецот од Хој
Најпознатиот стак од аспект на качување во Британија е „Старецот од Хој“ (The Old Man of Hoy). Тој е висок околу 140 метри и се наоѓа на западната обала на островот Хој од групата на острови Оркни во Шкотска.
Се претпоставува дека овој стак не е постар од 400 години – заклучувајќи го тоа од мапите од тој период на кои било нацртано само копно без одвоени форми од него. Во периодот 1814-1819 година уметникот Вилијам Даниел го имал нацртано со две „нозе“ и се претпоставува дека во раниот 19-ти век големо невреме ја откинало едната нога. Денешните истражувањата пак покажуваат дека наскоро целиот стак ќе се распадне во водата...
Првите качувања – Крис Бонингтон, Расти Бејли и Том Пети во период од 3 дена во 1966 година го прават првото искачување. На 8-ми и 9-ти Јули 1967 година од страна на БиБиСи е направен пренос на второто искачување. Тогаш во наврска качуваат Бонингтон и Пети кои ја повторуваат нивната насока, а Џо Браун во наврска со Иан Мекнајт-Дејвис и Дагал Хастон во наврска со Пит Кру искачуваат две нови насоки. На стакот има неколку насоки со најтешка насока до Е6, а најчесто искачувањата се одвиваат преку првата насока која е оценета Е1, 5b.
Системот за оценување на техничките тежини во Британија можете да го погледнете овде >>>>
Друго за стаковите околу Британија
Најголемиот дел од стаковите се распределни на северот каде карпите го имаат потребниот квалитет за нивно формирање, а исто така и честите лоши временски услови овозможуваат побрза ерозија.
Водич за стаковите – на британскиот веб-сајт UKClimbing.com претставен е водич со насоките во PDF формат од разни области во Битанија. Претставени се околу 300 стакови – 40 во Англија, 10 во Велс, 5 во Ирска и 245 во Шкотска
Почетоците – Стаковите се познати и по тоа што претставуаат омилено место за гнездење на разни птици. Се претпоставува дека првите луѓе кои се качувале по стаковите биле ловците и трагачите по јајца уште во 12-тиот век. Сепак за „прво“ документирано рекреативно искачување на еден стак се смета тоа на К. Барингтон во 1883 година кој се искачил на стакот Биорек на островот Св. Килда. Ова искачување било претставено во журналот на Алпинистичкиот Клуб. Почесто рекреативно искачување започнува во периодот помеѓу двете светски војни, а потоа во 1960-тите „се појавува“ Том Пети...
Доктор Стак – Том Пети или како што подоцна го нарекуваа, Доктор Стак, беше доминантен во искачувањето на стакови од 1966 до 1970 година (кога загина абзелувајќи од еден од нив) и многу допринесе во популаризацијата на оваа активност која стана многу посериозно нешто од само обична рекреација. Во тој период направени се и некои од наjпознатите искачувања на стакови – Старецот од Хој (The Old Man of Hoy), Старецот од Стоер (The Old Man of Stoer), Големиот Стак во Ханда (Great Stack of Handa)... По загинувањето на Пети, следува период на ретки истражувања и искачувања сé до 1980-тите години кога на стаковите доаѓаат Питер Бивен, Арнис Стрепкенс, Месерс Виланс и секако Мик Фаулер (Започнува како Пети на „Старецот на Стоер“ во 1988 година, а од тогаш наваму заедно со разни партнери има качувано најпрвин на познатите и искачени стакови, но подноца тргнува и истражува нови и неискачени во сите делови од британските острови). Искачени се силни насоки: Old Harry (HVS), Ancient Mariner (E2, 5b/c), A Few Dollars More (E3, 5c), A Fistful Of Dollars (E5, 6a)...
Британската алпинистичка сцена многу нé инспирира и се надеваме дека ќе имаме можност некогаш да посетиме некои од овие места и да качуваме стакови или на карпите на крајбрежјето. Од претставените 300 стака во водичот до кој има линк погоре во текстот – околу 100 никогаш не биле искачени или на нив нема документирано искачување...
Клипче од искачување на „Старецот од Хој“ и првиот BASE скок од него. Учесници: Тим Емет, Роџер Холмс и Гас Хачинсон - Браун