Share

Black Diamond Magnetron
Уште од 1950-тите години - постојана посветеност во иновации во карабинерите!

- 26.07.2015г., Игор Т.

Карабинерите се составен дел од програмата на Black Diamond уште од 1950-тите години. Тоа се скоро шест децении искуство и постојана посветеност да се добие производ кој ќе биде што попрактичен за користење и кој го следи и помага развојот на алпинизмот.

Последните неколку позначајни производи кои произлегоа од оваа компанија на ова поле се моделот HotWire (прв карабинер со жичана вратичка), GridLock (карабинер со матица кој со еден дел од својата поголема оска ја опфаќа гуртната за обезбедување на појасот и не дозволува да дојде до извртување на карабинерот и оптоварување на неговата послаба/помала оска при обезбедување/абзелување) и во последните 3-4 години серијата на карабинери со матица кои ја користат Магнетрон технологијата.



Магнетрон технологија

Целта на оваа технологија беше да се добие карабинер со матица на автоматско заклучување, кој ќе биде со што поедноставен начин на заклучување т.е. користење. „Класичниот“ карабинер со матица значи дека вратичката на карабинерот има еден тип на завртка која треба рачно откако ќе се прикопча карабинерот да се врти и на тој начин да го блокира поместувањето на вратичката од носот на карабинерот т.е. да дојде до несакано отворање на вратичката на карабинерот.

Компаниите долго време работат на тоа ова навртување/затворање на карабинерот да биде автоматско т.е. да постои начин карабинерот сам да се затвори и блокира со самото отпуштање на вратичката и денес постојат неколку системи, а за еден од нив веќе и пишував: системот со двојна вратичка на Гривел.

Еден од постарите системи пак е т.н. „twist-lock”, кај кој за да се отвори или затвори вратичката треба да се направи комбинација од извртување и спуштање или подигнување на затворачот, што не секогаш е можно да се направи со една рака и тоа не го прави најуниверзален/брз/едноставен/пракичен систем во секоја ситуација...



Магнетронот има многу едноставен начин на работа. Вратичката на карабинерот има два супер магнети кои многу лесно со една рака (независно која, лева или десна, бидејќи системот е симетричен) и тоа со многу лесен стисок се ослободуваат од челичен, вметнат дел во врвот од носот на карабинерот. За отворање на вратичката, двете магнетчиња само лесно се ослободуваат, а за затворање на вратичката доволно е само таа да се ослободи/пушти и да се допре до носот и магнетите самите многу лесно се „заклучуваат“ за челичното парче во носот на карабинерот.

Ова е наједноставен начин на работа на карабинер со автоматско заклучување кој сме го користеле, а до сега сме користеле во разни случаи и твист-лок карабинери и такви со двојна вратичка.



Magnetron VaporLock


Блек Дајмонд, магнетрон технологијата денес ја користи во неколку модели на карабинери кои претходно веќе се докажаа како „обични“ карабинери со матица: VaporLock, RockLock и GridLock моделите. Сите тие сега го имаат и тоа “Magnetron” во своето име.

Наш избор беше најлесниот од нив:  Magnetron VaporLock. Со своите 56 грама и отвор на вратичка од 20мм, силите по оските му се: 21kN (голема оска/затворена вратичка), 7kN (отворена вратичка) и 8kN (помала оска).  До сега го имаме користено најмногу на качување на карпа во сите ситуации (обезбедување, абзелување и сл.), а нешто кратко и при обезбедување во качување на мраз. Немаме никаква забелешка за него во овие ситуации!

Клунот на носот е мазен и нема никакво закачување и заглавување на сајлата на алатката за обезбедување или пак јажето, отворањето и затворањето се исто така „мазни“ и забележително е навистина кратењето на секундите/минутите при подолгите искачувања, при решавањето на разно-разните ситуации, во спредба со користењето на било која „матица“ која што до сега сме ја користеле.

Препорачаната малопродажна цена во Европа на споменатите 3 магнетрон модели изнесува помеѓу 1800 и 2100 денари, а овој модел кој ние го користиме ценовно е во средината. Опремата на Блек Дајмонд во Македонија е достапна преку Outdoor.mk

Copyright © Alpinizam.org