На тема „Гривел“:

- ГРИВЕЛ: направено во Италија со сончева енергија;

- Карабинери со двојна вратичка

Share

Twin Gate
Затоа што Twist Lock e премногу меинстрим!

- 28.01.2015г., Игор Т.

Во првите моменти кога Гривел почна посилно да го промовира овој концепт на двојна вратичка кај карабинерите, некаде пред точно една година, а најмногу и на минатогодишниот ИСПО во Минхен, го промовираа и како концепт на „карабинер со матица“ и како концепт на „карабинер (со матица) во комплет“. Со ова второво сакам да кажам дека имаше (барем по мое сеќавање) и по некоја реклама како се прикопчува комплет кој се состои од вакви карабинери. Тоа ми изгледаше премногу. Ми изгледаше премногу комплицирано да правам магии со прстите за да прикопчам точка за обезбедување и тоа СЕКОЈА точка – дали комплет или гуртна или што и да е. ОК, има случаи кога сакам да сум 100% сигурен дека некој карабинер при пад и при извртување на јажето/карабинерот нема да се откопча „сам од себе“, но тоа се генерално ретки случаи. Барем до сега биле ретки.  И да, сум ставал карабинер со матица во такви случаи. Но не и на секој комплет или пак гуртна – на секоја точка... Како и да е, уште при првиот момент овие карабинери за мене беа само тоа: „карабинери со матица“ во нивната класична смисла, со тоа што двојната вратичка всушност значи „автоматско затворање на матицата“.

Во моментов во Outdoor.mk се нудат два модели: Grivel Sigma Twist Lock и Grivel Mega Twist Lock. Едниот јас би рекол дека е мал карабинер со матица (Сигмата), а другиот – голем, крушковиден карабинер со матица (Мегата). Тоа е збогатување на понудата која до сега ја имаше на класичните карабинери со матици на навртување: Алфа и Омега. Ова се однесува на палетата на Гривел, бидејќи во Outdoor.mk има секогаш уште најмалку 3-4 други карабинери со матица од Black Diamond и Rock Empire.

Основна разлика освен забележителната големина помеѓу Сигма и Мега Твист Лок е и „втората вратичка“. Додека кај Мега двете вратички се полни вратички, кај Сигма едната е жичана, па со тоа дополнително се добива претстава (а и така е) на имање во раката на лесен и практичен карабинер со матица.



Во првиот момент мислам дека секој кој барем малку качувал и користел класичен карабинер со една вратичка, ќе има потреба од период на навикнување. Барем јас имав потреба. При првиот момент кога сакав да го отворам карабинерот, ја собрав внатрешната вратичка, но за да може карабинерот да се прикопча, всушност треба да се подотвори надворешната вратичка. Но тоа е само краток период на навикнување, а потоа користењето е „течно“.

Заклучок? Препорака? Би ги користел и двата модели секаде каде што сега користам нормални карабинери со матици. А тоа е голем скок за мене J Никогаш не сум имал карабинери со матици кои не биле ама баш тешка класика: со навој! Доста конзервативно, но еј – мора да ја следиме технологијава.

А еве и едно видео на кратко за користењето:

Се’ до сега, одбивност кон „твист лок“ механизмот на таквите карабинери со матица имав поради тоа што главниот акцент беше ставен на тоа дека не може да се заборави да се наврти матицата т.е. дека автоматски ќе се заклучи вратичката и мирни сме! Не ми се допаѓа тоа размислување бидејќи гледам на него како на еден чекор кон губење свесност за моментот. Сметам дека кај секоја категорија на алпинисти (и почетници и напредни) тоа е најважно – во секој момент да се биде свесен за се’: за локалитетот, за временските услови, за опремата... Не ми се допаѓаше твист лок генерацијата од тој аспект.

Но овој концепт на двојна вратичка ми се допаѓа, бидејќи главниот акцент е ставен на безбедноста – на „двојната безбедност“ и во најмала рака многу ме асоцира на обратно свртени нормални карабинерчиња. Ме асоцира на размислување и добра импровизација (колку и да не ми се допаѓа зборот „импровизација“ кога се зборува за опрема во алпинизмот!).

Карабинерчињава се многу фини на фат, имаат „слик“ изработка, а еве и споредба со веројатно најважните геометрии и бројки со класичните матици на Гривел:

Copyright © Alpinizam.org