На тема „Гривел“:

- ГРИВЕЛ: направено во Италија со сончева енергија;

- Карабинери со двојна вратичка

Share

Гривел - направено во Италија со сончева енергија!

- 31.03.2013г.

Традиционално иновативни уште од 1818-тата година!
Гривел е дел од нашите искачувања долго време, а преку краткото претставување кое ќе го направиме, ќе се обидеме да објасниме зошто ги препорачуваме токму моделите од овој производител и да одговориме на прашањето „Зошто Гривел?“

Историја

Grivel е италијанска компанија која произведува опрема за алпинизам уште од 1818-тата година. Да, компанијата постои повеќе од 190 години! Нејзиното седиште е во градот Курмаер, во подножјето на највисоката планина во Алпите, Монт Блан. Гривел е еден од најдобрите брендови во светот за опрема за алпинизам, во светски рамки водечки производител на дерези, а исто така и еден од водечките производители на цепини.

На кратко ви претставуваме дел од поважните моменти од историјата на Гривел со опремата за алпинизам:

  • Во 1818-тата година, фамилијата Гривел, на своето производство на алатки за земјоделство, додава и производство на цепини. Многу често пред нивното производство поминувале алпинисти кои заминувале кон планините и од Гривел одлучуваат да им помогнат во нивните авантури, почнувајќи со производство на опрема за нив;
  • Во 1909-тата година, англискиот инженер Оскар Екенштајн е примен од Хенри Гривел и по негови нацрти се произведуваат првите модерни дерези;
  • Во 1929-тата година, синот на Хенри, Лорен Гривел, внесува иновативно решение во дерезите: два предни заба кои се хоризонтално поставени и кои би му овозможиле на алпинистот да стои исправен кон карпата и да качува стрмен терен со снег и мраз;
  • Во1936-тата година, помладиот брат на Лорен, Амато Гривел, користејќи легура (Никел-Хром-Молибден) произведува многу силни дерези, не толку масивни како претходните модели и многу полсни: 360 грама за еден пар. Овие дерези (моделот Super Leggero) се користат од страна на експедициите кои ги прават првите искачувања на Еверест, К2 и Канченџунга;
  • Во 1982-рата година, менаџментот го превзема Џакино Гоби, но се задржува рецептот: името и локацијата на компанијата се многу важни за успешна иднина;
  • Во 1982-рата година, Супер Курмаер системот на Гривел, кој значел постоење на резервни делови и делови кои се менуваат на цепините, станува водечки модел на пазарот;
  • Во 1986-тата година Гривел ја произведува првата ергономска и закривена рачка, преку моделот Рамбо, кој и ден денес се користи од страна на алпинистите;
  • Во 1986-тата година Гривел ја претставува првата карбонска рачка!;
  • Во 1993-тата година Гривел го претставува моделот на дерези Рамбо: ригиден модел со стабилна платформа и кој не создава вибрации;
  • Во 1994-тата година Гривел ги престатвува новите дерези со четири различни системи на врзување, погодни за најразлични модели на чевли за планински спортови и за најразлични функции. За прв пат се користи пластика во производството на дерези и тоа во иднина ќе биде имитирано од многу други;
  • Во 1996-тата година Гривел го претставува својот нов модел на цепин: The Machine. Овој модел беше вистинска револуција во дизјанот на техничките орудија за алпинизам. Од тој момент, тој дизајн ќе почнат да го користат сите други производители;
  • Во 1998-мата година Гривел е првиот производител кој претставува модел на цепин кој со својот дизајн во голема мера го помага качувањето без користење на гуртните на цепините;
  • Во 1999-тата година Гривел го претставува првиот модел на дерези наменети за натпревари за качување на мраз, кои имаат хоризонтално поставени заби и на задниот дел од дерезата: Rambo Comp;
  • Во 2003-тата година Гривел го пронаоѓа вистинското решение за отстранување на снегот кој се собира под дерезите, поставувајќи ја првата проактивна заштита. Плочката која е патент на Гривел, со својата флексибилност и следење на движењата на алпинистот, многу успешно ја работи својата задача;
  • Во 2004-тата година Гривел го претставува моделот Monster: технички цепини кои се со флексибилна рачка и кои се наменети за натпреварувачи, качувачи на микс насоки;
  • Во 2006-тата Гривел го претставува ултра лесниот модел на цепини, Matrix и новиот модел на дерези Rambo 4, кои во споредба со своите претходници, многу полесно се подесуваат и се полесни;
  • Во 2007-мата Гривел го претставува моделот Quantum: цепини кои ги следат најнапредните технилошки откритија. Овој модел е најлесниот модел на цепин во светот, полесен и од цепините кои се направени само од карбон или било кој друг материјал;
  • Во 2010-тата година, Гривел целата енергија која е потреба за производство на нивната опрема ја снабдува преку соларните панели поставени на кровот на нивната фабрика.

    Од таму и логото: „Made in Italy with Solar Energy”…

    Ајде прв одговор на прашањето: „Зошто Гривел“? Поради историјата на компанијата и поради нивната скоро двовековна посветеност кон постојани иновации и креирање на производи кои во голема мера ги помагаат и поедноставуваат зимските искачувања. Сигурни сме дека иновациите ќе продолжат и во иднина и дека од Гривел може да се очекува и понатаму преку своите модели да им покажува на другите производители, што треба и тие да имитираат!

Поврзаност со планините кои ги опкружуваат

„Алпенланд“ е името кое Германците го користат да го опишат делот од Европа кој живее под и околу Алпите. Тоа е територија која зафаќа површина од околу 22000 квадратни километри и на која живеат околу 18 милиони луѓе. Тоа е територија која зафаќа околу 2% од вкупната територија на Европа и се простира низ неколку европски земји: Австрија (28%), Италија (26%), Франција (25%), Швајцарија (13%), Германија (3%), Словенија (3%) и Лихтенштајн (2%). На оваа територија се наоѓаат 82 планини повисоки од 4000 метри.

Од Гривел велат: „Овде е роден Алпинизмот. Неговото име е поврзано со Алпите и токму во Алпите и ние сакаме да останеме, да ги зачуваме нашите традиции, да останеме поврзани со планините, а и со луѓето кои ги предизвикуваат.

Не можат да не’ поколебаат економските поволности кои се нудат во други места и ништо не може да го оправда уништувањето на искуството кое бавно го градевме и кое беше негувано од снежните врвови и оформено од рацете и интелектот на луѓето со генерации. Тоа се луѓе чии први мисли наутро летаат кон планините и чии последни мисли пред да заспијат, кон алатките со кои ги предизвикуваат. На кратко: нема да ја продадеме нашата душа за профит или да ја загубиме – селејќи се во друга земја. Многу добро знаеме дека нашата душа не можеме да ја преселиме на место од каде што нема да можеме да го гледаме Монт Блан, каде што луѓето кои би ги среќавале нема да ги разбираат потешкотиите во планините и кои сметаат дека алпинизмот е само потрошено време. Со сигурност не постои друго место каде што може да се произведуваат толку инспиративни алатки и каде што напредокот ќе не’ води кон нови предизвици.“

Втор одговор на „Зошто Гривел“? Поради нивната душа, поради нивната љубов и силна поврзаност со планините!

Чиста енергија

Во Гривел веќе беа задоволни од својот избор да користат хидро-енергија, која ја добиваа со договорот кој владееше во нивната долина. Сепак се одлучија да направат еден чекор напред и да почнат со производство на соларна енергија и да постават соларни панели. Велат: „Кога се гледаат планините од горе, луѓето мислат дека во нив има неограничен простор на располагање за користење. Но, не е така: површините за земјоделско обработување, за живеење и индустрија се ограничени. Поради тоа одлучивме соларните панели да ги поставиме на простор кој веќе го користме: на покривот на нашата фабрика. Нашите закони во иднина ќе бидат: Рециклирање и повторно користење, а не искористување и окупирање...“

Денес бројките на оваа тема се: „Покривот на фабриката на Гривел е со површина од 7000 квадратни метри и на него се поставени 3656 соларни панели, кои снабдуваат доволно енергија за 194 семејства. Тие заштедуваат емисии на СО2 еквивалентни на тоа како кога автомобил би поминал 5800 километри. За време на нивниот животен век од 25 години, тие ќе произведат доволно енергија која на едно семејство му е потребна за 4200 години. Секоја година тие ќе заштедат 1173 барели нафта...“

Трет одговор на „Зошто Гривел“? Поради нивната порака: „Мораме да ја почитуваме Земјата и најдобрата порака која можеме да ја оставиме за идните генерации и за целиот свет е: „Да, тоа може да се направи!“. Може да се биде конкурентен имајќи и почит кон природата. Поради тоа – тоа и мора да се направи!“

Како за крај

Гривел денес произведува најмалку 14 модели на цепини и најмалку 12 различни модели на дерези, кои преку своите 4 различни типови на врзување овозможуваат нивно поставување на сите чевли за планински спортови и можат да се користат во секакви активности: од најлесно планинарење, турно скијање, па се’ до најтешки искачувања на мраз. Гривел го произведува и „Златниот Цепин“, бидувајќи и на тој начин поврзан со врвниот алпинизам!

Покрај тоа Гривел произведува и друга опрема: карабинери и комплети, тубуларни клинови за мраз, клинови за на карпа, шлемови итн.

Од оваа недела, дел од моделите на цепини и дерези ќе бидат достапни и во Македонија, преку Outdoor.mk! Гривел нека биде и ваш избор!

Copyright © Alpinizam.org