Големите братчиња

Во 1980-тите години по револуцијата започната 20-тина години порано во изработката на чокови, со цел качувачите да напредуваат во чист стил, останало да се реши уште поставувањето на обезбедување во широки пукнатини.

На тоа поле почнало да се работи уште во почетокот на 1970-тите години. Ивон Куинард и Том Фрост започнуваат со хексагоналните чокови, потоа компанијата на Ивон, Куианрд Еквипмент, почнува со производство на Т-чокови и тубуларни чокови – меѓутоа сите овие производи биле добри за пукнатини со ширина до 15-тина сантиметри. Останало да се реши обезбедувањето во пукнатини со поголема ширина...

Во 1984 година американскиот качувач Крег Лубен, тогаш студент по машинско инженерство на Универзитетот во Колорадо, како тема за својата дипломска работа, одбрал да изработи алатка за обезбедување во широки пукнатини – т.е. за најшироки пукнатини или најтесни камини. Така се родила идејата за Големите Братчиња т.е. Биг Бро тубуларните навртни чокови. Името на овие тубуси Крег им го дал по познатата реплика „Големиот Брат те набљудува“ од новелата „1984“ на Џорџ Орвел.

Тој изработил седум прототипа кои се состоеле од две цевки поставени една во друга од кои внатрешната се вртела за 180 степени во навој во надворешната цевка со што еден таков чок можел да се постави во пукнатини со разни димензии. При тоа моделот на оваа алатка се покажал како најдобар за пукнатини со паралелни ѕидови. Моделот бил усовршен во 1986 година и биле дефинирани четири димензии со кои можело да се постави обезбедување во пукнатини широки од 8 до 30 сантиметри.

Маунтин Хардвер, Транго...

Во 1987 година започнува производство на Биг Бро чоковите. За таа цел Крег Лубен заедно со својата девојка во тоа време, Сари Шметер, делумно помогнати од Ворен Хардинг ја основаат компанијата Маунтин Хардвер – со која покрај опрема произведуваат и продаваат и облека. Продажбата на Биг Бро чоковите одела тешко. Всушност пласирањето на овие чокови одело тешко уште од самиот почеток и пред оформувањето на компанијата. Поради одредени причини (не истражувавме до толку) тие се решаваат да го продадат името на компанијата на други луѓе – всушност тимот кој денес го има името на оваа многу позната компанија – за 1500 долари во 1991 година.

По ова Сари Шмитер ја основа компанијата за женска облека Стоунвер Дизајнс, а Лубен „им ги дава“ Биг Бро чоковите на компанијата Транго која до денес и ги произведува и дистрибуира (и за тоа „давање“ не истражуваваме околу деталите). Најдолу под текстот можете да погледнете ЈуТјуб видое во кое основачот на Транго, Малколм Дели, демонстрира како функционираат Биг Бро чоковите...

Неговиот живот - качувањето

Лубен ја продолжува својата пасија во качувањето на други начини. Тој е основач на компанија за водење и обучување на почетници во качувањето; станува соработник на познати списанија за качување – тестирајќи и пишувајќи мислења за секаков вид на качувачка опрема, пишувајќи за различни стилови на качување, за разни локалитети во светот; пишува книги за почетници – за чворови, основи на качување на карпа и мраз, абзелување; се посветува на фотографирањето...

На 9-ти Август 2009 година, Крег Лубен загинува кога го понесува големо парче мраз при поминување на бергшрундот на Монт Тормент во САД. Неговиот партнер Вили Бенегас (кој се здобил само со полесни повреди), исто така многу искусен качувач, стигнал до Крег и тој сеуште бил жив во тој момент. Меѓутоа поради тежината на здобиените повреди од падот тој починал пред да дојде спасителната екипа до нив...

Видео од Транго за Биг Бро:

 

Copyright © Alpinizam.org