Кратка биографија:
Роден e во 1938-мата година.
Еден од најистакнатите качувачи во 1960-тите години во Америка, со многу силни првенствени насоки во Јосемити, Канада, Патагонија...
Покрај големата пасија за качување, сурфање, кајак, тој се посветува и на производство на опрема и облека за качување на карпа и мраз и планинарење...
Неговите клинови кои почнува да ги произведува уште во 1950-тите години, многу ја помагаат тогашната „big wall“ сцена, а во 1971-72 година преку своите „хексентрици“ и „стопери“ почнува многу иновативно да го помага „чистото“ качување.
Со Том Фрост се посветуваат и на модернизирање на опремата за качување на мраз - дерези и цепини, а во 1978 година ја пишува книгата „Качување на мраз“ која овој аспект во алпинизмот го носи на едно сосема ново и посебно ниво...
Во 1960-тите години ја основа компанијата Chouinard Equpement која по објавениот банкрот во 1989 година преминува во Black Diamond Equipment, а во 1972 година ја основа и компанијата Patagonia...
Текстови од/за Ивон Шуинард:
- Текст на И. Шуинард и Том Фрост за чистото качувње
|
Ивон Шуинард
Во качувањето постојат некои елементи во стилот кои помагаат да се дефинираат правилата на играта. Мое мислење е тоа дека можеме да правиме сé што сакаме, се' додека тоа нема негативно влијание врз другите луѓе и врз Земјата на која сите ние живееме. Кога почнував да учам да качувам, етиката во качувањето беше заснована од страна на западно-европските качувачи кои имаа за цел да ги освојуваат планините. Во Алпите тие ги оставаа зад себе клиновите, гуртните и друга железарија со цел да ги водат и помагаат другите кои ќе дојдат по нив...
Во Америка нашата мала група на качувачи почна да следи друг пат. Ние бевме под влијание на Џон Муир кој велеше да се оди во природа, но да не се остава трага зад себе. Ги правевме нашите клинови од цврст челик за да можат повеќе пати да се коваат и вадат...
Мислевме дека имаме супериорна етика сé додека во 1970-тите после толку ковања и вадења на клиновите не приметивме дека карпите почнаа да се менуваат. Ова влијание врз карпата неколкумина го земаа како инспирација да почнат да качуваат само со чокови и гуртни – следејќи го примерот на Британците. Тоа не беше брз премин бидејќи просечниот качувач кој беше навикнат да кова железен клин долг 15-тина сантиметри, не беше лесно да се убеди да му верува на мало парче алуминиум лесно поставено во пукнатините.
Сум увидел дека во бизнисот, политиката, но и во животот воопшто, многу малку луѓе ќе се обидат да ја прават вистинската работа, ако тоа не е нешто од што тие би имале посебна корист. Употребата на природно обезбедување не стана популарно сé додека не се увиде дека на тој начин се качува многу побрзо, поефикасно и побезбедно - со чоковите и френдовите. Сепак беа потребни неколку искачувања без кладиво на Халф Доум и Ел Капитен за да докажат дека скоро секоја насока може да биде помината „чисто“ и безбедно.
Наскоро, следејќи ја истата таа етика, некои качувачи се обидоа да ги извадат клиновите од насоките во Алпите, како на пример од Волкеровиот Гребен, но демократијата тоа не го дозволи. Така таму во насоките повторно се вратија клиновите...
Во златните времиња во Јосемити, кога имаше многу негибнати карпи, на насоките им приоѓавме претходно добро подготвени. Ја проценувавме колку што можевме подобро тежината, колку денови би ни биле потребни, колку опрема да земеме, храна, вода – за да имаме да стигнеме едвај до врвот. Многу бевме горди со тоа што ги водевме техничките должини и безбедно ги поставувавме сидриштата со минимум потребен број на клинови и чокови и ни едно парче повеќе.
Во споредба на тие времиња, последниот пат кога бев на Ел Капитен со двајца „big wall“ качувачи од новата генерација, имавме толку многу чокови со нас, толку многу различни врсти клинови, шатор за на карпа, 150 карабинери... Тоа беше искуство кое не би сакал да ми се повтори. Но тоа е сепак денешната етика на качување скоро насекаде во светот. Има чокови, алпинистички и експанзиони клинови... Има сé и се употребува сé. Во Доломитите има насоки кои се искачени во 1920-тите па и порано, во кои денес има експанзиони клинови на секои 3-4 метри поставени веднаш покрај совршени пукнатини...
Етиката и стилот се две различни работи. Етиката значи да не се направи нешто лошо за тој кој доаѓа после тебе, а стилот значи да не се залажуваш дека си многу силен качувач.
Според мене еве што е најважно да се знае за етиката во качувањето:
Секој има право да качува каде што сака и во каков стил сака сé додека тоа нема да го измести искуството на следниот што ќе качува по него.
Многу е едноставно: ако употребувате магнезиум, поставувате експанзиони клинови, правите нови фаќалишта удирајќи во карпата, оставате опрема зад себе или оставате боци со кислород и друго ѓубре зад себе – сето тоа е лоша етика. Прашувате – што има лошо во употребата на магнезиум? Ајде да речеме дека некој пред вас на карпата ќе напише со зборови „Лево“ и „Десно“ на секое фаќалиште на вашата омилена насока. Не знам за вас, но јас не сакам да качувам по некаков редослед. Кога качувам на насока на која секое фаќалиште е означено со магнезиум и кога сите точки за обезбедување се веќе поставени – се чувствувам измамен.
Не се грижам многу за тоа дали на Еверест има експедиција на 100-тина членови на некој клуб и сите се поврзани со црева со огромна боца со кислород во базниот камп – сé додека не се прави ништо лошо врз планината и сé додека нивните акции не ги изместуваат искуствата на другите качувачи во планината. Тоа значи: да не се оставаат по заминувањето зад себе фиксни скали, илјадници метри фиксни јажиња, прелетувања на хелихоптери над вас, ѓубре насекаде... Тоа е и лоша етика и лош стил.
Во една прилика имав кратка расправија со една госпоѓа преку едно списание. Таа имаше изјавено дека кампувањето со нејзината фамилија било голема авантура бидејќи нејзините роднини немале големо искуство во тоа. Јас тврдам дека авантурата не е субјективно нешто. Активноста кој ја правиме или има ризик по нашиот живот – или не е авантура.
Изразот „Авантуристичко патување“ е оксиморон. Целта во работењето ризични спортови е да се учи, да се вежба и да се станува подобар и поумешен кога се доаѓа до работ – затоа што само тогаш нашиот ум и тело се најживи. Но никогаш не се преминува работ бидејќи тоа значи смрт. Тоа е голема лекција – за човекот и за општеството: да се знаат сопствените граници и да се живее во согласност со нив.
Луѓето од Западот сепак го мерат своето богатство со тоа колку акумулирале - пари и разни други работи. Потоа кога се стигнува одредена возраст – вредноста се мери со тоа уште колку слободно време е преостанато. Тоа го води начинот на кој им се приоѓа на авантурите и на животот. Заборавете на процесот, на Зен значењето – во алпинизмот и риболовот. За процесот е потребно многу време. Луѓето на Западот немаат време да учат како да качуваат – тие само сакаат да стигнат до врвот. Тие немаат време да учат за тајните на животот во водите – тие само сакаат да фатат риба.
Качувањето или ловењето риба може да биде убаво едукативно искуство или може да биде затупување на мозокот исто како гледањето телевизија. Кога гледаме телевизија еден дел од нашиот мозок престанува да работи. Тоа е креативниот дел – тој кој има имагинација, кој не одржува живи. Кога качувате како клиент на Еверест – тоа е слично искуство. Не го употребувате мозокот за пронаоѓање на патеката, не размислувате за наоѓање можности за безбедно враќање... И кога вашиот водич не би бил во состојба да ве води – не би знаеле да се вратите бидејќи не знаете како сте стигнале до таму. Дали некогаш сте приметиле дека и покрај тоа што ве возеле неколку пати до некое место, кога сте требале самите да го направите тоа - сте се губеле? Поради тоа – учете од учителите, но во еден момент – тргнете сами.
Потребата за ризикување на животот во некоја авантура е да се добие еден вид на духовно и лично растење. Тоа нема да се случи ако сте фокусирани само на целта, а при тоа го компромитирате процесот.
Во качувањето совршен стил би бил гол човек кој солира некоја нова и непозната насока за него. Сé друго од ова би имало помала стилистичка вредност: Ако облечете патики – добивате еден поен, леплива гума – два поена, имате скица од насоката – уште еден поен, поставувате обезбедување – нов поен итн. Колку што одите подалеку од Совршениот Стил – толку треба да сте помалку горд на себе.
Како што модерното општество преминува во некаква виртуелна реалност, така секогаш ќе има некои карактери кои имаат други приоритети. Нови Џон Муир, Волтер Бонати, Рејнолд Меснер, Горан Кроп – кои ќе ни покажат дека немаме потреба од прифаќање на сите овие лажни екстремни спортови. Немаме потреба да го уништуваме нашиот спорт и Земјата – со нова и нова технологија.
Веројатно е нереално да мислиме дека можеме да се вратиме во времето како што се качуваше во 1930-тите или 1940-тите, но мораме постојано да ги менуваме правилата за да овозможиме еволуција на спортот. Секоја активност има потреба од постојана промена па дури и револуција со цел да се спречи дегенерирање.
Водењето им овозможува на сé повеќе луѓе да се вклучат во активности во природата. Но од друга страна – негативниот резултат може да биде илустриран со податокот дека секој ден во текот на летото, во Тетоните околу 80% од луѓето таму се клиенти. Веројатно ќе ви бидат потребни 2-3 години да добиете дозвола да пловите по реката Колорадо бидејќи повеќето дозволи се веќе резервирани од компании кои имаат моторизирани чамци.
Сите активности во природата носат интересни и комплексни етички проблеми. Дали е етички водачите во реките во Тасманија да лобираат за нов пат за побрз пристап до реката Френклин за да се прават еднодневни тури? Екотуризмот – уште еден оксиморон, може да им овозможи на сиромашните локални заедници економски мотив да ја штитат средината во која живеат, меѓутоа може да ја забрза ерозијата на нивната култура и нејзините ресурси...
Авантуристичкиот капитализам, спонзорствата, еко-предизвиците и целата комерцијализација на спортовите кои се работат во природа, сигурно им даваат големо задоволство на тие кои нив ги работат - од дома. Многу од проблемите со нашата комплексна околина нема да бидат решени со зголемена комплексност. Треба да се одбива сé што е непотребно и да се биде едноставен. Сериозно треба да се размислува на советот на Дејвид Брауер: „Сврти се назад и направи чекор напред.“ |