Share

Пријателчињата - Приказната за „Френдовите“

Френдовите се изум на американскиот качувач Реј Жардин. Во соработка со англискиот качувач Марк Валанс тие по неколку тестови се здружуваат во нивна изработка преку компанијата Wild Country која Марк ја основа во 1977 година во срцето на познатата качувачка област во Англија - Пик Дистрикт.  

Еве како Марк Валанс го опишува почетокот: „Се подготвив да скокнам. Временските услови беа совршени, а снимателите на своите места подготвени. Го вклучија микрофонот и почнаа да снимаат. Поминав покрај френдот, се качив над него и скокнав. Кога јажето се затегна, партнерот кој ме обезбедуваше го повлеков нагоре и падот беше запрен. Ме спуштија до земја и немаше потреба од повторување на сцената. Петминутниот сегмент беше пуштен на Би-Би-Си во емисијата „Светот Утре“ на крајот на Јануари 1978 година и така беше ослободена тајната која се чуваше шест години. (н.з. Тоа е веројатно првата ТВ реклама за френдовите :) )

Со Реј се сретнав прв пат во 1972 година во Колорадо. Заедно работевме за Аутворд Баунд и повремено качувавме заедно. Во тој период тој постојано со себе го носел првиот прототип на френдот без никој да знае за него. Тој прототип имаше четири глави поставени на тело без можност главите да бидат поместувани. Беа потребни четири раце за да се извади френдот од пукнатина.

Моето прво искуство со френдот се случи во 1975 година. Реј носеше една сина најлонска торба со него од која се слушаше некакво тропкање. Беше топол октомвриски ден и се подготвувавме за нашата насока. Прототипите кои ги имаше со него беа чудни, но некои и многу убаво изгледаа – со полиран алуминиум и внимателно израмнети рабови, софистициран механизам за собирање на главите... Други пак беа извиткани од употреба и тестирање, но сепак останале дел од опремата поради тоа што беа употребливи...“

Зошто „Френдови“?

„...Името беше нафрлено од Крис Вокер кој бил заедно со Реј на качување во друштво на други качувачи кои не знаеле ништо за овој таен проект. Крис сакал да знае дали Реј ги земал со себе и не знаел како да го праша, па во „шифрирана форма“ му дофрлил: „Ја зема ли торбата со пријателчињата Реј?“. И така останало името...“

Наша забелешка - Wild Country сé уште ги произведува френдовите по тоа име - Френдови (Friends). Другите компании за качувачка опрема си имаат свои имиња.

Во Англија

„...После неколку неуспешни обиди Реј ми предложи френдовите да се произведуваат во Англија. Беше тешко на почетокот. Беше тешко да се најде некој кој ќе работи со 7075 алуминиумската легура и сé беше некако прескапо. Па само еден чок – парченце алуминиум со две избушени дупчиња и парче сајла чинеше нешто под две фунти што беше многу во тоа време. Како можев да направам многу посложена алатка од 27 различни делчиња низ посебни процеси на изработка и да ја донесам во продавниците за реална цена?

Сепак по неколку недели сé почна да си доаѓа на свое место. Позајмив пари, куќата ја ставив под втора хипотека и почнав да правам порачки за алати и компоненти. Работата започна во Ноември. Дадов отказ на работа донесувајќи одлука или ова да биде успешно или сé да биде големо промашување. Така започна револуцијата со Wild Country и Френдовите...“

Рекорд на „Носот“ - доказ за функционалноста

Токму на оваа насока на Ел Капитен френдовите го имаат својот прв сериозен тест и доказ за функционалноста. Во тој момент (пролетта 1974 година) „брзинскиот рекорд“ на насоката бил три дена. Реј Жардин во наврска со Крис Вокер и Лу Досон благодарение на френдовите ја поминале насоката за 20 часа (со еден бивак)...

Наскоро - како функционираат френдовите...

Copyright © Alpinizam.org