На оваа тема:

- Карабинери (нешто како вовед)

- Внимавајте на карабинерите

Share

Карабинери

- 22.01.2012, Игор Т.

Внимавајте на карабинерите

Производителите најчесто изјавуваат дека карабинерите немаат рок на траење, но сепак тоа не значи дека тие и навистина треба да се користат „до бескрај“. Нивната употребливост секако во голема мера зависи од тоа низ што сé тие поминале во текот на нивниот живот како ваши партнери, а најдобро тоа го покажуваат очигледните недостатоци во нивниот физички изглед. Поради тоа од време на време, добро е да се провери нивната функционалност (на пример дали добро работи вратичката т.е. дали таа добро и дали воопшто се затвара), да се провери дали на површината има видливи знаци на износеност, остри рабови здобиени од удар, триење низ клинови или други точки за обезбедување и слично.

Овие препораки треба многу сериозно да се прифатат и тоа го покажа еден од последните тестови на производители на опрема за качување ДММ од Велс. Тие на кулата на која симулираат падови користејќи тег, поставувајќи таков оштетен карабинер во делот (аголот) каде тој се трие од острите агли на клиновите или сајлите на чоковите на пример, изведоа падови со фактор на пад 0,4 и само после 5-6 такви падови, острите рабови на карабинерот сосема ја оштетија кошулката на новото јаже оставајќи го тегот да виси само на внатрешните плетенки во јажето.

Додека класичните комплети кои имаат карабинери со полни вратички најчесто се „чиста работа“, т.е. се состојат од еден карабинер со права, а друг со крива вратичка и точно се знае дека едниот (правиот) секогаш се прикопчува на точката за обезбедување, а на другиот (кривиот) секогаш се прикопчува јажето, проблем се јавува кај комплетите кои се со карабинери со вратичка од жичка.

Овие карабинери, најчесто производителите ги прават со ист тип на вратичка (ниту права, ниту крива) и најчесто со иста боја и така комплетот од двете страни има два идентични карабинери. Така се доаѓа до ситуација кога не може да се следи кој карабинер се прикопчувал во клинови на пример и можеби се оштетил, а тоа претставува опасност по здравјето на вашето јаже, а со тоа и на вашиот живот...

Секако дека има начин како ова да се среди. На пример еден начин е во комплетот, карабинерите да се постават на гуртната така да едниот постојано биде слободен и лесно да се движи во гуртната, а другиот на некаков начин да се фиксира за гуртната (некои гуртни за таа цел имаат веќе некаква гумичка или сошиен дел кој е за таа цел, а ако немаат тогаш може да се импровизира со сопствен ластик). Слободниот карабинер би се прикопчувал во точките за обезбедување, а низ фиксираниот карабинер би се прикопчувало јажето.

Ако пак на пример комплетите се „импровизираат“ т.е. се прават од долги гуртни или пак сакате поедноставен начин од тоа постојано да гледате кој крај е слободен и кој фиксиран, тогаш може на еден од карабинерите во комплетот да се залепи тенка селотејп лента (изолир во боја) и качувачот да одлучи самиот дали карабинерот со таа лента или другиот кој нема да ја има – би се прикопчувал во точките за обезбедување...

Ако вашите комплети се состојат од идентични карабинери, треба да сте свесни за опасноста која постои, да одберете некој од овие начини за одбележување и дека треба активно да го следите здравјето на карабинерите...
Copyright © Alpinizam.org