Share

Златен Цепин за 2009 година

-13.04.2010г.

Од 7-ми до 10-ти Април оваа година во градовите Шамони (Франција) и Курмаер (Италија) се одржа манифестацијата „Златен Цепин 2010“. Следниве искачувања беа номинирани за титулата „најдобро“ алпинистичко искачување во 2009 година:

1.Нова насока на Чо Оју (8201м) во Непал по југоисточната страна. Казакстанските алпинисти Денис Урубко и Борис Дедечко качуваа тежини од M6, 6b, A2/A3 во висина од 2600 метри во периодот 11-15 Мај 2009 година. Со ова искачување Урубко стана 15-тиот човек со „сите 14“, а 9-тиот кој успеал во тоа без користење на дополнителен кислород.

2.Нова насока на Чанг Химал (6750м) во Непал по централниот столб на северната страна. Британците Ник Булок и Енди Хаусман качуваа пет дена по микс терен на 1800 метри високата страна поминувајќи тежини од M6. Период: 29-ти Октомври / 2-ри Ноември 2009г.

3.Прво искачување на северозападниот врв на Гонга (6134м) во Кина. Руските алпинисти Михаил Михаилов и Александер Ручкин се искачија по насока која следи карпест столб висок 1100 метри. Насоката во долната половина беше микс терен со мраз до 75 степени,а горната слободно качување до 6c. Период: Април 2009г.

4.Прво искачување на западниот врв на Чулиан (6422м) во Кина. Американците Џед Браун и Кајл Демпстер и Шкотланѓанецот Брус Норманд се искачија по северната страна по насока висока 2650 метри со тежини М6, 5. Период: 26-30 Август 2009г.

5.Нова насока на Пик Победа (7439м) во Киргистан. Руските алпинисти Витали Горелик и Глеб Соколов поминаа нова насока по северната страна со тежина ED. Насоката е висока 2400 метри, ја качуваа седум и пол дена – во лоши временски услови, a потоа им беа потребни уште еден и пол ден за симнување. Период: 20-29 Август 2009г.

Наградените

Овогодинешното жири го сочинуваа: Андреј Штремфељ (Претседател на жирито - познат словенечки алпинист), Жорди Короминас, Линдзи Грифин, Ана Пиунова, Роберт Шауер и Кеи Танигучи. Тие одлучија оваа година да има двајца „победници“. Штремфељ објаснува: „...Две искачувања кои ги претставуваат креативноста и истражувањето на два различни начина. И двете сугерираат на тоа колку многу можности имаат денешните алпинисти, но ќе имаат и следните генерации..“

Добитниците се тимовите Урубко/Дедешко за откривањето на смела и тешка, нова насока на популарниот Чо Оју и Шкотланѓанецот Норманд и Американците Браун и Демпстер за новата насока по негибнатата северна страна на Чулиан.

Од минатата година почна да се доделува и „Награда за животно дело“. Овогодишен добитник е Рејнолд Меснер, а наградата му беше доделена од минатогодишниот добитник, познатиот италијански алпинист, Волтер Бонати. Меснер при добивањето на наградата меѓу другото изјави: „Најфините и најголемите аванутри допрва ќе престојат.“

 
Copyright © Alpinizam.org