Крис Бонингтон
Пред некое време прочитав изјава на еден познат алпинист (не беше Бртинец :) ), кој имаше кажано дека британските алпинисти се најдобри во светот поради тоа што постојано влегуваат во нови планини, постојано истражуваат, качуваат нови насоки... Се обидов да го најдам кој беше, па и поточно да го цитирам – но не успеав. Сепак останува непобитен тој факт и од аспект на алпинизам секако е нешто што е за голема почит.
Крис Бонингтон е еден од најпознатите британскиалпинисти кој во 1960-тите години го продолжува таквиот стил започнат стотина години порано – во периоди кога Британците силно ги истражуваа Хималаите. Тоа што е многу инспиративно е што тоа го прави и ден денес иако на планини со помали технички тежини, сепак на своја 70-годишна возраст – истражува нови планински масиви, качува неискачени планини... Целиот свој живот го покажува вистинскиот пат во алпинизмот.
Роден во 1934 година, започнува да качува на 16-годишна возраст и многу брзо достигнува висок стандард во качувањето на карпа. Многу брзо се посветува на високите карпи во сериозни планински средини. Во 1958 година го прави првото британско искачување на југозападниот столб на Дру, а веќе во 1960 година ја има првата средба со Хималаите. Таа година учествува во заедничка британско-индиска-хималајска експедиција на Анапурна 2 (7937м) и успева да стигне до врвот заедно со Дик Грант и Шерпа Анг Нима.
Во следните две години сериозни искачувања во Алпите: во 1961 година го прави првото искачување на Централниот Столб на Френи на Монт Блан заедно со Дон Виланс, Иан Кло и полскиот алпинист Јан Длугоч – што во тоа време претставува едно од најтешките искачувања во Алпите, па и денес се смета за сериозна „класика“, а во 1962 година го прави првото британско искачување на Северната страна на Ајгер со Иан Кло.
Во 1961 година исто така прави искачување и во Хималаите – Нупце (7879м). Тој го прави второто искачување заедно со Шерпа Анг Пемба, а ден претходно е направено првото искачување од страна на Денис Дејвис и Шерпа Тачеи.
Во 1963 година заедно со Дон Виланс застанува на врвот на Централната Кула на Паине во Патагонија
Во 1968 година ја започнува серијата на силни експедиции во Хималаите во кои се јавува како организатор и водач. Таа година започнуваат плановите за британска експедиција која за своја цел има еден од „големите Хималајски проблеми“ – јужната страна на Анапурна(8091м). Експедицијата успешно е организирана во 1970 година и на 27-ми Мај на врвот застануваат Дагал Хастон и Дон Виланс.
Во 1972 година организира експедиција на југозападната страна на Еверест која по достигнати 8300мнв се повлекува поради тешки временски услови, но сепак проектот успешно го завршуваат во 1975 година – кога на 24-ти Септември на врвот застануваат Даг Скот и Дагал Хастон.
Во 1973 и 1974 година прави искачувања на неискачени планини. Со Ник Ескорт најпрво се искачува на Брама (6411м), а со Мартин Бојсен, Дагал Хастон, Даг Скот и Шерпасите Тачеи и Санду на Чангабанг (6864м).
Во 1977 година следува познатата експедицијата на Огре (7284м). Експедицијата е позната секако по успешното искачување, но и повеќе по симнувањето. Во лоши временски услови Бонингтон со скршено ребро, а Даг Скот (со кој стигна до врвот) со скршени две нозе се симнуваат шест дена до базниот камп помогнати од нивните колеги Мо Антоан и Клајв Роланд.
Во 1978 година ја организира и води експедицијата по западниот гребен на К2 кој за жал предвреме завршува поради загинувањето на Ник Ескорт во лавина...
По направената извидувачка експедиција во Кина во 1980 година, следната година се враќа со тим кој го прави првото искачување на планината Конгур (7700м). На врвот покрај него застануваат и Питер Бордман, Џо Таскер и Ален Роуз.
Во 1982 година заедно со Питер Бордман, Џо Таскер и Дик Реншо прават обид за искачување на северо-источниот гребен на Еверест без употреба на кислород. Во ова искачување високо во планината исчезнуваат Бордман и Таскер кои во тој момент важат за најнадежните млади британски алпинисти.
Во 1983 година заедно со Џим Фотерингам прават силно искачување на Шивлинг (6501м) – во силен алпинистички стил качувањето траело пет дена.
Во 1984 година заедно со Ал Роуз и двајца пакистански качувачи прават обид на до тогаш неискачената Карун Кох во Каракорам, но се повлекуваат поради лоши временски услови.
Во 1985 година како дел од Норвешка експедиција се искачува на Еверест.
Во 1987 и 1988 година е водач на експедициите на Менлунгце (7150м). Тоа е до тој момент неискачена планина и во 1988 успешно стигнуваат до западниот врв на оваа планина
Во 1992 година е ко-водач на заедничка индиско-британска експедиција во Кумаон Хималаите во северна Индија. Заедно со Грахам Литл прави прво искачување на западниот гребен на Панч Чули (6904м)
Во 1993 година се приклучува во експедицијата на Џим Лотверм Грахам Литл и Роб Фергусон на Гренланд, при што прават неколку првенствени насоки.
Во 1994 година искачување на неискачена планина – Рангрик Ранг (6553м). Планината се наоѓа во малку истражуваните Кинаур Хималаи во Индија.
1995 – 10-годишнината од искачувањето на Еверест како член на норвешка експедиција ја прославува со искачување на неискачената планина Дрангнаг Ри (6801м). На 30-ти Април на врвот покрај него застануваат и Ралф Хоибак, Бјорн Мурер-Лунд и Шерпасите Пема Дорџе и Лакпа Гјалу.
Во 1996, 1997 и 1998 година следува приказната со Сепу Кангри (6950м) – неискачена планина во северо-источен Тибет. После извидувачка мисија и неколку неуспешни обиди – достигната е висина од 6800м, а еден од членовите на експедицијата, Грахам Литл, прави прво искачување на Тиркизниот Цвет (6650м) – соседен врв на Сепу Кангри.
Во 2000 година – „фамилијарна“ експедиција. Заедно со својот син Даниел, братот Гералд и внукот Џејмс прават искачување на неискачената Данга 2(6190м) во источен Непал. Истата година во јужен Гренланд прави искачувања на три неискачени планини.
Во 2003 година – прво искачување на Јараун (5205м), во 2004 година прво искачување на Пиму (5490м)... Иако со помали технички тежини – сепак предизвикот останува секогаш ист: истражувања, неискачени планини...
За своите искачувања тој има напишано 20-тина книги, неколку документарни емисии, неброени презентации и предавања... Исто така има добиено многу награди, благородничка титула „Сер“ и други почесни титули... |