Џо Таскер и Питер Бордман
Имињата на овие двајца англиски алпинисти се поврзани со најсериозните искачувања во алпинистички стил во Хималаите во 1970-тите и 1980-тите години. Искачувањето на Чангабанг (6864м) во 1976 година по нова насоката по западната страна се смета за најсилното искачување во Хималаите до тој момент. Тука се уште и силните заеднички искачувања на Кангченџунга (8598м) во 1976 год. (нова насока и без дополнителен кислород), Конгур (7649м) во 1981, силни обиди на К2 (8611м), но и други искачувања во други тимови... Нивното силно партнерство завршува со нивното исчезнување на северо-источниот гребен на Еверест на 17-ти Мај 1982 година...
Ни оставиле две подеднакво важни работи за инспирација. Секако - нивните експедиции направени во силен алпинистички стил, но исто така и нивните литературни сведоштва за тие искачувања. Искуствата на Ајгер, Чангабанг, Еверест (експедиција од 1975г.) и други - Таскер и Бордман во прекрасен стил ги опишуваат во своите книги и по нивното загинување се формира Бордман Таскер Награда за Планинска Литература која се доделува секоја година...
Џо Таскер (12 Мај 1948 – 17 Мај 1982)
Првите контакти со светот на качувањето ги имал на 15-годишна возраст - додека бил во католичкото училиште во чија близина имало можности за такво нешто. Станува член на факултетскиот качувачки клуб и многу брзо се докажува како силен карактер – влегувајќи во долги и тешки насоки и често соло.
Почнувајќи од 1969 година Џо влегува во Алпите – повторно многу силно. Заедно со Дик Реншо до 1975 година веќе ги имаат поминато Волкеровиот Гребен на Жораз, Бонати-Гобе на Екфајлер, северната страна на Нестхорн, северната страна на Дент Бланш и северната страна на Ајгер.
По искачувањето на Ајгер, во 1975 година тие заминуваат со автомобил од Манчестер кон Индија. Нивната цел е Дунагари (7066м). Поточно – јужниот гребен во алпинистички стил. Во тешки услови – слабо аклиматизирани, со недоволно гориво и храна тие едвај стигнуваат до врвот. За враќање им биле потребни четири дена и при тоа Реншо се здобива со сериозни смрзнотини на рацете.
Следна цел – во ист сил. Во 1976 година заедно со Питер Бордман прават силно искачување по западната страна на Чангабанг (6864м). Со Питер оформуваат многу силно пријателство и моќен качувачки тим.
Следуваат многу силни хималајски искуства: Во 1977 година прави неуспешен обид за искачување на северниот гребен на Нупце заедно со Мајк Ковингтон и Даг Скот, а во 1978 година станува член на експедицијата водена од Крис Бонингтон со цел – искачување на западниот гребен на К2 (8611м). Оваа експедиција завршува пред време поради загинување на Ник Ескорт во лавина. Во 1979 година заедно со Даг Скот, Питер Бордман и Џорџ Бетембург прават искачување на Кангченџунга (8598м) по северниот гребен без употреба на дополнителен кислород. Истата година заедно со Питер Бордман и Дик Реншо прават обид за искачување на Абруци на К2. Достигнувајќи висина од 7975м. поради силни врнежи на снег – во текот на ноќта ги погодува лавина, но не го понесува шаторот. Џо бил целосно затрупан, но бил откопан од Пит и Дик кои биле на површината. Следувале три опасни дена на симнување – снегот непрестано паѓал, целата планина била во лавинска опасност – но кога се симнале сите рекле дека би сакале да го повторат тоа... Во 1980 година прават неуспешен обид за зимско поминување на западниот гребен на Еверест, а во 1981 година со Крис Бонингтон, Ален Роуз и Питер Бордман прво одат на Монт Конгур, а потоа следува експедицијата на северо-источниот гребен на Еверест каде загинува со Питер Бордман на 34-годишна возраст...
Питер Бордман (25 Декември 1950 – 17 Мај 1982)
Првите искачувања ги прави во планините на Корзика во 1964 и 1965 година. Во 1966 година станува член на качувачкиот клуб Минид каде многу брзо се докажува како добар качувач - почнувајќи да води насоки со оцена VS за само една година. Во следните неколку години станува силен и во алпските насоки: први британски качувања на северните страни на Олан, Нестхорн, Лаутербрунен Брајтхорн... При запишувањето на Универзитетот во Нотингем (студирал Англиски јазик) станува претседател на универзитетскиот клуб и со неколку членови (Мартин Враг, Крис Фицхју, Бил Черч, Маргарет и Оливер Стенсфилд и Боб Вотсон) прави прва експедиција во Авганистан во 1973 година. Во оваа експедиција искачени се северната страна на Коикаик и прво искачување на Кохи Мунди.
По неколку експедиции меѓу кои искачувања на планини во Алјаска и Кавказ, во 1975 година станува најмлад член во британската експедиција на Еверест водена од Крис Бонингтон – правејќи второ искачување по југозападната страна следејќи го тоа на Даг Скот и Дагал Хастон. Следуваат искачувањата во кои учествува со Таскер: Чангабанг, К2, Конгур, Кангченџунга... Во 1978 година заедно со Џон Бери, Тим Лич и Гај Нејдарт прават искачување по западниот гребен на Гаури Шанкар (7134м) – второ воопшто на планината...
Покрај конкретно во качувањето, Питер остава силен белег и како активен член во планинарската бирократија. Во 1975 година станува член на Британскиот Планинарски Совет и дава голем допринос за влезот на британските водичи (станал претседател на британската асоцијација на водичи во 1979 година) во меѓународната асоцијација на планиски водичи. По смртта на Дагал Хастон во 1978 година станува директор на меѓународното училиште по планинарство во Лејзин во Швајцарија.
Последната експедиција во која учествува е таа на Еверест во 1982 година кога заедно со својот најчест партнер во силните хималајски експедиции, Џо Таскер, исчезнува на 17-ти Мај, на 31-годишна возраст. Неговото тело е пронајдено од страна на казахстански алпинисти – во седечка позиција, како да се одмара и било препознаено од неговото семејство на фотографиите кои им биле приложени.
По симнувањето од Чангабанг
Во базниот камп кој го делат експедиции на повеќе планини, седејќи заедно со членовите на италијанската Гарвал експедиција ја приметуваат тивката Рут Ерб - членка на американската експедиција на соседната Дунагари... По разговор со Италијанците дознаваат дека таа е единствената преживеана од 5-члениот тим кој загинува во лавина на таа планина - вклучувајќи го и нејзиниот сопруг. Италијанците помогнале во нејзиното симнување со оглед на тоа што таа била заробена два дена во еден од висинските кампови.
Тие ја спасиле нејзе, но не сакале да одат да ги најдат телата на загинатите. Таскер и Бордман следниот ден ги пронашле телата и ги закопале во некоја креваса.
Еве како Бордман ги опишува тие моменти: „Ми се лошеше и Џо примети дека се борам со солзите и дојде до мене да ми помогне. „Веројатно треба да кажеме некоја молитва или нешто...“- му реков. До тогаш немавме зборувано на таа тема - за религија и верување... „Да застанеме за момент“ - ми рече Џо. |