Џон Портер

Веќе споменав за нашата средба со Џон Портер за време на Фестивалот за планински филмови во Банско (потсетете се овде >>>>). Џон беше член на жирито, но исто така и учесник во Фестивалот како еден од презентерите кои настапуваа со претставувања на своите искачувања. Неговата презентација беше именувана „Блескавите години на британскиот алпинизам“,  се однесуваше за искачувања во 1970-тите и 1980-тите години и најмногу ни оставија впечаток искуствата на Бандака и Чангабанг во 1970-тите години. Тоа се искачувања кои ги прави со неговиот најчест партнер Алекс Мекинтаер (починат – и за кого ни кажа дека пишува книга) и полскиот алпинист Војтек Куртика.

Покрај гореспоменатите искачувања тој е член и на британските експедиции (успешни и неуспешни) на Еверест – едната преку западниот гребен во зимски услови и другата преку северо-источниот гребен (кога загинуваат Таскер и Бордман), К2 преку северо-западниот гребен (кога загинува Ален Роуз), нова насока на Шингу Чули (6501м), јужната страна на Ранрапалка (Перу)... Во последниве години тука се и нови искачувања на Гренланд како дел од екипа водена од Крис Бонингтон, но тој е активен и на културно поле: основач е на познатиот Фестивал за планински филмови во Кендал во Англија, бил член на жирија во други фестивали – како на пример во Банф, член на жири на Таскер и Бордман наградата за книжевно дело и слични...

Ова се неговите текстови за искачувањата на Бандака и Чангабанг:

Бандака

Бандака (6843м, во Авганистан) – искачување по нова насока на северо-источната страна. На врвот на 14-ти Август 1977 година. Тим: Портер, Мекинтаер и Куртика.

Случајноста е активен партнер во нашите животи. Сосема случајно додека авто-стопирав кон Лидс една Недела во 1975-тата година со автомобил ми застана Денис Греј и во разговорот ме замоли да качувам со група на полски алпинисти кои ќе ја посетеле Англија во текот на следната недела. „Секако“ - му одговорив.

Во таа група беше и Андреј Завада – водачот на експедицијата која се качуваше на Лотце во зимски услови. Кога ја посетив Полска после шест месеци се отвори можност за организирање англиско-полска експедиција во Хинду Куш – седејќи на маса „уз водка“ со Андреј. „Вие донесете долари, ние ќе организираме опрема, храна и транспорт. ОК?“ „Секако“ – му одговорив. Помина едно лето и додека станувавме заробени од темната зима еден ден пристигна писмо кое означуваше дека можеме да почнеме со подготовките.

Имав шест месеци да ја организирам оваа прва експедиција. Го повикав Алекс Мекинтаер кој беше во полусвест еден месец по последниот испит – три недели пред да тргнеме. Хауард Ланкашир и Питер Холден исто така се согласија да дојдат со нас. Тери Кинг беше во план уште од почетокот. Собравме колку што можевме храна и опрема од спонзори – но количината беше смешна. „Не се грижете момци. Сé додека понесеме долари со нас можеме да тргнеме и по долна облека!“

Една недела откако ја напуштивме Англија – бевме во воз низ СССР. „Русите не знаат дека сте овде. Забрането е „западњаци“ да поминуваат од овде“ - ни соопшти Завада. Пет дена патувавме по големите рамнини преку Волга и Орск, надолу меѓу Арал и Каспиското Море па низ Букара кон Оксус. Рускиот полковник ги собра рамениците и по првичното изненадување ни рече: “Штом сте веќе овде, ќе ви дозволиме да ја поминете реката... После пет дена.“

Петмина продолжија кон Мазар и Шариф, а тројца заедно со сопругите останаа да чекаат во Термез да пристигне опремата со карго воз (надевајќи се дека двете шишиња водка во Москва беа доволни за поткуп). Андреј Завада и Питер Холден ги завршија сите бирократски работи и на крајот на Јули заедно со опремата веќе бевме во Фаизабад.

Бандака беше идеја на Војтек Куртика. Јан Волф имаше видено фотографии од страната и веднаш прифати. Алекс и јас никогаш немавме слушнато за таа планина и само одговоривме „Секако.“ Експедицијата се подели во Зебак. Другата половина замина за долината Мандрас – каде беа многу успешни. Од Зебак ние го започнавме четиридневниот пристап кон базниот камп.

Нашата цел беше масивна. Грда, но предизвикувачка. За да се аклиматизираме искачивме нова насока по еден опасно ронлив гребен кон јужниот гребен. Овде најдовме лесен начин за симнување по јужната страна. После пет дена бевме назад во базниот камп, но Јан имаше добиено бронхитис и така кон страната тргнавме тројца.

Имаше само една можна линија и успеавме да ја следиме точно како што ја видовме од глечерот. Секако дека имавме интересни изненадувања. Искачувањето траеше шест дена и сите денови беа различни. Карпата се менуваше од ден за ден. Просечно качувавме по дванаесет должини дневно – од кои секој од нас два дена поминуваше во водење, а третиот во следење со јумар. Често имаше одрони, а пред почетокот на снежните полиња имаше опасни сераци кои надвиснуваа над нас. Бевме среќни кога најдовме начин да ги поменеме и да дојдеме на безбеден дел високо во планината...

Во базниот камп бевме по три дена и веднаш почнавме да се пакуваме за враќање. Вкупно поминавме осумнаесет дена во планините и тоа време помина многу брзо. „Ќе дојдеме повторно следната година?“ „Секако.“

Јужниот столб на Чангабанг

Чангабанг (6864м, во Индија) – искачување по нова насока по јужната страна. На врвот на 27-ми Септември 1978 год. Тим: Џон Портер, Алекс Мекинтаер, Војтек Куртика и Кристоф Журек.

Оваа година беше полесна од аспект на организација. Имаше само по двајца качувачи од двете земји. Алекс и јас требаше да се организираме околу трошоците за Индија, да снабдиме дехидрирана храна и опрема за качување. Другото беше задача на Полјаците - Војтек Куртика и Кристоф Журек: другата потребна храна, опремата за базниот камп и транспортот. Подготовките во текот на пролетта одеа без никаква комуникација со Полјаците. Кога заминавме од Англија при крајот на Јули – уште не знаевме како ќе одиме за Индија од Варшава. Знаевме само дека е многу важно „да одиме“.

Овој пат не заминавме со воз. Патувањето беше на сметка на Полскиот Авиотранспорт. Во Њу Делхи пристигнавме со Куртика една недела пред другите. Се надевавме дека тоа ќе биде доволно време да завршиме со бирократијата и да ја добиеме дозволата. При првата посета на Индиската Планинарска Федерација – бевме шокирани: ни беше речено дека пристапот во тој дел од земјата е затворен за качувачи. Во тој период таму беше и Тери Кинг кој работеше на тоа да добие дозвола за двочлена експедиција на Нанда Деви – низ разни владини институции. Го следевме неговиот пример и по две недели сепак некако успеавме да ја добиеме и нашата дозвола за Чангабанг. После нашите дозволи навистина тој дел од земјата беше затворен и бројот на експедиции беше ограничен на по една годишно.

По вообичаените блокади на патот поради монсуните, помеѓу Ришикеш и Џошимат, во Лата бевме на 4-ти Септември и тоа само една недела подоцна од нашиот план. Имаше поројни врнежи и првите два дена од нашиот пристап кон базниот камп беа хаотични: ветерот и дождот предизвикаа хипотермија кај некои од нашите 32 носачи. Сепак успеавме да стигнеме во базниот камп по само шест дена пешачење и тоа во период кога времето почна да се подобрува.

По два дена организирање на базниот камп, заминавме кон страната за извидување и аклиматизација. Ни беше потребен еден и пол ден да го поминеме глечерот на кој имаше покривка од нов снег. Бивакувавме под самата страна и следниот ден качивме шест должини. На таа висина ја оставивме опремата која ја имавме со нас и се симнавме во силно невреме – што стана наше секојдневие. Ливадите во кои беше сместен базниот камп ни беа мал, но напнат рај во следните три дена кои ги користевме за одмор.

Имавме храна за осум дена и само лежалки за бивакување кога се вративме под насоката. Но и покрај тоа – раниците ни тежеа по 30-тина килограми и личеа на големи камења по сега веќе разгазената патека низ глечерот. Пред да стигнеме на местото каде бивакувавме почна силно да врне снег.

Релативно полесната долна половина ја качувавме три дена, а секое попладне бевме напаѓани од силно невреме кое секое качување со јумар по јажињата го претвораше во хорор. На местото на вториот бивак стигнав во десет часот вечерта и имав тешки стомачни болки. Кристоф се жалеше на исти проблеми.

Третиот ден се качивме до место каде гребените се спојуваат со плочите. Во густа магла Алекс и јас фиксиравме три должини над бивакот. Бавно напредувавме: од пет, на четири па на три должини во еден ден. Само во последниот ден кога стигнавме до врвот качивме повторно пет должини.

Беше многу технички тешко. За време на петиот ден – мраз со оцена 5 нé доведе до сосема мазни плочи кои беа затворени со големи висечки блокови. Од долу изгледаше како тоа да е единствениот начин, но кога дојдовме до тоа место – излезот го најдовме преку нова и невидлива пукнатина на десно. Тој дел имаше три должини и беше единствен дел од насоката поминат со техничко качување. После два часа и три пада се симнав до нашиот втор бивак и почнав да готвам поставувајќи ја храната на тесни полици покрај лежалките.

Следното утро на Кристоф му беа потребни пет часа да ја доврши таа должина. Кога се наведна кон нас за да му даде знак на Куртика да почне да качува кон него – му се откачија клиновите на сидриштето. Се обидувавме да не мислиме многу на тоа на што е фиксирано јажето качувајќи се со јумар по него.

Во текот на седмиот ден почнавме да следиме еден диедар кој по три должини нé донесе во горното мразно поле кое го нарековме „Окото на Киклопот“. (н.з. за време на презентацијата Џон кажуваше како додека качувале под висечките сераци на тоа „Око“ се шалеле дека не би било добро киклопот да трепне) Во последната должина Алекс имаше можност да потренира кревање на една рака на цепин откако ми се открши долната половина на еден мразулец на кој стоеше.

Пречевме во лево од тоа Око и тука во мразот најдовме одлично место за бивакување во една карпа во мразот. Секоја втор ноќ имав болки во стомакот и таа беше една од нив. Се молев да стигнеме до врвот следниот ден занимавајќи се набљудувајќи ги ѕвездите на небото...

Последниот ден Куртика водеше во целост постојано охрабрувајќи го Кристоф и одржувајќи го „со нас“ (н.з. – Портер рече дека во текот на ноќта Кристоф се будел и мислел дека е во Полска, а не на Чангабанг). Излеговме на гребенот покрај врвот и влеговме во светот на високите планини – кои и не ги приметувавме концентрирајќи се целосно на техничките тежини.

Следните десет дена беа најболните во мојот живот. Откако стигнавме во базниот камп бев под целосна контрола на стомачните болки и не јадев ништо цврто скоро една недела. Се сеќавам дека почувствував силно задоволство – дури и поголемо од тоа кога успеавме да се качиваме по насоката – кога успеав да каснам малку пире...

Чувството на успех исчезна кога стигнавме до високиот планински превој кај Даранаси и каде почнавме да добиваме желба за искачување на многуте планини кои се гледаа на хоризонтот – како една пирамида до друга. По две недели Алекс и јас бевме во воз од Варшава за Лондон. „Како да бевме на продолжен викенд, нели?“ „Каде следната година?“

 
Copyright © Alpinizam.org