Објаснување:
„На мраз, снег и карпа“ е книга од францускиот алпинист Гастон Ребуфа објавена во 1970г. - за техниките на качување. Преполна со фантастични „Ребуфа“ фотографии, текстови и фотки кои ги опишуваат разните техники и опрема...
Од пред некој ден - подарок за нашата скромна библиотека и ни претставува огромно богатство!
Со голема Благодарност!!!
За Гастон Ребуфа:
- Извадок од „На мраз, снег и карпа“;
- Извадок од „Сјај од ѕвездите и невреме“;
- Ребуфа во Вселената |
Гастон Ребуфа
-19.10.2010г.
Извадок од книгата „На мраз, снег и карпа“
(н.з. - краткиот извадок од оваа книга кој следува подолу е дел од воведот. Во препознатлив стил на Ребуфа...)
Чувство за рамнотежа
Во Доломитите за прв пат ја увидов важноста на чувството за рамнотежа. Бевме на северната страна на Големата Кула на Лаваредо. 500 метри целосна празнина! Бев среќен што ја качувам оваа голема карпа, но во исто време бев среќен и поради тоа што бев на јаже заедно со толку прекрасен партнер и добар качувач – Џино Солда, водач во Доломитите. Го гледав како оди пред мене и тоа беше празник за очите и голема лекција! Ја гледав неговата фигура во небото како деликатна силуета во контраст на чистиот профил на карпата. Дури и на најакробатските должини тој не беше под стрес. Фаќалиштата како да се зголемуваа под неговите прсти и тој се искачуваше нагоре по таа геометриски вертикална пропаст со став на голем мајстор.
Тој ден, гледајќи го Солда како качува во стил толку близок до совршенството, увидов дека покрај тоа што тој беше исклучително технички силен, тој поседуваше комплетно и во многу прецизна форма, чувство за рамнотежа и дека тоа беше тајната на неговиот лесен стил...
Кога завршивме со искачувањето на северната страна и кога брзо почнавме да се симнувавме по нормалната насока, јас продолжив да го набљудувам и си ја потврдив лекцијата која ја научив претпладнето. Си повторував: „Добиј чувство за рамнотежа и ќе качуваш многу добро. Овие две работи се меѓусебно зависни.“...
...Но постои и еден поинаков вид на рамнотежа, која е дури и многу поважна од физичката – менталната рамнотежа.
Таа е многу важна во алпинизмот, како во почетокот, така и во најнапредните искачувања. Анри Мулин, Едуард Френдо, Андре Торниер и Марсел Бозон, кои ме иницираа во алпинизмот, а подоцна и во мојата работа како водач, постојано ме учеа на тоа:
„Прва работа е секогаш да качуваш со твојата глава. Знај што сакаш да направиш и знај што си способен да направиш. Алпинизмот пред сé е прашање на свесност.“
Тие исто ми велеа:
„Грижи се за себе – „премногу“ дури и во многу мала мера сепак е „премногу“.“
Искачувањето започнува во соништата, во спонтаната и понекогаш ирационална желба во форма на атрактивно име, форма или приказна – и таму сме, посветени кон врвот. Потоа примамливиот план станува пасионирано исчекување – започнуваат подготовките. Но доаѓа и времето кога сето тоа треба да стане предмет на ладно пресметување – да се пронајде точниот сооднос помеѓу целта – врвот и замислената насока, условите на мразот и карпата во соодветната сезона, висина и експонираност и насоката за враќање која е помалку или повеќе тешка, од што во конечните анализи ќе зависи и целосниот успех на проектот – и средствата кои ќе ги има качувачот на свое располагање: неговиот капацитет за јасно расудување, личните квалитети (техника и ментална и физичка енергија), неговото знаење за планините и временските услови, искуството и неговата сталоженост.
Тој сооднос цел/средста, го води донесувањето на одлуките. Оваа формула, која е невкусно сува, но е од фундаментална важност, алпинистот мора секогаш да ја има на ум – таа одредува дали и кога тој ќе почне да качува...
...За мене подобар алпинист е тој кој ги знае своите граници од оној кој успешно се извлекува од големи херојства. Ова прифаќање е нешто што ги доведува тие херојства во нивната вистинска пропорција. Тоа значи дека качувачот не само што направил нешто екстремно тешко, туку го направил тоа и со свесно знаење. Друга работа која ми се допаѓа кај некој качувач е способноста да ја тргне на страна својата пасија и во име на здрава проценка да се спротивстави на горечката амбиција да направи некое добро првенствено искачување. Не сакам тој непотребно да се коцка со својот живот – секоја будала може тоа да го прави. Не се учи ништо кога си лице во лице со директна опасност, туку напротив кога некој размислува за одредена тежина и пречка – тогаш човекот ја покажува својата вистинска големина...
...Исто така качувањето не е само обично качување на карпа или качување на мраз, туку пронаоѓање на насока, поврзување на должини, одржување на временски план, посматрање на небото од запад, на невремето и темнината. Качувањето е само еден аспект од алпинизмот, исто како што и качувачот е само еден дел од алпинистот. Техниката треба да се научи, но исто така треба да се здобие и знаење за планините. Да се качува добро – тое е релативно лесно, но многу потешко е да се пронајде личната рамнотежа. Многу е важно човек да се спознае и да биде способен да ја разгледува ситуацијата без да биде нервозен или еуфоричен. Исто така не треба да се помешаат овие две толку различни работи: опасност и тежина. Првата е морбидна, а втората здрава и жива. Алпинистите ја сакаат убавината, другарството и животот. Тие ги почитуваат овие работи, а не вкусот на глупаво ризикување.
Наградата која го чека алпинистот на врвот е тивок мир и можност да контемплира на скоро бескрајниот хоризонт. Кога тој би бил спуштен таму од некое летало, погледот би бил ист, но би бил помалку убав. Столбовите на нашиот спорт се напорот и другарувањето. „За да гледаш – навистина да гледаш – не е доволно да ги отвориш твоите очи, туку треба да почнеш со отворање на твоето срце.“ |