Ова е дел каде ви презентираме текстови од разни качувачи (познати и непознати) - за сé што го сочинува нивниот живот наречен алпинизам - како единствена инспирација и вдахновение :) ...

Ова е дел каде нема фотографии, па ако сте дојдени само за тоа, еве еден предлог - посетете ја Галеријата!

Текстови

Како втор - и како почетник

Почнавте да качувате на „топ-роуп“ и почна да ви скока мајмунчето во главата. Почнувате да фантазирате за големиот свет на страна од кратките насоки на вештачка карпа - а посебно за специфичните превиси, столбови или остри гребени. Во очите на вашиот ум вие веќе сте таму некаде – една од точките на кои има шлем на некоја огромна карпа над некоја река, море или долина.

Како навистина тоа да се случи?

Мој совет е да научите да водите.
Но можеби претходно сакате само да го вкусите тоа – да се запознаете со таквиот начин на качување каде фаќалиштата не се обоени со црвена или розева боја или пак имаат сино/црни точки на нив и треба да ги најдете самите.  
За такво искуство, ако сте сигурни во обзебедувањето доволно е да можете да качувате како втор. Еве неколку совети:
(Запомнете дека нема да освоите поени ако избрзате во купувањето нова и светкава опрема за да набрзо откриете дека висењето на една рака додека се обидувате да заглавите некој чок во некоја невидлива пукнатина и не е баш толку забавно како што сте мислеле.)

Прво – најдете некој кој ќе сака да води. Значи некој кој ќе сака да качува со вас и некој кој нема партнер. Можеби ќе се запрашате зошто тој некој нема партнер меѓутоа во вашата ситуација не можете да бидете пребирливи.

Второ – пријдете му со почит и оставете впечаток дека сте многу восхитени од неговото супериорно знаење во сите работи околу качувањето. Ако можете да го поднесете тоа – дружете се малку надвор од карпите – слушајќи ги фасцинантните приказни за доживувањата по карпите и воздивнувајте кога ќе се зборува за ситуациите во кои скоро можело да се случи и најлошото.

(Забелешка – многу важно е да оставите впечаток и дека сепак сте безбеден партнер. Не кажувајте дека сте се лизнале некогаш кога сте обезбедувале и никогаш не го спомнувајте зборот „пад“... А ако тој/таа го спомене овој збор неколку пати, тогаш сериозно запрашајте се дали сакате да го ставите вашиот живот во рацете на таа личност.)

Трето – Договорете датум

Работи кои треба да ги понесете (според важност):

Сендвичи – Никогаш не се знае кога ќе дојде времето за ручек - можеби уште и пред да го ставите вашиот појас, а ретко каде ќе имате да земете нешто за грицнување,

Неколку гуртни – Сите ги носат околу рамо и сите изгледаат многу фино со нив. Ќе изгледате како да знаете за што се работи. Јас посебно ги сакам црвено белите ленти кои добро ми стојат со секоја облека. Земете со различни бои и големини за да изгледате посебно добро,

Патики, појас и алатка за обезбедување – всушност две алатки за обезбедување. Кога качувате некоја насока на границите на вашата способност, рацете ќе ви бидат толку напумпани што можеби ќе ја испуштите едната алатка на сред насока и добро е да имате резерва – за да не бидете ставени на „црниот список“ меѓу качувачите,

Шлем – Обично се препорачува да се носи. Ако не ви биде препорачан – тоа е уште една причина да размислите за безбедноста на вашиот партнер,

Прусик – Едно мало и смешно парче јаженце кое многу добро доаѓа при абзелување – како дополнителна заштита,

Чоковадач – Ако тој што ја води насоката ја става целата своја тежина на чокот за да го заглави добро – тоа е добро, но вие ќе треба тој чок да го извадите од таму,

Втор карабинер – Сите имаат втор карабинер – за секој случај. Најверојатно ќе си ги закачите обичните патики на појасот со него што и не е лошо со оглед на тоа што симнувањето од врвот секогаш е многу полесно со обични патики, наместо со тие за качување

Ќе ви треба силен глас:

Не очекувајте да бидете добри во пронаоѓање на насоката во карпата. Тоа е мистериозна вештина и некои луѓе едноставно никогаш не ја разбираат. Модерните книги со описи на насоките обично имаат прекрасни фотографии од карпата со исцртани некакви линии по нив и три реда текст кој нема никаква сродност со пејзажот пред вас. Може да има моменти кога вашиот водач почнал да качува, но по одредено време изгледа како да не напредува воопшто. По околу саат време ви кажува дека се изгубил. Тогаш ќе треба многу гласно да викате и да му кажувате каде да оди. Ако комуникацијата нема да ви успее, веројатно вие ќе ја носите книгата нагоре до него (уште една употреба за вториот карабинер).
Кога зборуваме за насоките – бидете внимателни околу оцените. И покрај тоа што во сала можеби качувате совршено насоки со тежина VII, во карпа може многу лошо да заглавите во насока со тежина V. Разгледувајте ја добро насоката, прочитајте го описот и на глас кажете си ги вашите способности (или носете резервни чисти панталони).

Очекувајте викање. Очекувајте водачот да ви довикне „ослободи јаже!“ и знајте дека вие ќе треба да му одговорите „јаже ослободено!“. Целата ситуација може да биде многу стресна ако не одговорите како што треба. Значи треба и да слушате добро. Ако не слушнете „подготви се и тргнувај!“ тогаш може да заглавите и подолго отколку што треба во карпата... Секако – известете го вашиот партнер кога ќе трегнете ако не сакате долго слободно јаже за да можете да се сопнете – паднете од него...

Како што почесто ќе качувате – така веројатно ќе имате и различни партнери кои ќе ве водат по насоките. Бидете подготвени за различни искуства. Некои ќе прават скоро сé наместо вас (што не е добар начин како да учите), некои ќе сакаат ваше активно учество и ќе се нервираат ако не примате наредби и сте весел со тоа, некои ќе сакаат педантно да го собирате јажето за време на и после качувањето (забелешка: ќе изгледате многу компетентни ако знаете да го префрлате преку рамо)...

Ако никогаш не сте обезбедувале со две јажиња – научете го тоа пред да имате потреба во вистински случај наместо да признаете дека не знаете што нема да остави чувство на сигурност кај било кој – кој треба да ви го довери својот живот на вас. Предавањето на ценетата опрема на крајот на насоката или после секоја должина е многу важен ритуал – и овде ќе видите дека секој партнер си има свој сопствен метод околу тоа... И овде само насмевнете се и бидете послушни.

Како аматер – најдобро е да правите како што ќе ви биде кажано. Но ако во одреден момент имате некако сомнеж и не сакате да изгледате беспомошно правете го ова:
-Одмотајте го јажето така што вашиот крај ќе биде најдолу, а горниот крај на јажето ќе биде видлив – на вистинското место – најдобро во близина на насоката,
-Наврзете се за да јажето не замине нагоре без вас,
-Ставете го јажето низ алатката за обезбедување и јасно и гласно кажете: „Ако си спремен/на – можеш да тргнеш“

И така си качувате и ја собирате опремата – всушност тоа е вашата улога... И многу е важно да го соберете секое светкаво парченце на кое ќе налетата или едноставно кажано: нема да качувате повторно со истиот човек. За тоа ви се потребни: чоковадач, силни раце и трпение на светец. Ако имате можност поиграјте си малце со тие алатки – наречени „френдови и чокови“ уште пред да ја започнете авантурата. Тие се многу умни парченца на опрема кои само ќе се заглавуваат подлабоко и подлабоко во пукнатината ако не го знаете системот на кој функционираат. А и не се евтини – па дефинитивно ќе бидете ставени на црната листа ако не ги извадите сите од карпата.
 
Околу карактерите:
Некои качувачи кои ќе ве обезбедуваат ќе ви кажуваат како е добро за вашиот карактер да не бидете затегнати со јажето кога качувате како втор нагоре. Запомнете дека таму сте заедно – да уживате и да учите. Премногу страв не значи забава и може да ви се одрази во иднина. Дозволено е да побарате да бидете подобро затегнат, но очекувајте некои фаци и после тоа барање дополнително да го олабават јажето... Тоа не е нешто страшно, но не е забавно – сепак не им се осветувајте на сред карпа бидејќи тоа веќе може да биде опасно...

Како за на крај – ако имавте добро качување и не направивте нешто што би ве посрамотило однесете го вашиот партнер некаде да се освежите и секако – на ваша сметка. И секако – подгответе се да ги слушате истите приказни за доживувањата во високите места...

- Сара Флинт

*****

Интервју со Смртта

За време на најтешките моменти во качувањето, се чини како овој тип секогаш се крие близу нас во сенка. Веројатно и самите понекогаш сте го приметиле: кога сте имале поголемо растојание до последната прикопчана точка, кога не можете да поставите нова, кога сте налетале на тенок мраз, кога ви испаднал многу важниот и единствен чок... Во Еквадор, додека поминував под еден сомнителен серак, повторно го видов – како трпеливо чека на другата страна. Неговото присуство - облечен во црн Gore-tex мантил – ме принуди да се повлечам и тоа беше добра одлука бидејќи една минута подоцна серакот се сруши.

Го сретнав долу во планинскиот дом. Си седеше во еден агол, си пиеше кафе и му пријдов и се претставив. Како што и мислев – тоа беше Смртта. Не баш Смртта – туку некој нејзин агент. Се одлучив да го прашам неколку прашања во име на сите качувачи:

Прашање: Па како оди бизнисот во последно време?

Смртта: Не толку добро колку што би требало. Неколкупати денеска ќе ми се посреќеше, но качувачите успеваа да се „протнат“.

П: Баш ми е жал. Каде има најмногу акција? Само овде или...?

С: Најчесто одам по места каде има најголема веројатност некој да ме сретне: насоки со кратки клинови, под креваси, било каде над 7000мнв, кратки и тешки гранитни насоки – знаеш... Ако слабо ми оди во овие места, тогаш едноставно чекам пред продавница за опрема – за некој што ќе излезе со многу купена опрема, а сеуште не знае да ја употребува. Сум имал и такви случаи.

П: Како специјализираше во овој сектор – со качувањето?

С: Почнав на дното како и сите други. По една година стажирање во собата за итни интервенции добив можност да специјализирам. Некои агенти избираат да останат во делот за итна медицина, некои одат таму каде има војни или елементарни непогоди. Тие се големи бизниси. Мислам дека вистинскиот предизвик се овие помали полиња каде треба малце повеќе да се работи наместо да се седи во место.

Секогаш сум ги сакал алпинистите бидејќи никогаш не знаеш што ќе се случи во било кој ден. Растечката качувачка популација во изминативе десет години малце го подобри бизнисот и тоа помага – посебно во сушни периоди на пример кога се оди на спортско качување во Тајланд. А местата каде се работи исто така се топ! Мислам – еве и ти - повеќе би сакал да бидеш на вакво место или да седиш во некоја соба за итни случаи и да го чекаш новиот срцев удар?

П: Каде поточно е твоето место во тој круг на вечноста?

С: Јас сум слободен агент и немам распоред. Не работам за Бог, Ѓаволот, Шива или некој друг. Јас само овозможувам услуга. Само треба да бидам на вистинското место во вистинско време и да ги придвижам душите од едно место на друго. Нешто како вратар...

П: Како изгледа еден твој типичен ден?

С: Вообичаено не мора да отидам во планините некаде до пладне, па претпладне ја проверувам временската прогноза и разните блогови разгледувајќи кој-каде е тој ден. Интернетот многу ми помага, а посебно за големите планини. Порано седев во базниот камп со недели... Кога ќе се случи – само ја носам новоослободената душа во нашата установа каде таа се процесира и насочува.

П: Дали се има сменето нешто во твојот бизнис во последните пет години?

С: Па – прво има поголем избор. Толку многу луѓе има во планините што моравме да го зголемиме нашиот персонал и да се адаптираме на целата разноликост во спортовите. Микс насоки, спортски, традиционални, алпинистички... Порано сето тоа беше само – качување. Сепак растечката популарност на овие спортови и не е баш некој голем благослов.

П: Како тоа?

С: Па – еве на пример немам многу муштерии во болдерингот. Болдерашите најчесто посетуваат друг оддел – Болката. Треба да се јавиш да направиш еден муабет со моите пријатели таму. Имаат и тие неколку интересни приказни

Извини сега морам да одам. Една слаба наврска утре наутро планира да се качува по Полската насока на Аконкагва... Се гледаме.

П: Се надевам не.

-Ендру Олгер

*****

„Рускиот начин“ е вирус на смртта за модерниот алпинизам - текст на Винс Андерсон - добитник на „Златен Цепин за 2005год.“

Моќната Западна Страна на К2 е една од најголемите во светот и зрела за прекрасно алпинистичко искачување. Во изминатово лето (2007г.) осумнаесет - члена руска екипа пристигна во базниот логор со цел да направи директна линија по најекспонираниот дел од страната – по секоја цел. Како што претходно направија на Јану – ја окупираа планината фиксирајќи јажиња од базата скоро до врвот поставувајќи седум висински кампови по пат.

Оваа експедиција претставува уште една регресија на планинскиот спорт од страна на Русите. Тие тоа го нарекуваат алпинизам? Јас го нарекувам тоа што е: одвратно, смотано и слабо! Не постои причина во светот зошто треба да се силуваат амбициите на идните и денешните генерации на инспирирани алпинисти. „Рускиот начин“ е вирус на смртта за модерниот алпинизам.

При крајот на Јули тие стигнаа фиксирајќи јажиња до нешто преку 8000мнв на планината – поминувајќи ги главните проблеми на страната. „Бастионот е поминат!“ Таму ќе останат онолку колку што им е потребно само за да ги поминат и последните 500 метри до врвот. Како машина, осумнаестмината ќе продолжат да си го прават патот по стрмнините и таа егзибиција повеќе личеше на воена вежба отколку на алпинистичко искачување. Вистинскиот алпинизам е уметност, убавина – нешто сосема спротивно на тоа фолирање. По три недели тие ги поминаа и тие последни 500 метри.

Поради тоа што овие Руси – секако не сите од нив – не можеа да се качат по Западната страна на К2 на фер начин ова лето, требаше да почекаат додека не бидат подготвени за тоа. И ако сепак тие и воопшто не можат да ја поминат оваа насока, тогаш требаше да отидат на некое друго место. Наместо тоа тие се одлучија да ја симнат планината на нивното патетично ниво. Секако дека требаше да му ја остават на некој кој е способен и има храброст и визија и секако дека тоа може да биде направено на чист начин.

Сигурно дека ќе бидам обвинет дека сум им љубоморен, но немам илузии во тоа дека можеби и јас самиот можев да направам чисто качување. Би сакал да се обидам и би се повлекол ако тежините бидат преголеми за мене.

Вистинска трагедија е што оваа страна е огрубена на таков начин. Таа е засекогаш променета – и физички и психолошки. Ако има нешто добро останато во овој случај е тоа што во нивниот обид да качат нешто што подиректно по страната, оставија една многу очигледна и поелегантна линија - во лево од нивната – недопрена. Овие луѓе треба да се срамат што уништија уште една голема карпа во име на нивниот „Руски начин!“ Навистина им недостасува имагинација.

*****

„Терапија“ - текст на Бети Сендер

Бев многу погодена од загинувањето на двајца мои најдобри пријатели во изминатава година. Двајцата го правеа тоа што го сакаа. Двајцата паднаа од карпа. Оваа трагична загуба многу ме замисли: Што ако правејќи ја работата која навистина ја сакаш – ги убива луѓето кои ги сакаш?

Тоа беа моменти кога и други луѓе коментираа на мојот начин на живеење – поточно моето семејство, свекорите и една госпоѓа на која бледо се сеќавам од локалната продавница. Мајка ми почна да цитира делови од книгата „Несреќи во алпинизмот во Северна Америка“. Мојата сестра едноставно само ми рече: “Ти реков.“ Таткото на мојот сопруг рече дека ова лудило мора веднаш да престане, а таа госпоѓата од продавницата пролаја нешто како: „Се надевам дека ова значи дека ќе му кажеш на сопругот дека не смее повеќе да качува. Татко е човекот...“ Како да не знаев јас за тоа – па токму ова утро тој многу добро го искара нашиот син.

Но факт е дека сите тие беа во право. Можеби е време да почнам да му кажувам на мажот ми што смее, а што не смее да прави. Можеби во слободно време треба да почнам да копкам во градината. За доброто на нашите деца и семејството. За мое сопствено добро. И така јас го направив тоа што го прават сите други сопруги кои имаат некакви проблеми – отидов на терапија.
Ја кажав мојата приказна – дека сум среќно мажена и дека имам деца. Дека сите наши пријатели или качуваат или скијаат и дека и ние само качуваме или скијаме. Дека секој одмор го поминуваме или на качување или на скијање и дека скоро загубив двајца пријтели кои исто така го правеа само тоа и дека имам проблем со сето тоа.

Таа беше многу паметна и веднаш дојде до заклучокот дека мојот проблем е во мојот начин на живеење. Ми рече дека треба да најдам нови пријатели – кои не качуваат или скијаат. Ми препорача да се зачленам во клуб на читатели на книги.  
Овие мои нови пријателки беа многу фини. Ме примија убаво во нивната група иако пристигнав со големо задоцнување на средбата и носев облека за скијање. Зборувавме за некои добри книги – вклучувајќи ги тука сите од списокот на Опра. Се обидов да се вклучам во дискусиите, но тоа ми беше проблем бидејќи немав прочитано ниту една од тие книги. Се обидов да го замаскирам моето незнаење пиејќи многу вино – тактика која ја направи целата средба многу поинтересна сé до моментот кога почнав да испуштам гасови и да користам безобразни зборови. Тогаш моите пријателки беа навредени. Ветив дека ќе се однесувам подобро следната недела.

На таа следна средба на мене ми беше ред да одберам книга на која ќе дискутираме. Ја одбрав таа која ја имав прочитано многу пати – „Анапурна“ од Херцог. Во нејзе се пишува за инспиративната борба на алпинистите во планината, нивната тимска работа, надежта и проблемите. Но овие госпоѓи се фатија за прстите на нозете – т.е. за отсечените прсти на нозете. „Кој неодговорен морон би сакал да ги изгуби прстите на своите нозе само за да се качи на некоја планина?“ прашаа. „Да – какви морони“ се надоврзав и јас пиејќи од нивното вино. После тоа следуваа неколку лоши шеги и повторно почнаа да ме гледаат со лош поглед. Не помогна ниту моето најдобро однесување.
На мојата терапевтка и реков дека ова не функционира повеќе. Таа ми рече да не се откажувам и дека ќе биде потребно малку подолго време да најдам нови пријатели - кои не качуваат. „А што мислиш за играчници? Таму се дружат децата, но и мајките?“ Се согласив да се обидам и со тоа.

Ова беше полн погодок. Децата си играа, а мајките зборуваа за нивното одгледување. Сите мајки се согласуваа дека треба да им се дава избор на децата. Тие рекоа дека им дозволуваат на децата да одберат дали ќе си легнат во 8 или во 8:30 часот или дали ќе си играат надвор или внатре во куќата. Ми беше полесно кога видов дека сепак конечно правам нешто исправно. Па и јас им давам избор на моите деца. Кога им даваме да вечераат им велиме дека ако сакаат може да јадат, а ако не сакаат – не. Кога сме отидени на скијање им даваме да изберат дали сакаат два или три пара ѕиври на себе.

Разговорот наскоро се сконцентрира на местата за одмор. Другите мајки заедно со сопрузите и децата биле на Хаваите или Големите Кајмански Острови каде плажите биле бели, водата топла и сина и каде пиеле коктели со неколку чадорчиња на нив. Звучеше забавно. Јас им кажав дека ние одиме на Индиан Крик. „Но што има таму да се прави?“ ме запрашаа. „Качуваме“ одговорив. „Но тоа не е опасно?“ ме прашаа. „Веројатно“. „Но што прават децата?“ „Па децата играат во прашината дури ние качуваме или кога одиме на подолго качување ги заврзуваме за воланот.“ Тогаш забележав дека мојот син моча врз другите деца и моравме да заминеме.

Мојот терапевт беше загрижен после овие настани и сега предложи да почнам да земам часови по вајарство. Во меѓувреме јас дојдов до некои мои заклучоци.
После 1500 долари фрлени на оваа терапија и откако бев отфрлана од сите групи, заклучив дека сакам да продолжам да качувам и да скијам сé додека моите коски можат да се справат со тоа. Никогаш не сум била некој екстремно силен качувач, но кога требаше да му го свртам грбот на качувањето, видов дека тој се инфилтрирал длабоко во моето битие како тумор. Сакам да ги задржам пријателите кои ги имам. Не ми смета тоа што јадам бурито за доручек, ручек и вечера. Понекогаш во моето пиво си ставам чадорче и играм хавајски танци. Мислам дека би ми било досадно кога не би имала рани да си ги чепкам. Ги сакам грубите и силни раце на мојот маж. Среќна сум што кога ќе прднам моите пријатели се тркалаат од смеење.

Сакам да се запознавам со други луѓе, млади или стари на кои исто така им се допаѓа сето тоа. Сакам да пијам пиво покрај запалениот оган во кампот и да се забавувам толку многу што нема ни да приметам како и се запалило палтенцето на мојата ќерка. Се надевам дека никогаш нема да имам потреба на мојот сопруг да му кажам да не качува. Сакам да му верувам на неговите одлуки и да се надевам на најдоброто. Сакам да бидам најдобар родител употребувајќи ги моите сопствени и можеби на баш најдобри методи и се надевам ќе направам и нешто правилно по тој пат.

Сé уште плачам за моите пријатели. Планиравме да остариме заедно и да ги носиме нашите деца во планините на качување и скијање и да се смееме. Тие никогаш не би сакале јас да престанам. Можам да ги слушнам како ми велат: „Излегувај надвор – што чекаш?“
Тоа и ќе го направам.

*****

„Големото Е - смрт, слава и пари“ - текст на Тина Сјорген

Оваа сезона на Еверест (2006г.) – десет години по трагедијата во 1996 година во која загинаа 12 луѓе и 53 години по првото искачување на Едмунд Хилари и Тенцинг Норгај, повторно беше исполнета со бројки – трагедии и преживувања. Проценките велат дека околу 500 луѓе се искачија на врвот висок 8850м оваа година и со тоа вкупниот број на луѓе кои се искачија стана преку 3000. Од друга страна на планината загинаа 11 луѓе што ја прави оваа година втора по смртност после 1996.

На 14-ти Мај, англискиот алпинист Дејвид Шарп (34) беше во близината на врвот во неговиот трет обид да се искачи на Еверест. Овој пат тоа сакаше да го направи „соло“ – иако покрај него имаше околу 40 други луѓе на истата насока (по северниот гребен). Кога му снема кислород во апаратот, седна на 8400м на околу еден час движење од последниот висински камп.

Во период од 12 часа помеѓу 14-ти и 15-ти Мај, најмалку 30 луѓе поминаа покрај овој алпинист кој полека умираше и тоа во два наврати – на качување кон врвот и на симнување. Покрај малиот број самостојни качувачи и големата турска експедиција, останатите биле водени клиенти.

Вообичаено клиентите се водени од јужната страна која е во Непал каде има построги услови за оваа работа. Околу 2000-та година агенциите почнаа да водат клиенти и од северната страна која е во Кина и каде таксите за качување се многу пониски.

Кога некои од овие клиенти поминале покрај Шарп тие според известувањата се јавиле по радио станица кај водичите, но им било речено да се симнат. Еден од овие качувачи бил и Марк Инглис од Нов Зеланд, на кој му се ампутирани двете нозе после искачувањето на Монт Кук во 1982 година.
Инглис во интервју за новозеландска телевизија рекол дека на него му било кажано: „Види, не можеш ништо да направиш. Тој е таму Х саати и без кислород. Знаеш – тој е веќе мртов.“
Инглис исто така додал: „На височина над 8000м тешко е да се остане жив кога си оставен самиот на себе. За да го симневме Дејвид ќе беа потребни 20 Шерпаси и тој пак ќе умреше при симнувањето.“

Во 10:30 часот на 15-ти Мај – по околу 12 часа откако Шарп бил виден за прв пат, покрај него поминале Шерпаси кои имале камери на своите шлемови и тие го снимиле за последен пат. „Како се викаш?“ прашал еден Шерпас. „Дејвид Шарп. Тука сум со Азија Трекинг и само сакам да спијам.“ После ова и на овие Шерпаси им било речено да се симнат.

Турските алпинисти на планината рекле дека кога прв пат го виделе Шарп помислиле дека тој само се одмара бидејќи седел во исправена положба, а потоа кога го виделе легнат помислиле дека е мртов.

Деталите околу загинувањето на Шарп се појавија на виделина сосема случајно и секако една причина е интервјуто со Инглис кој стана прв човек со две ампутирани нозе да се искачи на врвот. Се отвори жестока дебата за етиката во високите планини и Едмунд Хилари остро го нападна Марк Инглис што не застанал да му помогне.
„Мислам дека е тоа е одговорност на секој човек,“ рекол Хилари. „Човечкиот живот е многу поважен од искачувањето на врвот.“

На 25-ти Мај, од врвот се враќале 50-годишниот австралиски алпинист Линколн Хол и двајца Шерпаси. Одеднаш Хол се онесвестил – околу 10 часот утрото. Тој не покажувал знаци на живот сé до 7 часот попладнето и бил оставен на висина од 8600м.

Следното утро, околу 7 часот и на пат кон врвот, таму поминувал американскиот водич Ден Мазур со двајца клиенти и еден Шерпас. Кога го пронашле Хол тој седел во исправена положба. Му дале кислород, чај и веднаш побарале помош по радио станица. Мазур рекол дека првите зборови на Хол биле: „Претпоставувам дека си изненаден што ме гледаш овде.“

По четири часа, кај Хол стигнале тројца Шерпаси, му дале лекови за висински болести и го пренеле преку тежок технички дел од околу 50-тина метри каде ги чекала друга група од 8 Шерпаси. Спасувачката акција траела 11 часа и во долниот дел од планината состојбата на Хол толку се подобрила, што последните сегменти ги поминал самиот.

За време на оваа акција покрај тимот поминале двајца Италијанци на пат кон врвот. Мазур ги замолил да помогнат, но овие одговориле дека не разбираат англиски. По нивното враќање во базниот камп – сепак виделе дека разбираат...

Copyright © Alpinizam.org