Мразевите на Скакавица (Р. Бугарија)
По покана на Федерацијата на Бугарските Алпинистички Клубови, на меѓународниот алпинистички собир во локалитетот Скакавица со свои претставници учествуваше и Македонската Алпинистичка Асоцијација. Во нејзина организација за овој прекрасен локалитет замина група од осум алпинисти - претставници на неколку алпинистички клубови.
Дел од оваа група беше и екипата која се подготвува за „Бренва – 2006“. Секогаш со големо задоволство заминуваме на било каков табор (алпинистички собир) организиран од бугарските алпинисти поради тоа што сепак „рака на срце“ имаме многу што да научиме од нив од повеќе аспекти.
На 15-тина километри од градот Дупница се наоѓа месноста Паничиште – каде што има неколку планински домови и хотели. На еден час пешачење се наоѓа планинскиот дом Скакавица кој беше место каде бевме сите сместени и во тие денови (18-19 Февруари) беше како центарот на Универзумот за нас.
На само дваесетина минути (и пократко) од тој дом во било кој правец да тргнете во една прекрасна планинска средина има уште попрекрасни мразеви кои беа причината за нашата посета на тоа место, а кои се вистинска причина за гордост на нашите бугарски колеги.
Иако стигнавме малку доцна првиот ден (околу пладне) сепак одработивме добро: само ги фрливме раниците во собите, ги земавме цепините и се упативме кон најблиските мразеви (на само пет минути од домот) и таму останавме до стемнување. Бугарските алпинисти кои веќе беа на тоа место беа искрено среќни што нé гледаат и веднаш многу гостопримливо ни понудија да ја користиме нивната наместена опрема на тој мраз и така имавме одлична можност да се запознаеме со неговиот квалитет и воопшто да се загрееме за тоа што ќе следува следниот ден.
За време на вечерата се сретнавме со познаници кои беа среќни што нé гледаат повторно „тука – кај нив“, разговаравме за нашите планови, ни дадоа видео материјали од нивните последни експедиции во Хималаите (три во последните три години, а ова лето се подготвуваат и за нова – БРАВО!!!) и од локалните мразеви...
Следното утро уште многу рано отидовме на други мразеви каде што качувавме додека не направивме скалички во мразот од удирање... Навистина уживавме и секој од нас качуваше „до крај“. Наместивме повеќе варијанти на мразот така што во секој момент некој качуваше без да има време за одмор – освен сепак за топол чај и кратка пауза за ужина.
Навистина не знам што повеќе би можел да кажам за сé што се случуваше таму – пред сé дека 90% од времето само качувавме, така што би оставил фотографиите да кажат повеќе. |