Алпска Трилогија
- изваадоци од текст напишан за „Алпинист“ од Костантин Циривири
...Северните страни на алпските врвови Матерхорн висок 4500мнв, Ајгер 3900мнв и Гранд Жораз 4298мнв. Самото фокусирање на алпинистичкиот интерес кон овие проблеми претставува важен показател за степенот на зрелост на алпинизмот. Алпинистите повеќе не размислуваат само за врвовите, туку сé повеќе се интересираат за начинот на стигнувањето до нив и тежината на „патот“. Способноста за перцепција и дефиниција на трите најтешки карпи во Алпите како такви, претставува значителен квалитативен скок во алпинизмот. Веќе се дефинираат и тежините на качувањето по карпите со тежинска скала (денешната скала на UIAA ) и се прави диференцијација помеѓу различните качувачки предизвици кои се разликуваат по својата комплексност...
...Со оглед на тоа што станува збор за алпинистички проблеми каде е најважен начинот на искачувањето и страната преку која се приоѓа на врвот, надморската височина не игра големо значење, туку е пресудна техничката тежина на карпите. Овие карпи се вертикални ѕидови со висинска разлика која од подножјето до врвот изнесува во просек околу 2000 метри. Тоа се две илјади метри кои треба да се совладаат педа по педа, со алпинистички движења со максимална совршеност, при постојана опасност од ледени и камени лавини...
...Во секоја од овие стени постојат т.н. „класични насоки“ – тоа се насоките по кои се движеле првите качувачи. Покрај нив, во истите стени постојат и други насоки со различна тежина (сите се со тежина од ED1 па нагоре според француската скала на комплексно оценување на насоките), а времетраењето на искачувањата е и по неколку денови. Тежините во карпата се движат од V по UIAA скалата до екстремно големи тежини околу IX…
…Овие проблеми се искачени во триесетите години на минатиот век. Првите искачувачи, во тоа време се прогласени за легенди: Касин (на северната страна на Гранд Жораз) бил френетично пречекан во својот градч Петер, Хекмаер и другите од наврската на северната страна на Ајгер се прогласени за национални херои; а браќата Шмид за искачувањето на северната страна на Матерхорн се наградени со златни олимписки медали…
…И денес овие алпски проблеми продолжуваат да го имаат некогашното цивилизациско и алпинистичко значење. Нивното искачување претставува важна референца и за најголемите светски имиња во алпинизмот. Зошто е тоа така? Најпрвин затоа што тоа се еден вид испити за алпинистичката зрелост за еден поединец или алпинистичка средина...
...Затоа сметам дека е неопходно и ние како алпинистичка средина, барем овие генерации што се сега активни во непосредна алпинистичка смисла, да созрееме во овие алпски стени, следејќи го позитивното светско искуство на средините каде што алпинизмот е институционално дефиниран и има големи достигнувања на сите полиња од алпинистичката дејност. Врвните алпинистички имиња како Бул, Бонати, Ребуфа, Меснер, Кнез, Куртика и други, пред да започнат со своите искачувања низ повисоките планински масиви во светот, буквално созревале во тешките алпски стени...
...На прашањето како да се стигне до овие три најтешки алпски проблеми или уште поважно како да се вратиме во Македонија со позитивно искуство од нивното искачување, одговорот е многу едноставен – оној што Владо Андреевски –Пајо ми го даде пред заминувањето на Гранд Капусен во 1994 година: „Треба да се влезе и да се качува“ ми рече тогаш Пајо. Но до моментот на влегување потребно е созревање низ многу работа, најпрвин низ домашните локалитети, а потоа систематично во сé потешки и потешки алпски стени...
Никогаш не е прерано и никогаш не е прекасно да се започне со вистинска работа. |