Изрази (за стилот)
Кај нас долунаведените изрази (по азбучен ред), а посебно во алпинистичките кругови – ретко се користат. Сепак во качувачките средини „надвор“ се користат и имаат за цел што пореално да го прикажат искачувањето на некоја насока т.е. стилот во кој таа била искачена од првите качувачи или при повторувањето.
Стилот на качување (не треба да се меша со „етиката во качувањето“) треба да ни покаже на самите себе колку навистина сме подготвени технички и ментално за некоја непозната насока т.е. дали сме ја качиле „од прва“ знаејќи нешто или ништо за насоката, дале сме паѓале, кога/како било поставено обезбедувањето и слични деталчиња.
И сето тоа да знаеме да им го претставиме или опишеме и на колегите – во еден збор. Зборовите доаѓаат од англиското говорно подрачје и исто како и познатото „топ роуп“ – не ги преведуваме...
Бетмен: Враќање до највисоката достигната точка после пад - со влечење по јажето.
Граунд ап: Целосно поминување на насока без претходно топ роуп вежбање или прегледување на движењата со абзел. Обично значи дека качувачот се обидел да ја качи насоката он сајт или флеш, но имал пад - падови.
Јо јо: По доживеан пад при качувањето, качувачот се спушта до земја и повторно почнува да качува нагоре, останувајќи прикопчан на највисоката точка.
Он сајт: Искачување на насока „од доле до горе“ уште во првиот обид - без паѓање и без никакво претходно познавање на насоката. Ова често се нарекува „вистинско“ качување.
Пинк поинт: Ред поинт со претходно поставени точки за обезбедување.
Ред поинт: Искачување на насока обезбедена со клинови - „од доле до горе“ без паѓање или одмор, но со претходно вежбање на движењата.
Топ роуп: Качување со поставено обезбедување од крајот (врвот) на насоката.
Флеш: Искачување на насока без претходно вежбање на потезите, но со добиени информации за насоката. Во некои строги качувачки средини за „флеш“ искачувањето се смета дури ако се знае и оцената на насоката.
Хенгдог: Повеќекратно паѓање и одмарање на точка за обезбедување со цел да се научи едно или повеќе движења.
Хед поинт: Насока која што се обезбедува со чокови и френдови, но е искачена после топ роуп вежбање, а некогаш и со веќе поставени точки за обезбедување (секако чокови и френдови). Се опишува и како ред поинт во традиционален стил...
|