Речник (Алпинистичко - Македонски)
специфични зборови и изрази со кои ќе се сретнете на сајтот (по азбучен ред)
Абзел: начин на симнување со контролирано „лизгање“ по јажето контролирајќи ја брзината преку зголемување/намалување на триењето помеѓу јажето и телото или специјалната алатка
Алпинистички стил: Начин на качување во кој еден тим или соло качувач напредува кон врвот во континуирано качување без да поставува кампови или да фиксира јажиња – сé што е потребно се носи во раниците
Бергшрунд (или само шрунд): Широка креваса или неколку креваси кои се појавуваат на врвот наглечерот кога мразот кој се движи е одвоен од статичкиот мраз или карпа – или едноставно тоа е пукнатина која е граница помеѓу глечерот и почетокот на „вистинската“ стрмнина/планина/насока
Бивак: преспивање на отворено во планината
Болдеринг: слободно качување без обезбедување по ниски карпи со цел да се одржува и вежба сила и техника на качување
Глечер: Река од мраз која се движи/лизга надолу по планината/стрмнината
Дерези: метални „крампони“ кои се поставуваат на чевлите овозможувајќи движење по цврст снег или мраз.
Должина: дел од насока помеѓу две сидришта. „Должината“ е ограничена со должината на јажето – обично околу 50м но денес веќе има и јажиња долги и по 70м.
Експедициски стил: Алпинистите се качуваат поставувајќи висински кампови и фиксираат јажиња преку тешките делови во насоката што би помогнало полесно минување при качувањето/симнувањето.
Камин: пукнатина во карпата доволно широка за да во неа може да влезе алпинистот и да качува нанесувајќи притисок на двете страни од каминот со рацете/нозете
Клучен детал: најтешкиот дел од качувањето или најтежок дел од некоја должина во качувањето
Креваса: пукнатина во глечерот која може да биде и многу широка и многу длабока (може да стоите на работ и да не го гледате дното туку само темнина под вас). Поради тоа што кревасите може да бидат сокриени од снег (снежни тераси) алпинистите обично по глечерите се движат наврзани на јаже во тим
Насока: Патека на движење по карпата/снегот/мразот. „Обичните луѓе“ во вертикалите гледаат само „макросвет“ кој со својата висина или снег и мраз го дефинираат вака или онака. Алпинистите кога ја гледаат вертикалата тие гледаат „микросветови“ дефинирани од разни релјефни форми низ кои се движат по одредена патека – алпинистичка насока
Пречење: дел од насока кој се минува движејќи се хоризонтално или дијагонално
Рапел: види „абзел“
Серак: нестабилна кула од мраз која се формира во глечерите
Сидриште: место на кое алпинистот кој го обезбедува партнерот кој качува, најпрвин се обезбедува себе и во случај на пад на партнерот тој ќе биде заштитен од повлекување нагоре/надоле
Слободно качување: Искачување во кое за напредување се користи само карпата/мразот/снегот без алпинистот да „се тегне“ по опремата за обезбедување – опремата се користи само за обезбедување.
Столб: слабо дефиниран гребен кој се појавува од самата страна на планината
Стреа: снежен нанос од ветер на гребен. Опасности: може да се срушат врз алпинисти кои качуваат под нив или ако не бидат забележани како такви од страна на алпинистите под нивната тежина исто така можат да се срушат.
Техничко качување: Начин на качување во кој за напредување се користат поставените точки (опремата) за обезбедување - со влечење по нив или стапнување ако се користат гуртни, замки и специјални скалички за таа намена
Фиксно јаже: јажиња кои се поставуваат и остваат на одредени места во планината/карпата со цел да ги олеснат следните искачувања/симнувања на тим кој се качува во експедициски стил.
|