На оваа тема:
- Планинарска тура на Триглав;
- Словенскиот Планински Музеј
|
Словенскиот планински музеј
-11.08.2013г., Игор Т.
Сместен во Мојстрана, во почетокот на долината Врата под Триглав, не толку голем во својот габарит како градба, но многу голем во своето значење! Во врска со неговата историја, идејата за отворање на ваков музеј во Словенија постои скоро колку што постои и организираната планинарска организација во оваа земја. Планинарскиот сојуз на Словенија постои од 1893-тата година, а идејата за „Алпски музеј“ прв пат се споменува во Планинскиот весник на овој сојуз, во 1901-вата година. Сепак и за земја како Словенија, со многу богата планинска традиција и силна планинска култура, конечната реализација на ваков благороден проект не било „буцни прачка – пиј вино“.
Материјализирањето на оваа идеја започнува преку изложби во различни места како Љубљана (од 1932-рата година), Јесенице, Мојстрана и други, потоа во Мојстрана започнува да постои постојана изложба од 1984-тата година, а веќе од 1996-тата година се започнува со конкретни чекори: потпишување на иницијатива, формирање на фондација и собирање на фодови, објавување на тендери итн итн.
Ние прв пат слушнавме за овој музеј кога се враќавме кон Скопје од Доломитите во август 2010-тата година, сурфајќи по радиото во автомобилот. Но како и секогаш – само извозевме низ Словенија и тоа беше тоа. Овaa година на него не’ потсети едно флаерче кое го добивме во инфо центарот во Мојстрана и посебно не’ инспирираше делот во него во кој стоеше дека „оваа постојана изложба е базирана на концепт на музејска приказна која носи две важни пораки:
-патот е поважен од целта,
-секоја патека е посебна приказна.“
Овие две пораки се основни пораки кои преку Алпинизам.орг и ние уште од самиот почеток се обидуваме да ги пренесеме и промовираме! Моравме да го посетиме музејот...
Музејот е многу повеќе од само изложба на дел од богатата историја на планинските спортови, а посебно алпинизмот на Словенија и во голема мера е наменет и за едукација!
Во него има многу интересни фотографии и „артефакти“ од минатото, од личности кои оставиле посебен белег во развојот на планинските спортови во Словенија, текстови кои потсетуваат на дел од поважните датуми и години од истражувањата на планините во Словенија, претставување на алатки за уредување на планинарски патеки, претставување на стари табли со маркации, претставување на облека, обувки и разна опрема од минатото, претставување на активностите и дел од опремата на планинската служба за спасување, претставување на макети на планински засолништа и домови и дел од книгите во кои се потпишувале посетителите на овие објекти и други врвови, во музејот беше поставена голема „реплика“ на бивак, во кој посетителите можат да влезат и да „доживеат“ невреме (со силна и реална игра со звуци и светлина), неколку различни можности на посетителите да го демонстрираат или обноват своето знаење (врзување на основни чворови, пронаоѓање на засолниште на макета на планина, утврдување на траги и звуци од животни итн), проекција на филм за соживотот со планините и друго.
Мислам дека колку и да се обидувам, невозможно е да го пренесам длабокото искуство кое го нуди овој музеј и го препорачувам на секој вљубеник во планините и планинските спортови кога ќе поминува во тој дел од Словенија – да го посети.
Може многу да се научи, но најмногу – како се градат следни генерации кои ќе знаат да ја почитуваат планината и да се грижат за неа и соодветно да ги вреднуваат резултатите и искуствата кои ги доживуваат во неа! |