На оваа тема:
- Планинарска тура на Триглав;
- Словенскиот Планински Музеј
|
Планинарска тура на Триглав
-11.08.2013г., Игор Т.
Ќе почнам со крајот на ова наше последно патување кое го направивме во италијанските Доломити: со искуствата во Словенија (планинарската тура на Триглав и посетата на Словенскиот планински музеј) и покрај тоа што во нив немаше ништо алпинистичко. Или можеби имаше... Нашите патувања кон Доломитите најчесто ги правевме транзитирајќи низ Словенија и тоа одејќи преку северните премини и поминувајќи близу Мојстрана, Крањска Гора и други места од каде што во добри услови, од патот имавме можност да ги здогледаме „големите карпи од лево“ (и тие од десно, но овие од лево се подобри :)) и си повторувавме дека „некогаш треба да дојдеме овде – специјално овде! и да качуваме“. Тоа никогаш до сега не се случи, во никаква форма, а најмногу поради нашата заслепеност од убавината на Доломитите од која можеби и ни нема спас...
Сепак овој пат одлучивме да направиме барем каков-таков контакт со овие планини и зошто да не уште на самиот почеток можеби со најиконската помеѓу нив: Триглав. Одлучивме да направиме планинарска тура, полека да почнеме да си комуницираме со тој свет таму, да се запознаеме и поконкретно можеби да правиме планови за качување за во иднина.
Бевме сместени во камп во Мојстрана (поточно во Довје). Од овде со автомобил се стигнува до влезот на Националниот Парк Триглав (за влез во НП Триглав се плаќа 3,5 евра; ова е единствен НП во Словенија, постои од 1924-тата година и се простира на површина од 880км2) каде што всушност е и планинскиот дом „Аљажев дом“, кој се наоѓа на 1015мнв и постои од 1896-тата година. Тоа е почетното место за сите тури на Триглав од долината Врата. Ние одлучивме да качуваме преку една планинарска патека, а да се вратиме преку друга: качувавме преку т.н. Праг, а се симнавме преку Томиншковата патека.
Патеките се одвојуваат на околу 5 минути пешачење од Аљажевиот дом при што Томиншковата исчезнува во лево во шумите, а Праг оди нападно кон северната страна на Триглав, а и за двете патеки на знаците пишува дека се потребни околу 6 часа да се стигне до врвот. Ние преку Праг, до врвот на Триглав стигнавме за околу 4,5 часа без никакво посебно брзање, а и уживавме често во погледот кој го имавме кон северната страна.
Откако го направивме симнувањето преку Томиншковата патека, можам да кажам дека веројатно токму оваа патека (Праг) е најлесната за симнување и качување до планинскиот дом Кредарица од оваа долина. А и е некако многу поприродна за разлика од Томиншковата која како да е некако со сила правена. Тоа е само мое мислење! И едната и другата имаат од време на време железни шипки кои би служеле како фаќалишта или стојалишта при качувањето, а и фиксирани сајли и скали. Сепак тоа во Томиншковата, со оглед на тоа што има многу повеќе експонирани делови - го има во МНОГУ, многу поголема мера.
Двете патеки се спојуваат пред т.н. Котел и од таму продолжуваат кон домот Кредарица. Овој дом се наоѓа на 2515мнв и е изграден во 1896-тата година. Тој е најголемиот и највисоко поставен планински дом во Словенија. Од овде се продолжува по скоро целосно обезбедена со сајла патека до врвот. Сите споменати патеки се со забележително исполирани делови во себе поради голем број на луѓе кои се движат по нив и треба да се биде многу внимателен при качувањето, а посебно ако одлучите да качувате без да бидете обезбеден на сајлата. Исто така во повисоките делови има опасности и од одрони (од луѓето над вас, а нам ни паднаа камчиња кои ни ги бутна едно диво козле-бозле), па добро е да се носи и алпинистички шлем.
Качувањето на сите овие патеки е многу убаво! Посебно секако делот од Кредарица кон Триглав! Убави погледи на сите страни. Уживавме при качувањето. Се плашевме од можен застој при движењето поради присуството на поголем број на луѓе (од кои на некои од нив дефинитивно не им беше местото таму, а беа таму само поради сајлата!), но секогаш имаше доволно место и се движевме лесно и брзо. При качувањето се сретнавме и со членови на ПСД Макпетрол од Скопје.
Беше убаво да се направи оваа релаксирана тура, а секако најмногу и да се ѕирне конечно северната страна на оваа планина која е огромен симбол во алпинизмот во овие простори и која има одиграно голема улога во развојот на словенскиот алпинизам, а и на нашиот: македонски алпинисти имаат качувано во оваа карпа уште во 1960-тите години и секако тие искуства одиграле големо влијание во изборот на правецот на дејствување во годините потоа! |