Черо Торе
„Најтешката планина“ - висока 3128м се наоѓа во Патагонија - Јужна Аргентина. Нераскинливо поврзана со легендарниот италијански алпинист Чезаре Маестри кој по своите неверојатни (соло) искачувања во Италија, беше наречен „Пајакот од Доломитите“. Нема што многу да се зборува за Черо Торе - основното е: многу малку искачувања по како стакла мазните карпи, непредвидливи промени на неверојатно лошите временски услови на Патагонија и секако дали првото искачување е направено во 1959 или 1974 година...
Легендарниот француски алпинист Лајонел Тери го нарече „најголемото алпинистичко достигнување на сите времиња.“
На 3-ти Февруари 1959 година, откако цели шест дена не било контактирано со него, преморениот Чезаре Маестри се симнал абзелувајќи од Черо Торе (3128м). По симнувањето тој тврдел дека заедно со својот партнер, австрискиот алпинист Тони Егер, се искачиле на врвот. За жал Егер загинал во лавина при симнувањето, а во него била и единствената камера со фотграфии од нив двајцата на врвот – единствените докази за нивниот успех.
Веднаш се појавиле сомнежи. Иако Маестри и Егер се врвни алпинисти, сепак во тоа време Черо Торе бил најтешкото нешто што до тогаш воопшто и било видено, а не пак качено. Исто така како „контра“ нивниот успех бил и временскиот период во кој тие го направиле искачувањето и лошите временски услови во тој период од една недела. Ако скептиците се во право, тогаш таа насока своето прво искачување го доживува во Ноември 2005 година.
Енигмата и после 47 години сепак ќе продолжи да постои, а Маестри упорно да кажува дека искачувањето сепак се случило. Во 1970 година тој се враќа под Черо Торе со цел да качи нова насока – но сега во најлош возможен стил. Земајќи со себе агрегат – тој ја искачува познатата насока „Компресор“ која го добива името токму по употребата на агрегатот кој му послужил да поставува експанзиони клинови (околу 400) по мазните плочи на Черо Торе. Овој пат тој стигнува 46 метри под врвот – на место каде започнува превисната „капа“ од снег и мраз на оваа планина.
Во 1976 година при искачувањето на соседниот врв - Торе Егер, тројца американски алпинисти се искачуваат до 2591 метри високото седло (познато како „Седло на Освојувањето“) што претставува искачување на првата половина од насоката на Маестри. Тие велат дека во таа прва половина тие нашле многу опрема до точка на висина од 305 метри од насоката и тврдат дека Маестри и неговите пријатели не се искачиле ниту до седлото за кое тој велел дека над него тој и Тони Егер бивакувале при качувањето и симнувањето.
Првото повторување на наводното искачување се случува на 13-ти Ноември 2005 година. Алесандро Белтрами(24), Роландо Гариботи(35) и Ермано Салватера (51) се искачуваат по североисточната страна и северниот гребен и тие на горниот дел од насоката велат дека не нашле никакви траги од Маестри и Егер иако Маестри тврдел дека над седлото поставил 60 експанзиони клинови…
Ако Маестри лажел во сите овие години, тогаш првото искачување на Черо Торе се случува во 1974 година кога четворица италијански алпинисти водени од Касимиро Ферари прават искачување по Западната Страна. Тие велат дека токму снежната „перчурка“ на врвот им оставила голем впечаток и била вистински технички проблем иако во 1970-тата Маестри на ја качил и рекол дека „таа не е дел од планината“. Секако и нивното искачување исто така е многу пред своето време…
|