Од Шуинард Еквипмент до Црниот Дијамант
Малку историја за сите фанови на една од најдобрите компании во светот за производство на опрема за качување - Black Diamond:
„Нашите корени се од 1957-мата година, кога во тој период 18-годишниот Ивон Шуинард, ја купува основната опрема за рачна изработка на алпинистички клинови. За да ги финансира своите качувања, тој ја продавал изработената опрема од багажникот на својот автомобил во Јосемити. Неговите интелегентни дизајни многу брзо биле прифатени од качувачите како најдобри во тој период.
Европските клинови биле меки и можеле да се поставуваат еднаш до два пати. Клиновите на Шуинард биле изработени од челик со зголемена издржливост. Токму поради тоа што со тоа тие можеле да бидат ковани во карпата по повеќе пати, тоа им дало поголема доверба на качувачите да почнат да ги истражуваат најголемите карпи. Во 1958 година кога Ворен Хардинг го направи првото искачување на „Носот“ на Ел Капитен, клиновите на Шуинард биле составен дел од неговата опрема. Така се формира и компанијата „Шуинард Еквипмент“ во градот Вентура во Калифорнија.
Еден од најраните производи од оваа компанија е „Шуинард карабинерот“. Овој карабинер имаше многу подобри решенија од постоечките, а исто така беше и полесен, посилен и едноставен. Многу брзо тој го постави стандардот кој беше прифатен и од други производители...
Овие вредности беа основата и на два други револуционерни производи кои се развиваа за време на 1960-тите години. Во 1968 година Шуинард ги претстави првите „цврсти“ дерези кои го забрзаа процесот на качување со забивање на предните запци, наместо дотогаш употребуваната техника со поткопување на „скалички“ во мразот. Во 1969 година пак, Шуинард ги претстави првите закривени клунови на цепините. Тоа овозможи качувањето на мраз да премине во нови нивоа на техничка тежина.
Во 1972 година беше објавен каталогот со опремата на Шуинард Еквипмент кој засекогаш го промени курсот во качувањето. Во овој каталог беше претставен концептот кој зачнат во Британија беше наречен „чисто качување“ и кој остави многу јасна и моќна порака за зачувување на карпите со употреба на „чисто“ обезбедување. Оваа револуција беше подржана со чоковите на Шуинард... Подоцна во таа декада беа претставени и првите тубуларни клинови за мраз кои им овозможуваа на качувачите да поставуваат обезбедување во мраз многу побрзо и побезбедно од порано.
Во 1980-тите години качувањето стана активност која привлекуваше илјадници нови ентузијасти. Овие нови качувачи беа во исто време подршка за бизнисот поврзан со качувањето, но и негова Ахилова пета. Зголемениот успех на Шуинард Еквипмент значеше поголема продажба, но тоа во исто време ја претвори компанијата во атрактивна цел за разни тужби. По нешто повеќе од триесет години откако Ивон Шуинард го произведе својот прв клин, Шуинард Еквипмент мораше да прогласи банкрот со цел да се заштити од неколку тужби кои беа закана за нејзино целосно финансиско уништување.
Трагедијата со овие тужби не беше во тоа дека компанијата произведува дефектна опрема, туку дека не истакнувала доволно на своите производи дека со нивна употреба качувачите се изложуваат на опасности...
Духот на Шуинард Еквипмент не можеше секако да згасне целосно. На 1-ви Декември 1989 година, поранешните вработени во оваа компанија потпишаа нов документ со кој тие сите заедно формираат нова која го доби името Блек Дајмонд (Black Diamond).
Во 1991 година седиштето од Калифорнија беше преместено во градот Солт Лејк Сити во Јута, со цел да се биде поблиску до планините. Тоа е место со силна качувачка и скијачка заедница која помага во целта да се дизајнира најдобрата опрема за овие спортови. Иако нашата адреса се промени, не се промени филозофијата за дизајнот која започна пред многу години:
По многу тестирања и истражувања го претставивме системот „Авалунг“ кој овозможува да се дише под снег како заштита од лавина; инкорпориравме карбонски влакна во рачките на цепините и беше претставен моделот „Кобра“; нашите „Турбо Експрес“ тубуларни клинови за мраз беа најбрзите и најлесните тубуси за поставување во мраз на пазарот; ги претставивме првите карабинери чија вратичка беше со жица, а исто така ги направивме и најлесните карабинери на пазарот – со тие две покажавме дека и на наједноставниот производ како карабинерот може да има подобрувања во изработката...
По нашето преселување во 1991 година, компанијата се претвори во семејство. Качуваме заедно после работа, скијаме, јадеме... Беше многу логично ова наше семејство да го прошириме со компании со сличен став – Библер Тентс, АЕ и Фричи Диамир. Како нас и овие компании се силно поврзани со своите производи. Нивните ставови за бизнисот, животот и забавувањето се исти како нашите па со наше заедничко работење можеме да имаме поголема флексибилност да се фокусираме во заедничката цел – да произведуваме најдобра опрема за качување и скијање во светот...“
|