|
Нашата опрема
- Обновено на 09.01.2016г., Игор Т.
Многу пати до сега на мене и на Весна ни било поставувано прашањето која опрема ја користиме во моментов во нашите искачувања, но и во другите активности: планинарење, скијање, планински велосипедизам итн. Ќе се обидам да ги набројам сите играчки, без посебен редослед, а со по некој збор за причините за избор на соодветната опрема. Сепак, нема да набројам се’, туку само тоа што го користиме активно повеќе или помалку во моментов (без целосно пензионираните делови од опремата), а тој „збор“ што ќе го споделам нема да биде ултимативно едукативно четиво, туку само слободно изразување „на тема“ - рапување што би се рекло. Исто така, за секој дел од опремата ќе пишува и колку генерално се движи инвестицијата на тоа поле, при што би сакал да изразам голема благодарност до Аутдор.мк и Телесмарт Телеком кои во еден или повеќе наврати ни помогнале тој финансиски удар да не не’ удри баш со удар на ударите...
Овој текст ќе го надополнувам често (не можам за се’ одеднаш се’ да пишувам, а ем башка се случуваат и промени), па за сите актуелности и дополнувања или посетувајте го почесто или пак контактирајте не’ директно со прашање на: kontakt@alpinizam.org
Горни слоеви на облека
Слоеви ли се слоеви, аргатски маки големи... Движењето во планините бара да бидеме секогаш лесно и брзо приспособливи на условите и на нашето реагирање на нив. Облеката е многу важна, како и се’ друго што впрочем го штити нашето тело од директен удар од „елементите“ (како на пример и ракавиците, чевлите итн) и секогаш сме се труделе таа да биде што поквалитетна. Тоа впрочем значи ако треба да биде водоотпорна тоа да биде со најдобрата заштитна мембрана (или блиска до неа), ако треба да биде топла, а и лесно да се суши - да биде од најдобрите материјали (влакна, плетки) или најблиските до нив итн. И да биде лесна! Одамна „сме го јаделе стапот“, па и во „нашите планини“ (како што најчесто колегите велат за планините во Македонија или во близината на Балканот) и сме одлучиле да не правиме компромис (или да го минимизираме тоа). Ви ги претставувам слоевите кои во моментов, но и неколку години наназад, најчесто ги користиме во сите наши планински активности (алпинизам, планинарење, турно скијање...). Во зависност од условите кои не’ очекуваат, правиме соодветна комбинација од нив. Најчесто тоа значи на нас да имаме: основен слој (кој доаѓа директно во контакт со кожата), среден слој (топлотен слој - потенок или подебел или комбинација од два) и заштитен слој (чија функција е да штити од вода и ветер). Кога ќе се направи соодветна комбинација, тие заедно треба да функционираат така да здружено ја исфрлаат потта кон надвор, создаваат топлина колку што е потребно и штитат од вода и ветер.
На фоткава подолу се прикажани моите слоеви. Од лево кон десно: основен слој Millet Carline 200max, средни слоеви Millet Fussion Hoodie, Millet Wilderness, Mountain Hardware Monkey (првиот условно „тенок“, а другите два „дебели“ полари/слоеви), заштитен слој Millet Axon GTX („хардшел“ јакна со трослоен GoreTex) и уште еден топлотен слој Millet Belay Device (топлина благодарение на PrimaLoft, а водоодбивна заштита благодарение на Pertex материјалот). Ќе повторам: никогаш не ги користам сите одеднаш во секоја тура, туку одбирам комбинација на некои од нив, во зависност од условите кои ги очекувам. Здружено пак, тие прават инвестиција од скоро 900 евра.
На фотката која следува се прикажани слоевите на облека кои ги користи Весна. Од лево кон десно тоа се: основен слој Millet Carline 150 Plus, средни слоеви Millet Tech Stretch и Millet Bear Loft (првиот условно „тенок“, а вториот „дебел“ полар/слој), заштитни слоеви Millet Prolighter, Millet W3 Pro (ова се два „софтшела“ со Gore WindStopper материјал - едната со, а другата без капуљача), Arcteryx („хардшел“ со трослоен GoreTex, но не се сеќавам на точниот назив на моделот, бидејќи јакната е купена пред неколку години) и уште еден топлотен слој Millet Dual Heel Lift (јакна со водоотпорно третирани пердуви и со водоодбивна Пертекс Квантум заштита). Со здружени сили, заедно овие слоеви прават инвестиција од околу 1200 евра.
Ски/борд опрема (обновено)
Да, има промена на овој план: јас сменив скии, а Весна инвестираше во сплитборд. Што им фалеше на моите претходни скии? Ништо! Сакав да одам примарно на полесна варијанта. Во глава си правев калкукации со еден од моделите на карбон скии на Блек Дајмонд, но на крај немаше да успеам на време да ги добијам, претходните ги имав веќе продадено и како што дојде зимата - нов избор беше моделот K2 Pinnacle 118. А покрај нови скии, оваа година се одлучив да инвестирам и во дерези, за полесно движење по поекспониран и подмрзнат терен - изработени за Маркер Барон 13 ЕПФ везот, кој е монтиран на скиите. Весна го задржа стариот борд, но за да може заедно да се дружиме низ турно тури - инвестираше во сплитборд и тоа конкретно во женскиот модел кој К2 го прави: K2 NorthernLite. Тоа значеше секако и инвестиција во крзна и интерфејс за него, везови и дерези (крзната и везовите се од К2 - везот конкретно е K2 YeahYeah, a интерфејсот и дерезите се на Voile). Така што сега фотката подолу ја прикажува збирната ситуација во моментов на наша опрема од овој тип, а вкупната цена е околу 3700 евра.
*****
- Овој дел од текстот сега што следува е објавен на 01.12.2015г.:
Велосипеди
Од оваа пролет и заедно сме со МТБ: на фотката подолу во сина боја е мојот Corratec SuperBow 29" Fun (модел од 2013та година), а во црна боја е тој на Весна, Corratec X-Vert Miss-C 650B (модел од 2015та година). Возиме рекреативен крос кантри и опремата која ја имаат (29ката до SLX, а 27.5ката до Deore - и двете со 10ка касета позади, хидраулика, Континентал гуми итн) ни е сосема доволна. МТБ-то го гледаме едноставно како уште еден начин на истражување на планините, но не по најстрмните патеки и спустови и секако не со предност во однос на качувањето, па не се претерувавме нешто со опрема во велосипедите. Можете да погледнете дел од нашите МТБ возења во изминатиот период преку овој линк>>>> и да - уживавме и задоволни сме со изборот! Outdoor.mk продава 29“ велосипеди уште од 2012та година и уште по првото пробување ја увидов предноста во однос на до тој момент постоечкиот стандард од 26“ - за тоа што барем мене ми треба во возењето, а Весна сепак бидејќи ја нема висината за 29“ модел, со цел да ја зачува управливоста - нејзин избор оваа година беше 27.5“ модел со женска геометрија!
Малопродажната цена на овие модели заедно е околу 1700 евра.
Тренинг галантерија
Километражници (брзиномери) и пулсметри. Во моментов тоа ни е галантеријата и целата е од Sigma. Фенси-шменси ни е Sigma Rox 10 GPS, кој како што самото име кажува, во себе покрај се’ што (ни) треба и не (ни) треба, има и ГПС момент и можеме да си ја запишуваме патеката која што сме ја возеле, можеме да си запишеме/исцртаме патека која никогаш не сме ја возеле и на терен на кој никогаш не сме биле, па да ни помогне во снаоѓањето итн. ТОП уредче! Другото е генерално класика: брзиномер со 8 функции и 2 пулсметри кои се дигитално кодирани и ги користиме најчесто при трчање. Црниот е нешто малку пошменси сепак, бидејќи може да запишува некои моменти при трчањето (на пример истрачно растојание, брзина, пулс и слично) и со програмата на Сигма, Дата Центар, да се следи и малку подетално тренингот. Шменси е реков - и тоа не го користам сеуште во полн капацитет (рачно си водам евиденција, а не преку програмата :)) Инаку моделите се (лево-десно): Sigma BC 8.12 ATS, Sigma PC 22.13, Sigma RC Move и Sigma ROX 10 GPS. Малопродажниот збир е околу 500 евра и тоа е прилично коректна цена ако се потсетиме сепак дека Роксот е ГПС...
*******
- Овој дел од текстот сега што следува е објавен на 27.03.2015г.:
Ски/борд опрема
Снег на Шапка оваа година во овој момент има миЉон. Затоа продолжувам со набројување на тоа што користиме од нашата ски/борд опрема, инспириран што оваа сезона сериозно ќе се продолжи (подолу ќе го најдете првиот дел од овој текст, напишан пред нешто повеќе од еден месец за разна друга наша опрема). Моето сериозно враќање кон турно скијањето се случи минатата зимска сезона и тогаш се случи и инвестицијата во соодветната најнова опрема. Во истиот период пак, Весна задржувајќи го својот став дека повеќе сака да борда - инвестираше во таква соодветна опрема, со тоа што во некое скоро време најверојатно би се случила и инвестиција во сплит-борд, со кој што потоа ќе може да се придружи многу полесно во турно тури. Избор е микс опрема од брендовите Блек Дајмонд и К2 и тоа конкретно во мојот сет, каде што избор за чевли беше моделот Black Diamond Prime. Се’ друго во двата сета е К2 (пардон: везовите ми се од брендот Маркер и тоа конректно моделот Барон 13 ЕПФ). На фотката можете да ја видите основата на опремата. Мојот сет се состои од скии K2 BackDrop, крзна за турно за соодветниот модел исто така од К2, везовите се споменатите Барон и чевлите се споменатите Прајм. Сетот на Весна се состои од даска K2 FirstLight, везови К2 Cinch Tryst и чевли K2 Haven. Малопродажната цена на двата сета заедно доаѓа некаде околу 2300 евра.
Торби за скиите и бордовите
Ќе беше многу натрупана фотката погоре со ски/борд опремата, па ги ставивме на посебна. Торбите се супер практични! Ги користиме при секое патување, бидејќи и најчесто патуваме со опремата во нашето или во возилото на пријателите со кои патуваме, а не на кровен носач. Така што торбите доаѓаат како заштите на патниците, но и на возилото: како од оштетување од кантови и слични остри предмети/рабови, но и од валкање, бидејќи не секогаш опремата пред тргнување кон дома, по авантурите по снеговите ни е супер сува и чиста.
Избор ни беа торби кои имаат дополнителна заштита со постава, а во случајот со торбата на Весна за бордот - и со дополнителен надворешен џеб кој се наоѓа за пакување на некои потребштини... Двете торби се со малопродажни цени од околу 120-тина евра (за двете заедно), но може да се помине и два пати поевтино ако се одбере торба која нема постава и џебови.
Шлемови за качување
Ајде да сменам тема. Од скијање одиме на алпинизам. Низ годините имаме сменето по 3 различни модели на шлемови. Некои ги имаме продадено, а некои сме ги зачувале за да ги имаме за разни други прилики: качување со пријатели, тим-билдинг активности... Во моментов заедно со Весна го користиме моделот Black Diamond Half Dome (сивиот и синиот на фотката подолу). Овој модел компанијата пред некои 2 години го преименува во Qurter Dome всушност... Дали разликата е само во името или се има сменето нешто и во калапот, искрено не сум сигурен да кажам. Како и да е, денес има нов, со поинаков дизајн Half Dome, а нашиот ем прекрстен, ем сега произведуван само во кремасто-бела боја, не излегува од понудата на овој бренд и е со топ цена: 40-45 евра. Новиот Half Dome сега е со цена од околу 60-тина евра. Веќе изминуваат барем 4 години како го носиме овој модел и најверојатно годинава ќе го смениме со нешто друго.
Појаси за качување
И појасите генерално често ги менуваме (според километражата која ја јадат, следејќи ги упатствата на производителот) и мислам дека и овде сме смениле барем по 3 различни модели. Во моментов и двајцата носиме модели на Black Diamond. Весна го купи својот пред неколку години кога бевме на некое од патувањата во Доломитите и веројатно годинава ќе инвестира во нешто ново, додека јас мојот не го имам повеќе од 2 години и најверојатно би го користел уште најмалку една. И двата се модели кои производителот ги препорачува за долги насоки, качување во чист стил, алпски насоки и слично и генерално се од класа на појаси кои чинат околу 80-тина евра од парче (што не е некоја голема инвестиција плус од моделите кои според препораката на производителот Black Diamond се воведни „all around" модели кои чинат околу 55 евра - но кои исто така се одличен избор!).
*****
- Овој дел од текстот сега што следува е објавен на 07.02.2015г:
Јажиња
Во моментов со Весна користиме неколку јажиња во зависност од потребите - за различни намени: 2 јажиња се „пензионирани“ од активно качување и ги користиме за разни топ роуп активности (качување со пријатели, тим-билдинг активности и слично), а другите се во врвот на младоста.
Овие „младиве“ се од брендот Тендон и се најдобри јажиња кои сме ги користеле до сега! Одличен сооднос на мекост, лесно работење низ алатки и раце, но и одлична издржливост од триење по карпи и чуда. При тоа имаме неколку опции на располагање: две половинки (2 јажиња кои се користат заедно) од 7.8мм/60м со целосна тефлонска заштита, едно единечно јаже од 9.2мм/60м со целосна тефлонска заштита и едно единечно јаже со 9.7мм/60м со стандардна обработка. 9.2-ката и 7.8-иците ги користиме во „специјални пригоди“: за долги карпи каде што сакаме да сме што полесни со секој дел од опремата и каде што сакаме и да сме безбедни во случај на невреме - таа да издржи што повеќе, а со тоа и да биде целосно заштитена :) Тоа од 9.7мм што ни е, го земавме да го поштедиме тоа од 9.2мм (и од финансиски аспект исто така, бидејќи 9.7 со тие карактеристики е поевтино за 20-30% од ова другово). Го земавме да јаде километража! :) Кога би требало да одбереме само едно единечно јаже, со оглед на тоа што најчесто качуваме (долги насоки, непознат терен, секакви услови, секакви типови на карпи) - најверојатно би одбрале нешто околу 9.4-9.7мм со целосна тефлонска заштита. Такви се всушност тие пензионираните: и двете се со целосна заштита и со таа дебелина некаде околу 9.7-9.8мм... На фотката долу се јажињата кои ги користиме (пензионираните и младите). Генерално препорачаните малопродажни цени им се движат некаде од 130-150 евра во зависност од заштитата, па инвестицијата во овие долу кои како што реков сеуште сите до едно ги користиме е околу 800 евра (се извинувам што ќе ја користам оваа валута, наместо нашиот сакан денар!). Во досегашната „кариера“ сме користеле и најмалку уште едно единечно и две биколор јажиња, кои се целосно пензионирани, но на кои во моментов не можам да се сетам каде се...
Повеќе информации за јажињата на Тендон можете да прочитате преку следниот линк >>>>
Гуртни
Ми тргна со текстилот изгледа... Најчесто користени димензии во моментов со Весна ни се гуртни со ширина од 10-13мм и должина од 60-120цм. За каква и да станува ширина и должина, сите ни се претходно шиени од производителот и не се најлонски. Во ред - најлонска ни е верижната (дејзи чејнот) на Блек Дајмонд (сината, во долниот дел на фотката). Портокаловите гуртни се од минатото: најлон со чворови и се целосно пензинирани. Ги нафрламе овде овие работи без објаснување, бидејќи сметаме дека секој кој го чита ова - веќе ги разбира споменатите работи: гуртна со чвор, шиена гуртна, ширина/должина... Ако не ги разбира, бујрум контакт на гореспоменатиот е-маил. Како и да е, во зависност од искачувањето се менува и бројот и изборот на гуртните кои ги понесуваме со нас: Некој просек е да имаме со нас најмалку 5-6 „кратки“ (60цм) гуртни, 3-4 долги (120цм) гуртни, по некоја замка (5-6мм/различна должина). Во моментов активни ни се следните гуртни: 5х10ммх60цм (веќе скоро пензинирани од активно качување), 5х13ммх60цм (каде и да е ќе се пензионираат) и 4х13ммх120цм (ќе јадат километража уште некое време, бидејќи помалку ги користиме). Сите се од компанијата Рок Емпаер. Тоа што не се менува никогаш е тоа дека ниту една гуртна не ни е најлонска. Малопродажните цени на гуртните во зависност од материјалот, должината и брендот се движат од 7 до 15тина евра по гуртна. Многу сме внимателни со софтверот (текстилот) и го менуваме генерално често. При следното менување, избор најверојатно би ни биле гуртни од 10мм (и кај 60цм и кај 120цм должина) - повторно поради тежината (дека се најлесни!). Од кој бренд би биле? Не би можел да кажам со сигурност: или Рок Емпаер или Блек Дајмонд.
Ранци
Нема еден ранец, со една големина, кој ќе биде практичен за сите активности. Не може да купите 60-70Л ранец за повеќедневни планинарски тури и истиот да го носите низ град за секојдневни потреби. Исто како што не можете да купите 30Л ранец и да се спакувате во него за повеќедневна тура. Во ред, секако дека можете и едното и другото, но нема да биде баш најкомфорно и лесно нели? Со оглед на тоа и ние, за различни потреби одбираме различни големини при што најчесто користени големини за 1-2 дневни алпинистички тури ни биле 35Л (избор на Весна) и 45Л (избор на Игор) ранци. Секогаш имаме најмалку по еден таков во асортиманот, а приметуваме тие големини се и најчесто користени од многу наши колеги алпинисти и пријатели планинари. Сепак, кога качуваме на Матка или на некој локалитет со слична минимално потребна логистика (ако успееме да ја направиме таква логистиката) - за 1-дневни искачувања користиме дупло помали ранци и тоа не поголеми од 22Л. За транспорт/патување секогаш сме користеле некој модел со 65Л+ големина.
Во моментов го користиме следново: Black Diamond Bullet 16L, Simond Alpinism 22L, Black Diamond Speed 22L (2 парчиња - еден со M/L грб, друг со S/M грб), Millet Prolighter 45L, Millet Prolighter 35L Lady, транспортeн Black Diamond Touchstone 70L и транспортна Grivel Duffel 130L. Инвестицијата во наброеното погоре е околу 800 евра (опрема која ја користиме и двајцата). Ни недостасува некој „нормален“ ранец од „65Л плус“ (бидејќи овие транспортниве многу отстапуваат од концептот „ранец“ - по начин на користење и практичност/можности) и со таква големина дефинитивно би одбрале нешто како Millet Prolighter MXP 60+20 (кој чини некаде околу 170 евра).
Чокови, френдови и слично
На сајтов има голем број текстови за чистиот стил на качување, кој ни е голема љубов и овде нема воопшто да се задржувам на филозофирање околу тоа што е добро за иднината на качувањето како активност и младите т.е. следните генерации т.е. иднината на качувањето - а што не. А колку би сакал... Ај не и овде... Целиот асортиман во моментов ни е опрема од Рок Емпаер + чоковадач од Блек Дајмонд. Ги имаме двата сета на френдови Флексор (сите 10 големини од овој сет) и Аксел (сите 6 големини од овој сет), а изборот зошто токму нив, а не некој од другите 2 сета кои Рок Емпаер ги произведува беше „фатот“. Овие два сета најдобро ни легнаа на рака! Покрај френдовите, имаме 3 различни типа на сетови на чокови исто така од оваа компанија и тоа Гранитот, Векторот и „плехчињата“, потоа имаме 2 постари сетови на чокови и хексови исто така од оваа компанија, а исто така имаме и сет на трочоци од компанијата Камп. При качување, се трудиме секој од френдовите да си има свој единечен карабинер, а чоковите ги имаме како сетови на еден заеднички карабинер и потоа ги спаруваме со комплет или пак гуртна со карабинер - за прикопчување на јажето како точки за обезбедување.
Генерално се трудиме карабинерите да ни бидат или жичани или пак што полесни со полна, крива вратичка. Целта е повторно - имајќи ја сета таа железарија на себе, да се биде што полесен и секако прикопчувањето на јажето да биде што полесно... Инвестицијата во ова наброеното (а дел прикажано долу на фотката) е некаде грубо околу 900 евра. Оваа бројка најмногу ја диктира бројот на френдови, за кои просечна цена е некаде околу 40 евра за парче и тоа барем за тие од компанијата Рок Емпаер. Френдовите од други компании знаат да бидат „дури“ и дупло поголеми.
Горилници и садови за готвење
И така без предупредување, од опрема за качување преминувам на опрема за готвење :) Си кажав погоре дека ова набројување ќе биде без посебен редослед. Чисто да се разбие монотонијата... Бренд во овој сегмент: Примус. И точка и извичник.! На брендов сме му верни од 2002/2003та некаде, кога прва инвестиција ни беше мулти горилникот (кој може да користи различни типови на гориво со обична замена на дизната: независно дали е гас или течно гориво) на Примус - на фотката тој најлево со цревцето. Потоа дојдоа и нормален горилник (пајачето на фотката до него - со цел тоа да јаде километража: наместо на плажа да носиме 3 пати поскап горилник наменет за Месечината) и уште еден „спец“ горилник: Примус ЕтаСоло-то во кој инвестиравме за соло или ултра лесни искачувања/тури за двајца. Сад за готвење ни е класичниот алу сад на Примус со 2 подлабоки тенџерчиња и едно плитко, а за „спец“ кампнинг прилики го имаме и чајникот од 900мл. Покрај ова знаеме да си земеме и лесни пластични тањирчиња и прибор за јадење. Генерално инвестиција во тоа на фотката чини околу 350тина евра. Можеби е луксуз да се имаат 3 горилници, но веруваме дека секој сепак си има своја причина/намена и не жалиме за инвестирањето. Кога би требале да одбереме еден - најверојатно тоа би било повторно нешто такво како тоа првото што воопшто го имаме купено. Единствено можеби во идина, кога ќе дојде време да се сменат садовите за готвење, би инвестирале во тенџере на Примус кое многу подобро ја распределува топлината и има штитник од ветер и на самото себе, со што во голема мера се готви побрзо и се штеди на гориво. Сепак, мислам дека ЕтаСолото е лудило и мора секој да го има! Сигурно е најпрактичен избор кога човек сака да биде многу компактно и лесно спакуван.
Шатори
Ајде без нагли промени овој пат. Кога сме кај нешто како кампинг опрема поради горилниците погоре, ајде да споделиме во што си спиеме. Прва инвестиција на шатор ни беше 4-сезонски модел за двајца на компанијата Камп. Убаво не’ служеше и имаме само пофални зборови! Одлучивме да го смениме само поради тежината. Успеавме да инвестираме во нов, исто така 4-сезонски шатор за двајца, кој е и повеќе од 2 пати полесен: Black Diamond Eldorado. На фотката тој е со жолтата боја. Веднаш под него е 4-сезонски модел кој е бивак/шатор за еден човек: Integral Designs Sola. Ќе ги претставиме подобро овие шатори во некоја следна прилика. Причината за нивен избор е тежината. Тоа генерално значи компромис со простор, но немаме проблем со тоа. Секој кој се пакувал со многу опрема на себе, па ајде нека е и малку опрема - знае колку тежината е важна, независно дали се работи за некаква релаксирана неамбициозна планинарска тура или пак напната и многу амбициозна алпинистичка експедиција. Тежината е се’! И физичката подготвеност :P
Размислувањето што да се купи, седејќи дома на топло пред компјутер, истражувајќи уз топло какао е една работа, а сосема друга е тоа кога сето тоа што сте го купиле - ќе треба да се стави на грб.
Секогаш, секој дел од опремата гледаме да биде што полесен!
Инвестицијата во овие две шаторчиња е некаде околу 800 евра. Големиот удар доаѓа од моделот на Блек Дајмонд: шаторот во Европа има препорачана цена од некаде 600-650 евра. Шаторот за соло тури е купен пред околу 10 години при моја посета на САД и беше своевремено еден од најдобрите модели за својата намена. Произведен е во Канада и мислам дека чинеше толку: околу 150-200 евра (претворено од долари). Може да се помине поевтино! Еве на пример Тримм има 4-сезонски лесен шатор од околу 1,7кг кој чини мислам околу 300 евра. Сигурно и други брендови и модели. Сепак, нашиот избор за најголем дел од опремата е Блек Дајмонд и тоа генерално чини (не во секој сегмент, но еве во овој да). Оправдано или неоправдано - ќе правиме муабет во друга прилика.
Оптика
Овде сме исто така сега за сега верни само на еден бренд: Жулбо (Julbo). Француската компанија која е лидер во оптиката уште од 1888мата година! Првите модели ги купивме во 2000/2001ва година и веќе не се ни сеќавам како се викаа. Се работи за црниот и портокаловиот модел на фотката. Црниот доаѓа со само една леќа, пандан на денешната Спектрон 4 (значи за заштита при особено силна светлина), а портокаловиот модел доаѓа со 4 менливи леќи: тоа што денес се Спектрон 3 и Спректрон 4 леќите, потоа проѕирна портокалова, а исто така и проѕирна сина леќа. Овие два модели служеа многу добро, па би рекол и одлично бидејќи издржаа секакво малтретирање долги години, но веќе мораше да се пензионираат. Тоа значеше ускокнување на 3 нови модели. Светло синиот модел е моделот Julbo Run и е со т.н. Зебра леќа која е полихроматска (се затемнува и осветлува во зависност од тоа колку светлина паѓа на нејзе) и нуди заштита од Спектрон 2 до Спектрон 4 (сум ги користел при возење на велосипед низ Скопје во темница, а и сум скијал со овие очила!). Светло зелениот модел е супер лесниот Julbo Tensing со Спектрон 4 леќа - за особено силна светлина, а белите се моделот Julbo Cobalt со спектрон 3 - значи нешто поуниверзално, за секојдневни активности, а имам и скијано со нив (сепак - не се за тоа!). Грубо, инвестицијата во добра оптика прикажана на фоткава долу не чинела околу 450 евра при што повеќе од половината од тој износ не’ чинеле моделите со менливи и полихорматски леќи.
Ски маски и шлемови
Овде сме поделени: јас не се делам од Жулбо, а Весна користи К2. Сепак и овде изборот не беше само поради брендот, туку најмногу до фитот. Пробавме голем избор на шлемови и маски и тие кои „ни легнаа“ - тие ги користиме. И јас сакав да си имам ски шлемче кај кое ќе се подесува вентилацијата по потреба или пак ќе има звучници во делот кој ги покрива ушите за да си слушам музиче додека шредам :), каков што е К2 шлемот на Весна (виолетовиот на фотката - модел K2 Virtue), но едноставно ниту еден шлем на К2 не ми легна. Жулбо - совршено (белиот на фотката - модел Julbo Pow). Па дури и најевтин беше :) Оптиката и кај едната и кај другата маска е совршена! К2 на маските користи Carl Zeiss оптика и плус интересниот црвен флеш-финиш конкретно кај моделот на Весна (црвениот на фотката - модел K2 Captura), а тој модел кој јас го користам на Жулбо во моментов е со полихроматската леќа Snow Tiger која има заштита 1-3 (може да се скија и при облачно време и при многу силна светлина). Toa e црниот на фотката - модел Julbo Universe. Вкупниот износ на опремата на фотката по малопродажни цени е околу 500 евра.
Лавинска безбедност
Додека сме на темата снежни активности, ајде малку и за опремата која ја имаме за безбедност/превенција од лавински опасности. Додека најдобра превенција секако е познавање барем на основите на лавинологијата и воопшто избегнување на лавински терен, добро е да се има и опрема која што ќе помогне понекогаш кога работите ќе тргнат во погрешен правец... И секако, таа е за сите активности, а не само за скијање или бордање, туку и за планинарење, дрезгање, итн, итн. Во моментов двајцата располагаме со следново: лопати Спид на К2, трекери БЦА ДТС и сонди БЦА и К2 од по 3 метри. К2 и БЦА во изминативе 3-4 години ја добија нашата голема почит во нивното вложување во едукација и воопшто во промоцијата на тоа да се биде свесен за секој аспект од бидувањето „all mountain" и барем во моментов ја имаат и нашата доверба и верност. Вкупниот износ на споменатата опрема (дел на фотката - недостасува една лопата) по малопродажни цени е околу 600 евра (опрема за двајца!).
Сега за сега, толку. Продолжувам наскоро со други делови од опремата.
|