Ова е еден од ретките прегледи на опрема кој го пишувам и за кој ви предлагам многу визуелизација, а не само читање на уште еден текст легнати во фотеља или на кафе пауза. Мислам дека овој текст треба да го читате во вертикала, висејќи – еве да речеме преку прозорецот од вашиот дом... А и времето одговара токму денес тоа да го направите, додека врне.
First Shot на Black Diamond е алатка која е наменета за олеснување на правењето на сидришта на мраз или т.н. Абалаков систем. Правењето на ова сидриште подразбира навртување на две дупки во мразот, користејќи тубуларен клин, при што дупките под соодветен агол треба да се сретнат во нивниот крај. Потоа низ едната дупка се протнува замка, која треба да се дофати од крајот на другата дупка, да се извлече и да се заврзе во соодветна големина за да биде добра за абзелување...
Сето ова звучи лесно и не многу комплицирано, гледајќи ја последната епизода на омилената сапуница со кафе во раката, очи насолзени и уста ширум отворена, но затоа на почетокот реков дека во овој случај многу важна е визуелизацијата: висите на незгодно место, „кочан“ студено е (карабинерите си ги лепите на јазик), паѓа снежна прашина насекаде околу и во вас и веќе таа постапка треба да се направи многу, многу побрзо, полесно и во најдобар случај - „Од прва!“
First Shot (или „Одпрвко“ по мое) е алатка која во себе има најмалку три елементи: како швајцарско ноже за качување на мраз е :). Многу лесно ви овозможува веднаш да се погоди аголот под кој треба тубуларците да се навртуваат во мразот во зависност од нивната должина (16, 19 или 22 сантиметри); потоа со друг дел (телскопска кука) ви овозможува да ја дофатите замката која ќе ја користите за сидриште и на крај има и сечиво со кое замката може да се исече во потребна должина. И воала: сидриштето навистина се прави - „Од прва!“
Одпрвко изгледа габаритен, но не е – голем е од прилика колку и тубуларец од 13цм!
Исто така изгледа тежок, но не е – само 82 грама (на пример еден „Турбо“ тубуларец на БД е тежок од 140-170 грама)!
Корисна алатка! Ајде сега абзел преку прозорот надоле и правец – продавницата на Outdoor.mk!